Инцидент во руска нуклеарна централа, засега не е зголемено нивото на радијација
Три од четирите реактори на нуклеарната централа „Калинин“, која се наоѓа на 300 километри северозападно од Москва, беа исклучени поради краток спој на трансформаторот, објави „Росенергоатом“, наведувајќи дека засега не е забележано зголемување на нивото на радијација.
Според компанијата, поради краток спој, исклучени се високонапонски врски поради што три од четирите реактори беа исклучени во пет часот по московско време, наведува руската агенција ТАСС.
Информативниот центар на нуклеарна централа „Калинин“ соопшти дека зрачењето е нормално и дека централната опрема не е оштетена.
„Ова не е поврзано со работата на главната опрема на централата“, рече претставникот на „Росенергоатом“ за ТАСС.
Како што се наведува понатаму, сѐ уште се истражува причината за краткиот спој и се додава дека трите реактори би можеле да се поврзат со електричната мрежа до 19 јули.
„Како што ќе ги откриваме причините за хаваријата така ќе одлучуваме кои единици можат да бидат вклучени во електросистемот и по кој редослед“, наведуваат од центарот.
Портпаролот на „Росенергоатом“ изјави дека еден реактор може да проработи во текот на денот, додека другите два нема да работат додека не биде откриена причината за инцидентот, објави Франс прес.
Нуклеарната централа „Калинин“ е дел од групацијата „Росенергоатом“ и се наоѓа на северот од регионот Твер. Се состои од четири реактори со капацитет од 1.000 мегавати. Последниот реактор беше пуштен во употреба во 2012 година.
Исто така, краток спој се случи во генераторот број три во 2016 година за време на ремонт, кога две лица беа повредени, објави ТАСС.