Има ли одговорен во МНР?

Никој не сака да каже дали извлекувањето на ерменскиот бизнисмен од страна на македонските дипломати било во интерес на некоја политичка кауза, врз основа на барање услуга од друга разузнувачка служба или држава, или пак целата акција била изведена заради пари што се слеале во нечии џебови


Скандалот со уапсениот дипломат Миле Миленкоски не само што ја покажа грдата слика на Миниостерството за надворешни работи, туку и го издигна на највисоко ниво апсурдот во функционирањето на оваа институција – никој ништо не знаел кога требало да знае, сите им потпишувале на контроверзните дипломати да служат во амбасадите, никој никогаш не покренал дисциплинска постапка за инцидентите во кои беа инволвирани, а сега кога скандалот стана меѓународен, сите тврдат дека не се одговорни.

Никола Попоски го пратил Миленкоски да служи во Виена, а сега Антонио Милошоски објавува внатрешни документи за скандалот од своите филијали во МНР кои се ставени во служба на партијата место на државата. Никола Димитров еден од двајцата тепаџии го именувал за советник во кабинетот, знаел дека имало некаква постапка за него во Ерменија, ама во тоа време немало потерница. Бујар Османи, пак, првпат слушнал за џембондовскиот подвиг на тројцата дипломати откако добил известување од Србија дека Миленкоски е во притвор, бидејќи за него има потерница од Ерменија, која го обвинува дека му помогнал на контроверзен бизнисмен и брат на сменетиот претседател да избега од државата. Денес и министерот Оливер Спасовски се огради од одговорноста, изјавувајќи дека кога била распишана потерницата и за тоа било известено МВР во февруари 2020 година, тој бил само премиер а не министер, додека фотелјата му ја чуваше Наќе Чулев. Деталите никој не сака да ги изнесе, а најмалку од сите директорот на АНБ, Виктор Димовски, иако патиштата водат и до него и до службите.

Место смешниот ветинг, што го најави Османи, македонските институции треба да се запрашаат зошто токму сега, кога Македонија треба да претседава со ОБСЕ, некој решил да ја употреби потерницата против дипломатите, иако откако е издадена Миленкоски поминувал непречено граница, па и се дрзнал да се нафати за функцијата заменик-амбасадор во Виена. Сите тие што се прават неодговорни треба да кажат исто така зошто овој докажан тепаџија во амбасадите толку високо котираше во мисиите во странство, место да е разрешен, па и избркан од работа по сите инциденти за кои пишуваа медиумите? Зошто беше заштитен како бела мечка во МНР, иако името му се врзуваше само со скандали?  Дали МНР и привилегиите што ги носи, вклучувајќи го дипломатскиот статус и патните исправи, се параван за нелегални активности како оваа со извлекувањето на ерменскиот бизнисмен? И зошто активностите што се поврзуваат со двајцата дипломати нанесуваат штета на угледот на дипломатијата и на државата, место да има некаква корист од нив?

Најважно е сепак прашањето дали извлекувањето на ерменскиот бизнисмен било во интерес на некоја политичка кауза, врз основа на барање услуга од друга разузнувачка служба или држава, или пак целата акција била изведена заради пари што се слеале во нечии џебови? Бидејќи е јасно дека овие дипломати не биле дипломати, туку извршители на разно-разни недипломатски активности под чадорот на Министерството за надворешни работи. По скандалот со продавањето на македонски пасоши на најголемите светски криминалци веќе ништо не изгледа невозможно во државата, уште повеќе што и оваа акција на дипломатите наводно биле изведена со фалсификувани македонски патни исправи и под лажен идентитет.

Сумирано кажано, сите знаеле кои се „дипломатските“ квалитети на уапсениот и сите си молчеле. И никој не се наоѓа одговорен да каже за кого работел, што работел и каква корист имала од тоа Македонија? Изјавите дека приватно шверцувал, како што се тврди од Ерменија, корупмпиран бизнисмен преку граница со приватен авион и со лажни пасоши само покажува дека, како и со пасошите за светските криминалци, тој ќе биде жртвуван за да се спасат некои други, ако ништо друго само затоа што ја втурнале Македонија во ваква авантура без видлив стратегиски интерес и што лошо ја извеле акцијата.

Што и да се крие околу оваа афера, јасно е дека некој опасно се пресметал кога решил да го именува дипломатот баран со потерница и со контроверзна биографија за втор човек од Македонија во безбедносната организација каде што свој збор има и Ерменија. Особено сега, кога друга потерница од Ерменија Интерпол отфрли со објаснување дека станува збор за политички прогон, а оваа ја извади оддеднаш од фиоката.

Да не е трагично би било смешно, исто така што ваква филмска епизода истата година ни се случи и на нас – со извлекувањето на Никола Груевски  од Македонија за да бара азил во Унгарија. На МНР (покрај МВР) очигледно му треба поголемо прочистување од тоа што го најавува актуелниот министер Османи, кое ќе вклучи целосна транспарентност околу бројот и сопствениците на дипломатските пасоши, истрага за поврзаноста на наши дипломати со странски служби, истрага за шпекулациите дека со пари се купуваат амбасадорски функции, истрага за намерно предизвиканите тепачки и други инциденти по амбасадите, за тоа како се трошат парите, а пред сѐ како се злоупотребуваат заштитеноста и привилегиите на дипломатите – како претходно со шишето полно со евра.