И на Исток и на Запад и кај нас ништо ново

Зошто честите предвремени избори во регионот не се решение на проблемите, туку ја продлабочуваат кризата? Дали одговорот е затоа што се работи за битки за власт, а не за демократизација на општествата?


Кој за што, Бугарите на избори. Петти пат за две години. Резултатот горе-долу ист. Граѓаните не избраа стабилна влада. Нема крај на политичката криза во Бугарија. Собранието останува блокирано. Победничките партии на поранешните премиери Бојко Борисов и Кирил Петков не можат да коалицираат бидејќи разликите се непремостливи. На повидок се веќе годинава, во октомври, шести по ред парламентарни избори.

Со, најверојатно, техничка влада, како и досега, практично продолжува да владее претседателот Румен Радев. Во постизборниот ќор-сокак во подготовка се и три референдуми, што означува опасна политичка нестабилност. Во Бугарија, во Народното собрание по последните избори има само една коалиција на Кирил Петков и Христо Иванов, која е целосно реформска и прозападно ориентирана, но далеку е од мнозинство да формира редовна влада. Руската и националистичката ориентација е во подем. Бугарите не сакаат да ја решат бугарската рашомонијада. Очигледно на голем број граѓани им е преку глава од јаловите резултати на промените кои само ја потврдуваат кризата. На последните избори излегоа одвај 40,5 отсто од гласачите. Бугарските аналитичари велат дека гласаат во најголем дел тврдите гласачки јадра.

Разликата помеѓу европеизација и членство во ЕУ

Бугарија во демократската практика докажува колку е голема разликата помеѓу европеизација на посткомунистичките општетства и членството во ЕУ. Демократското зреење и историскиот процес на европеизација, со други зборови – како од Балканец се станува Европеец, нема ништо заедничко со влез во ЕУ на мала врата. За првото се потребни генерации и децении, а за второто протекција за незаслужена оценка од интерес на големите сили.

Во Црна Гора, по 30 години, на избори „падна“ претседателот Мило Ѓукановиќ. Личност која одбележа цела една ера од 30 години во политиката, постојано на врвот, неприкосновен и кога не е таму. Некои тоа во Подгорица и во Белград го дочекаа со олеснување, убедени дека тоа е вистинското решение. Тоа што не му успеа на српскиот вожд Слободан Милошевиќ со силен притисок и блокади на Црна Гора на патот на независноста, му успеа на Алаксандар Вучиќ со една многу поинаква пропаганда и силно влијание .

Во Црна Гора победи новото политичко движење „Европа сега“, на чело со оксфордскиот магистер, американски, британски и австриски стипендист, малку познат надвор од Црна Гора, Јаков Милатовиќ. Колку овој избор е прозападен и европски, а колку просрпски и националистички, ќе се види многу бргу на наредните парламентарани избори што ќе се одржат годинава во јуни.

Ќе оди ли Црна Гора и натаму кон ЕУ со членството во НАТО и веќе започнатите преговори, или повторно ќе биде монета за поткусурување како надомест за остапките на Србија за Косово, Црногорците ќе дознаат по мамурлакот од големата победа. Ќе им треба извесно време да го дознаат придонесот на Мило Ѓукановиќ, кој според некои оценки на германските и австриски весници е вистинскиот пропазападен црногорски политички лидер.

И Ѓукановиќ ќе има доволно време во политичката пензија да се соочи со високата цена на долгото владеење и со неминовните грешки што одат заедно со тоа.

Во Србија, исто така, на повидок се референдуми и избори и силни политички превирања. Претседателот Александар Вучиќ, кој јаваше на бранот „не дамо Косово“ сега ја трасира брзата пруга за влез во ЕУ сведувајќи ги барањата за заштита на Србите на Косово. Опозициските партии под влијание на Кремљ очекуваат Вучиќ да падне на европскиот пат токму на Косово. Додека пак неговите политички противници орентирани кон ЕУ сѐ уште не можат да го сфатат пресвртот на претседателот Вучиќ и неговата партија. Тие остануваат на платформата дека членството во ЕУ е најзначајната стратегиска определба за иднината на Србија, но дека тоа не смее да се случи со водство на Вучиќ, свесни дека тие тоа не можат да го направат, па главно ламентиираат на тоа зошто тоа не е направено порано.

Револуционерна партија во европско општество?!

Што се случува во Македонија? Исто што и на Исток и на Запад од нас, центарот на светот. Ништо ново. Избори па избори, како единствено решение за остварување на најзначајните стратегиски државни интереси. Не за промена на свеста, туку промена на власта. Не за промена на Уставот, не за влез на Бугарите во Уставот, туку преговори и влез во ЕУ со одложување на преговорите. Не е важно што тоа е невозможно, важно е и убаво е тоа да се проповеда и чуе. Што повеќе укажувања и аргументи, толку полошо по аргументите и по тие што ни укажуваат најдобронамерно. Тоа станува само доказ за светскиот заговор против Македонија.

Ништо не вредат фактите дека сите заложби и определби на политичките партии и на мнозинството граѓани, на сите влади и парламентарни состави, на сите декларации и резолуции, ратификувани договори во парламентот, сите развојни документи и национални страгегии се за членство во ЕУ и во НАТО. Тоа се безвредни хартии во споредба со избори и освојување на власта. Во суштина тоа е уште еден силен доказ дека определбата за прозападната припадност и евроатланските интеграции кај најголемите опозициски партии е лажна. Тие, вака поставени, стануваат нерелевантни и безначајни со секој чекор поблиску кон членството во ЕУ. Каква е смислата на постоење на револуционерна анахрона политичка партија во демократско европско општество?!

Сѐ она за што толку жестоко се залагаат сите политички партии и академски и деловни средини е содржано во преговорите со ЕУ и во реформските зафати – и борбата против организираниот криминал и корупција и демократизацијата на Македонија, и образованието, науката, културата, побрзиот економски развој, инфраструктурата, јавната администрација, стандардот на граѓаните, квалитетот на животот, здравството, екологијата, земјоделството… За сето тоа да оствари за да се стаса до членството во ЕУ, според сите проценки и укажувања, се потребни најмалку осум до десет години. Значи, има доволно време конечно да почне тој партиски натпревар – кој подобро и побрзо ќе ги спроведува реформите. Има многу работа за сите кои вистински сакаат Македонија да ги оствари своите најзначајни интереси.

Според придонесот кон досегашните исчекори со членството во НАТО, склучените договори со соседите, изгласани од народните избраници во Собранието, отпочнатите преговори со ЕУ и со определбата за уставните промени и влез на Бугарите во Уставот, сосема јасно се изразени и видливи поделби во македонското општество околу тоа кој за што е. Флоскулата и ние сме за ЕУ и со прозападна ориентација, но не под овие услови е дегутантна и лажна бидејќи не се кажуваат кои се тие други подобри услови кои ги отвораат вратите на ЕУ. И конечно, зошто не се кажуваат кои се тие подобри и побезболни бескомпромисни алтернативи? Ги нема ни проценките на опозициските лидери што ќе се случи со Македонија, дводеценискиот кандидат за членство во ЕУ, ако и во наредните 20 години се чекаат подобри решенија и алтернативи.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)