И Мицкоски удира во истиот ѕид


Вмровскиот лидер го оцени извештајот на Европската комисија како лажна вест. Со тоа тој некако радосно го прифати наследството на Груевски поврзано со неговите антизападни тиради

 

ЉУПЧО ПОПОВСКИ

 

Има една песна од легендарниот албум на Дејвид Боуви „Low“ насловена како „Always Crashing in the Same Car“ (Секогаш се судирам во истиот автомобил), во која „Танкиот бел војвода“ пее за тоа колку и да поминува илјадници километри на патот, гледајќи лево и десно додека вози, секогаш се судира со истиот автомобил. Некако отприлика така заликуваше изјавата од пред некој ден на вмровскиот лидер, Христијан Мицкоски, околу вонредниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Поминаа четири години од оние настани пред седиштето на Државната изборна комисија, од оние жестоки антизападни тиради на тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и луѓето од неговите втори, трети и четврти ешалони. Тоа беше дел од тогашниот страв на Никола Груевски да не ја загуби власта, затоа што таа претставуваше се за него. Најпосле, сепак, ја загуби власта, потоа речиси не престана да влегува и излегува од судниците, за конечно да избега од земјата. Но наследството му го остави на оној што го наследи.

Понекогаш изгледа здодевно да се повторуваат некои работи од тоа наследство, како она писмо на Мицкоски до тогашниот висок дипломат на Стејт департментот, Вес Мичел, каде му држеше професорско предавање како ноќта била најцрна пред зората и уште редица други „гачки“ во времето пред референдумот и потоа околу уставните измени и Преспанскиот договор. Тоа беше удирањето во истиот ѕид што го почна Груевски обземен од стравот за сопствената слобода и тоа го трансферира како неприродна идеологија врз својата партија. Со изјавата околу извештајот на Европската комисија Мицкоски го почна возењето на новиот круг во кое повторно се судира со истиот автомобил. Во некоја рака може да се се каже дека има консквентност во ставовите, но да потцениш и да отфрлиш цел извештај, кој не го очекуваа со нетрпение само граѓаните на оваа земја, туку и сите земји членки на ЕУ (меѓу нив и Франција), не е само неодговорно, туку е и доказ дека неговите политички интереси и на онаа номенклатура околу него е поважна од се. Дури и од успехот на Македонија. Дополнително, во таа изјава е сместено и едно подметнување насочено кон Делегацијата на ЕУ во Скопје. Затоа, треба уште еднаш да се прочита таа изјава:

„Она што е важно, дај боже да отпочне процесот на интегрирање на Македонија во Европската Унија ќе го води нова влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ… Доколку Зоран Заев остане да ги води тие преговори тоа ќе значи дека реверзибилната методологија че биде една приказна без крај и никогаш нема да дојдеме до местото коешто одамна го заслужуваме, да бидеме дел од европското семејство. Но, среќа што ќе се случи промена по 12 април и една нова одговорна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе реформи и ќе ја однесе Македонија на брза лента онаму каде што и е местото… Јас го прочитав последниот краток извештај којшто е испорачан од Канцеларијата на Европската Унија во нашата земја до Брисел и единствено нешто за што можам да се сложам со тој извештај е делот во кој се бара да се отпочне тој процес. Со ништо друго, за жал, не можам да се сложам, бидејќи ни оддалеку ни одблиску не ја отсликува вистинската вистина во државата“.

„Вистинската вистина”

Има една интересна работа во врска со оваа изјава дадена како одговор на новинарско прашање. Неа ја немаше во прес-клипингот испратен од ВМРО-ДПМНЕ до редакциите на медиумите, ниту пак можете да ја најдете на официјалната веб-страница на партијата. Можете само да ја слушнете на видео записот на „Јутјуб“. Зошто партијата решила да не објавува писмен запис од толку важните зборови на нејзиниот лидер, кога претходно во детали се пренесуваа сите негови изјави? Можеби сфатиле дека штетата ќе биде поголема од острината на самоуверените зборови. Или дека опозицискиот лидер уште не разбрал дека, без оглед на извештаите што од секоја земја ги испраќаат европските дипломати, конечниот збор го има колеџот на комесарите во Европската комисија. А оценките доаѓаат и од Директоратот за проширување.

За време на телевизискиот дуел со Заев, Мицкоски егзалтирано зборуваше за „големиот пријател на Македонија”, унгарскиот премиер Виктор Орбан и комесарот за проширување кој доаѓа од Унгарија, Оливер Вархеи. Тој дури индиректно навестуваше дека Вархеи работи по некакви упатства од Орбан за Македонија да доживее успех. Иако еврокомесарот за време на посетата на Скопје резолутно изјави дека тој ги спроведувува само политиките и интересите на Европската комисија. Ако бриселскиот човек на „големиот пријател” Орбан го презентирал извештајот, кој го изработил неговиот ресор пред членовите на Комисијата, како тогаш тој „ни оддалеку ни одблиску не ја отсликува вистинската вистина во државата“.

По средбата со претседателот на австриското собрание, Волфганг Соботка, Мицкоски пред новинарите ја повтори оваа реторика, додавајќи на неа и лична нота:

„Тоа се вредности коишто јас не можам да ги поддржам и тоа е конечна и лична моја одлука како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да се спротивставам на таквите лажни вести. Не можам да кажам дека е реформирано судството, кога видовме како тоа се реформирало по методот ‘трас трас‘“.

Кажано со обичен јазик, извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија бил лажна вест, а тој лично како претседател на партијата морал да се спротивстави на тоа.

Делува конфузно, а така и е. Никој не знае како ќе одлучат европските лидери на нивниот самит на 26 март, дали конечно ќе ги кренат портите за Македонија и Албанија. На прв поглед изгледа дека работата во голема мерка е завршена, но интересите на земјите членки (без оглед на сегашните поотворени најави) ќе се дознаат на самитот. Македонија навистина може да добие датум, но нема да биде неочекувано одлуката и да се одложи.

„Лична моја одлука

Изјавата на Мицкоски има едноставно објаснување – тој стравува дека отворањето на преговорите на 26 март може сериозно да ги зголеми шансите за победа на СДСМ на изборите на 12 април. А една недела подоцна и конечно да заврши процедурата за ратификација на Протоколот за НАТО во шпанскиот Сенат (заедно со потписот на кралот) и тој документ да биде испратен во депозитарот во Стејт департментот. И на една седмица пред изборите официјално да се развее македонското знаме пред седиштето на НАТО.

Зоран Заев тогаш би можел да задоволно да каже – за безмалку три години ги завршив двете работи за кои сонуваа неколку генерации политичари од 1990 година, за кои добив многу клетви, станав омразен кај еден значаен дел од македонското ткиво за начинот на којшто го направив тоа, но успеав.  Тоа не е мала работа. Но сепак, тоа не значи дека ќе ги добие изборите.

Што е она што изгледа дека го тера Христијан Мицкоски да се судира со истиот автомобил? Ако тој вели дека третирањето на извештајот на Европската комисија како лажна вест е „е конечна и лична моја одлука“ тогаш оценувањето на политичкиот опортунитет може да ги премине границите на интересите на неговата партија. Можеби тој би сакал да ја стави во целосен ризик партијата за да може да каже дека ја извојувал клучната победа над Зоран Заев. Досието во политичката пресметка со Заев речиси целото е пополнето со политички порази. Како генерален секретар на партијата беше сведок на големиот пораз на локалните избори во 2017 година. Потоа, гледаше отстрана како течат преговорите за Преспанскиот договор, упатувајќи предупредувања дека историјата ќе му судела на лидерот на СДСМ и дека тој го предал македонскиот род. Потоа не му успеа да го спречи донесувањето на уставните измени и покрај сите притисоци врз одметнатите пратеници. Ја промовираше Гордана Силјановска-Давкова како кандидат за претседател кој сигурно ќе ги добие изборите. Дури одбиваше да помисли на поинаков исход. Можеби разбра, а можеби и не, дека одличниот резултат на Силјановска-Давкова во значајна мерка се темелеше на нејзиниот углед во многу граѓански средини, кои не се особено наклонети кон вмровската идеологија. Тој одличен успех на Силјановска-Давкова тој во голема мерка го протолкува како негов личен успех во обновата на растресената партија. Сега не сака ни да помисли дека би можел да ги загуби изборите на 12 април и покажува неверојатна нестрпливост да дојде тој датум. Ако може на некој начин и да се прескокне времето.

Нестрпливоста произведува грешки, како оваа со третирањето на извештајот на Европската комисија како лажна вест. Со таков однос не се добиваат неопределените гласачи или оние кои се уште размислуваат дали да излезат на избори. Но, кој знае, можеби има и други работи кои почнуваат да се тркалаат како некаква движечка сила во партијата кои ги поттикнуваат овие постапки. Според некои внатрешни вмровски извори зачудувачки пораснало влијанието на структурите блиски до поранешниот претседател Ѓорге Иванов внатре во партијата. Изборот на Наќе Чулев за технички министер за внатрешни работи е еден од тие сигнали. Не само поради тоа што тој повеќе години беше директор на Агенцијата за разузнавање именуван од Иванов, туку и поради тоа што тој во најтесниот круг соработници во МВР донесе луѓе од од истата таа Агенција. Тоа не е работа што им се допаѓа на многумина во високата вмровска номенкалтура. Тие како да гледаат дека некои работи се движат на друг колосек од базичните вмровски интереси.

Постојаните повикување од вмровското седиште и од проопозициските медиуми за нов дуел меѓу Мицкоски и Заев на одреден начин покажува дека концептот за победа се движи на лизгав терен. Однадвор изгледа дека Мицкоски би одел секоја вечер на телевизиски дуел со Заев додека неговиот ривал конечно не се измори, бидејќи тоа нему нема да му се случи. Неговата изјава еден ден по дебатата на Канал 5 дека тој се „забавувал“ на дуелот е една од најлошите политички изјави во последниве 20 години кажана без такт, без политички усет, па дури и без елементарно политичко знаење.

Па, сепак, политиката некогаш е необјаснива работа. Како и расположението на гласачите. Затоа, шансите на Христијан Мицкоски на 12 април се исти како и оние на Зоран Заев. Неколку работи можат да натежнат на некоја страна од вагата во време на кампањата, кои не мора да значат дека непосредно се поврзани со членството во НАТО или можниот датум за преговори со ЕУ. Туку повеќе со невнимателни изјави или погрешни проценки.

(Текстот е објавен во Дојче веле)