Хрватска не може да остане политички хермафродит

Заблуда е дека треба да се прекине „усташко-партизанската војна“, напротив, треба да се продлабочува додека не се добие јасен одговор кој бил на вистинската, а кој на погрешната страна во Втората светска војна


Ете ти! Иницијативата на Анте Нобило, која дојде на масата на претседателот Зоран Милановиќ да ги помилува Перковиќ и Мустач (двајцата поранешни функционери на југословенската тајна полиција се осудени на доживотен затвор – н.з.), сосема неочекувано предизвика раздор во кој се вклучи и дел од генералите. Меѓу нив се и оние кои биле или сѐ уште се познати како луѓе на ХДЗ. Да се разбереме, Нобило не е аматер кој би барал прошка за двајцата затоа што со тоа би ја дерогирал одлуката на германскиот суд. Но, тој е вистински мал виртуоз во судските шаховски комбинации. Ова го знам од мое искуство. Кога јас и Виктор Иванчиќ бевме судени за навреда на Фрањо Туѓман тој, за разлика од тогашната и сегашната елитна адвокатска екипа, зазеде оригинална позиција. Обвинението беше, потсетувам, дека „Ферал“ го навредил претседателот Туѓман со фотомонтажи и текстот „Мешање на коските“ во Јасеновац, а Нобило, за разлика од некои други членови на правниот тим кои беа за процедурално оддолжување на судењето, го претвори во контранапад. Тој го обвини Туѓман дека сам со „мешање“ го навредил претседателот. Така, одговорноста ја префрли на шефот на државата, а тоа во голема мера важи и денес. Затоа, ако Јосип Перковиќ е навистина виновен за убиството на емигарнтот Стјепан Ѓурековиќ, згора на тоа, ако е крволок на хрватските емигранти, како што едногласно го оценува усташката носталгична десница, зошто Туѓман воопшто го вработил на почетокот 1990-тите, дури и го издигнаше во државна хиерархија. Првиот впечаток е, јасно, дека биографијата на нив двајцата е премногу слична за Туѓман да го отфрли Перковиќ, всушност тие станаа едни од најблиските соработници.

Се разбира, никој од десната или левата страна не се осмелува да го отвори ова прашање, иако без тоа нема јасен одговор како настанала новата Хрватска, иако има индиции дека се работи за удбо-усташка творба која беше прво отфрлана од западните земји и потоа премолчено прифатена. Но, ова и онака не е тема на јасни одговори. Згора на тоа, сите ја заматуваат водата од својата страна на барата. Така, проусташката десница одлучно отфрла дека Хрватска е создадена од Удба, очигледно сугерирајќи дека таа е создадена од неа, но истовремено тврди дека удбашките кртови го бојкотирале помилувањето на Мирко Норац и Томислав Мерчеп. Во тоа глупаво се вклопи и Зоран Милановиќ, кој го обвини Андреј Пленковиќ дека татко му бил удбаш, иако според елементарната правна аритметика, децата не можат да одговараат за однесувањето на нивните родители. Во секој случај, споменатата бара е преполна со крокодили кои се напаѓаат и тоа само затоа што основниот факт е заборавен. Имено, Хрватска не е создадена по моделот на т.н обоени револуции што се случија во голем број други земји, освен срастувањето на презрелиот комунизам во незрелиот националистички капитализам, при што двете страни соработуваа најдобро што можат. Ова кулминираше со тоа што никој не спомна дека меѓу десетиците ликвидирани усташки емигранти има озлогласени, монструозни криминалци. Што значи дека преовладува ставот дека нашите убијци се подобри од вашите, а тоа значи да ги исклучите светлата во крчамата и да се фаќаат за врат лудаците за кои не знаеш кој повеќе се мрднал од умот.

Дополнително, против Перковиќ беше поднесена кривична пријава поради сомнение дека тој лично учествувал во тепањето затвореници во Керестинец во раните 90-те години, но не била поведена постапка, а по некој случај да беше обвинет во ХДЗ и остатокот на десницата би скокнале на на нозе. Затоа од почеток мислам дека тој и Мустач не требаше да бидат екстрадирани, туку да им се суди во Хрватска, но тоа не е сѐ. Имено, се наметнува прашањето за севкупниот легитимитет на постапката за аболиција со која би се помилувале двајцата. Да потсетам дека доброто судство вклучува не само добри истраги и добри судења, туку и зрела атмосфера во општеството која не би можела да се толкува како притисок врз судството, а кај нас тоа го нема. Навивачките кланови толку влијаат врз судските одлуки што не може да се нарече правосудство туку кривосудство. За какво регуларно правосудство се работи, по ѓаволите, кога двајцата главни актери во приказнава, Милановиќ и Пленковиќ, удираат еден врз друг со најжестоки обвинувања за удбаштво и предавство, иако за тоа нема докази, нема ни иницијатива да се дојде до тие докази. Додуша, ова има една хумористично-пародична карактеристика, а тоа е дека во создавањето на Хрватска не учествувале само една туку две удби, но да го оставиме тоа. Многу посериозно, дури и застрашувачки е што ова вербално мечување продолжи и на самата комеморација во Јасеновац, како десетици илјади луѓе кои беа убиени таму да загинаа во некоја голема природна катастрофа, а не во геноцидно воено злосторство. О, да, сега инаку гласната теза дека треба да се прекине „војната на усташите и партизаните“ секако ќе се зајакне, но во основа е длабоко неточна. Милановиќ, иако е поагресивен во ова вербално мечување со Пленковиќ, во суштина е во право. Оваа усташко-партизанска војна всушност треба да продолжи сѐ додека не се разјасни до последната точка кој бил на вистинската, а кој на погрешната страна во таа војна.

Ако не сака да остане политички хермафродит, односно половина фашистичка, половина антифашистичка земја, Хрватска едноставно мора да постигне консензус за злосторствата на Независната Држава Хрватска и не треба да има ни милиметар отстапување. Секако, секогаш ќе има фанатични лудаци кои нема да го прифатат тој консензус, но тоа не е единствениот проблем. Сега зборуваме за десет точки со кои владејачката коалиција се обидува да го надмине овој проблем. Но гореспоменатите милиметри веќе протекуваат поради две прашања на кои допрва треба да се одговори. Тоа се забраната за истакнување усташки симболи и извици „За дом спремни“ и преместување на комеморацијата во Блајбург во Хрватска (Мирогој, Удбина). Се разбира, ова е длабоко разочарувачки, бидејќи за основните цивилизациски достигнувања не може да се разговара, а камоли да се тргува, што би било приближно исто како да се покрене прашањето за уставна еднаквост меѓу мажите и жените или белците и црнците. На крајот на краиштата, нема толку многу разлики меѓу Милановиќ и Пленковиќ како што излегува од овие викотници, па тие двајцата своите караници ги префрлаат на резервното игралиште на Босна и Херцеговина. Но, неволјата е што тука тие разлики се уште помали и само се надувуваат, затоа што и двајцата се држат како пијан за плот на конститутивноста на хрватскиот народ, но затоа се слеваат обвинувања дека еден се држи за тоа на овој, а неговиот соперник на друг начин.

Затоа хрватската политичка сцена би требало ако не се лустрира, за што сега е предоцна, а двете страни не покажуваат интерес за тоа, тогаш барем темелно да се преора за земјата да се врати во нормала. Но, за тоа би биле потребни трактори со повеќе плугови, а тие се надвор од видното поле.

(Маринко Чулиќ е хрватски новинар. Текстот е објавен во хрватскиот магазин „Новости“.)