Хелсиншки комитет: Човековите права да бидат во фокусот на политиките за закрепнување од кризата

За овогодишното одбележување на 10 Декември- Денот на човековите права, Обединетите нации ја избраа темата „Recover Better – Stand Up for Human Rights”, ставајќи ги човековите права во центарот на напорите за подобро закрепнување од пандемијата на КОВИД -19.

Како што соопшти Хелсиншиот комитет за човекови права, и кај нас, како и во другите земји во светот, пандемијата ги исфрли во прв план системските аномалии и слабости на државите, коишто придонесуваат за зголемување на нееднаквоста и дискриминацијата по различни основи.

-Хелсиншкиот комитет уште на почетокот на кризата предупреди дека човековите права и слободи мора да бидат земени предвид при преземањето мерки за заштита и справување со пандемијата, а дека ранливите групи граѓани мора да бидат заштитени во новонастанатата ситуација. Поаѓајќи од секојдневните контакти со граѓани, кои се соочиле со прекршување на нивните права, како и редовниот мониторинг на состојбите во повеќе области, нашите клучни препораки за претстојниот период на закрепнување од кризата се: дискриминацијата по различни основи е коренот на многу проблеми. Затоа е потребно креирање на професионални и ефикасни тела кои ќе се борат против нееднаквоста во општеството, проследено со сериозни системски промени кои ќе овозможат доследна примена на начелото на еднаквост во сите општествени сфери. Новиот Закон за работните односи треба да ги рефлектира вистинските потреби на работниците што ги наметна кризата и да ги вклучи лекциите произлезени од неа, со цел да се подобри состојбата со работничките права, Жените се несразмерно повеќе погодени од последиците на пандемијата. Носителите на одлуки не смеат да ја игнорираат родовата димензија на кризата, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.

Тие препорачуваат дека е потребно носење и имплементирање на политики за унапредување на родовата еднаквост, кои ќе ја адресираат специфичната положба во која се наоѓаат работничките, а истовремено ќе овозможат постојниот општествен и трудов систем да ги заштити подеднакво сите работнички, без разлика на нивниот статус во работните процеси (формален или неформален).Потоа, наведуваат, потребна е сеопфатна политика и мерки кои ќе ги заштитат сиромашните граѓани и ќе ги извлекуваат од состојба на постојан социјален ризик. Усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, мора да биде проследено и со длабоки реформи во постапувањето на надлежните институции.

Натаму се наведува дека лицата со попреченост се уште претставуваат една од најмаргинализираните групи во општеството и беа диспропорционално засегнати од ефектите на пандемијата. Потребно е, се посочува,  нивна еднаква вклученост во процесите на донесување одлуки и во сите сфери на општествениот живот со цел да се обезбеди нивно непречено функционирање и достоинствен живот.

Се препорачува и санкционирање на говорот на омраза затоа што ги продлабочува поделбите меѓу луѓето и влијае на нарушување на принципите на солидарност и хуманост, како и воспоставување на превентивен образовен механизам и едукација на младите за надминување на предрасудите и стереотипите.

-Врз што ги темелиме овие препораки? Здравствената криза инстантно предизвика низа социо-економски потреси. Како резултат на тоа, Хелсиншкиот комитет годинава регистрира рекорден број од 600 барања за бесплатна правна помош. Најголемиот дел од нив, односно повеќе од 300 пријави, се однесуваат на работниците и нивните права, чие грубо прекршување започна веднаш по прогласувањето на вонредната состојба. Губењето на работните места, незаконските откази, намалувањето на платите, како и несоодветните услови за работа во новонастанатата состојба, се меѓу најчестите последици од ударот на пандемијата врз работниците, наведуваат од Здружението на граѓани.

Родовата нееднаквост, се додава, е еден од клучните проблеми на општествата и во ,,нормални’’ услови, па неминовно беше кризата да има и родова димензија. За тоа говори фактот што две третини од пријавите кои пристигнаа во Комитетот се поднесени од жени. Текстилните работнички и во кризниот период останаа една од најпогодените групи- и во однос на несоодветниот превоз и услови  за работа во време на пандемијаа, и во однос на непродолжување на договори за работа и ослободување од работни обврски на хронично болните. Една од најчесто прекршуваните мерки беше ослободувањето на еден родител од работа, која иако беше замислена како родосензитивна мерка, не се оствари како таква во пракса.

На ова се надоврзува и состојбата со семејното и родово базираното насилство, на која се предупредуваше уште на почетокот на кризата, со оглед на тоа што рестриктивните мерки како изолација и карантин беа оценети како причини за зголемен ризик од насилство. Најавите за усвојување на Законот за семејно и родово базирано насилство даваат надеж дека за голем дел од проблемите засилени со кризата, ќе им се пристапи системски, а жртвите конечно ќе добијат соодветен третман и заштита. Домот не е безбедно место за многу жени, но и за многу припадници на ЛГБТИ заедницата, за кои изолацијата во домот кој не ги прифаќа, претставуваше дополнителен ризик за нивното физичко и ментално здравје.

Кризата дополнително, се наведува понатаму, го продлабочи социјалниот ризик со кој се соочуваат бројни семејства во земјава. Иако државата ги приспособи постапките за остварување на правата од социјална заштита и креираше сетови мерки за поддршка, пандемијата нè соочи со евидентните социјални разлики и продлабочувањето на огромниот јаз помеѓу сиромашните и богатите. Кризата покажа дека и групите кои се маргинализирани, беа несразмерно погодени од кризата- лицата со попреченост, старите лица, бездомните лица, а со специфични последици се соочија и децата, како и лицата сместени во затворени институции. Комитетот во октомври подготви посебен извештај за состојбата со човековите права во време на Ковид-19, а и годишниот извештај на Комитетот кој ќе биде изработен на почетокот на 2021-ва, ќе ги сумира сите наши податоци и сознанија од оваа кризна година, наведуваат од Хелсиншки комитет.

Недостатокот на функционално специјализирано тело за превенција и заштита од дискриминација за време на кризата, во ситуација кога човековите права се дополнително ранливи само го продлабочи нееднаквиот третман во низа општествени сфери како работните односи, социјалната и здравствената заштита.

-Што се однесува до пристапот до здравствена заштита, констатираме дека на површина излегоа сите болни точки на македонското здравство, како последица на долгогодишните нерешени проблеми во здравствениот систем. Евидентна е и појавата на кризно профитерство преку астрономски цени на услуги во приватните здравствени установи, кои се недостижни за поголемиот дел од населението. И конечно, неизбежно е да се наведе дека тензиите предизвикани од рестриктивните мерки, во комбинација со политичките настани, го зголемија и говорот на омраза во јавниот дискурс, како и појавата на лажни вести и дезинформации поврзани со пандемијата. Кризата потврди дека отсуството на санкции и други мерки за справување со овој негативен феномен ја потхранува нетрпеливоста и конфликтите, а таквата атмосфера дополнително го отежнува справувањето со криза од вакви размери, кога солидарноста и емпатијата се неопходни за зацелување на општеството, наведуваат од ова Здружението на граѓани.

Солидарноста е клучна вредност и на глобално ниво, бидејќи кризата сè уште  трае, а нејзиното завршување зависи од меѓународната соработка и поддршка. Затоа, на денешен ден, кога се одбележува усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права во 1948 година, мора гласно и одважно да се инсистира на почитување на фундаменталните права, доколку сакаме ,,новото нормално’’  да значи и градење подобар свет, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.