Владата го усвои Предлог законот за заштита од пушење
Владата денеска го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, соопшти Министерството за здравство.
– Ова е важен чекор за јавното здравје и за создавање поздрав, побезбеден и поодговорен јавен простор. Законот е резултат на широк институционален процес, разговори со засегнатите страни, консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските органи, експертската јавност и поддршка од Светската здравствена организација, се наведуваат од МЗ во објавата на Фејсбук.
Премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор пред неколку дена, изјави дека очекува Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, по усвојувањето од страна на Владата, во најбрз можен рок да помине и во Собранието. Како што најави, законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат своите локали. За оваа одредба се предвидени 12 месеци грејс период.
Мицкоски нагласи дека предложениот текст е компромисно решение, изготвено низ инклузивен процес, со консултации на сите засегнати страни – здруженијата, производителите, дистрибутерите, хотелиерите, луѓето кои имаат свои ресторани, ноќни клубови…
И претставниците на бизнис секторот потврдија дека законот се креираше со партнерски пристап. Воедно искажаа благодарност за разбирањето од страна на Владата – да им се овозможи период од една година за соодветно да ги преуредат терасите во објектите.
Законот, како што беше нагласено на состанокот, ја затвора сивата зона за терасите – воведува прецизни и спроведливи критериуми како треба да бидат адаптирани кога станува збор за пушењето. Предвидува и строги, ригорозни контроли за евентуално непочитување на неговото спроведување.
Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа пред еснафот дека очекуваат доследна примена на законот по неговото донесување и апелираа дека нема да има повластени.