Ханкок: Очекуваме целосно исполнување на договорите за вакцините


Британскиот министер за здравство, Мет Ханкок, изјави дека неговата земја очекува целосно да бидат исполнети договорите за вакцини со производителите, откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска кажа дека Унијата може да го запре извозот, јави ДПА.

На брифинг со новинарите, Ханкок попладнево кажа дека вакцината „АстраЗенека“/ „Оксфорд“ е произведена со истражување финансирано од британската Влада и тоа помогна во поставувањето на синџирот за снабдување и во Велика Британија и во ЕУ.

Ханкок додаде дека Велика Британија „потпиша легален договор“ за испорака на 100 милиони дози од вакцината „АстраЗенека“/„Оксфорд“ за Британците.

Осврнувајќи се на коментарите дадени од Фон дер Лајен, британскиот министер додаде дека не треба да има „ограничувања за извозот на вакцини од компании што ги исполнуваат договорните обврски“.

-Набавката на вакцини од европските производствени капацитети за Велика Британија навистина е исполнување на договор и ние очекуваме договореното целосно да биде испорачано, рече Ханкок на брифингот со новинарите, пренесе ДПА.