Хамбург ги зголемува безбедносните мерки за Парадата на гордоста по нападот во Берлин
Полицијата во Хамбург планира засилени безбедносни мерки за настаните за Парадата на гордоста во северниот германски град овој викенд, по смртоносниот напад во Берлин.
Портпаролот на полицијата денеска изјави дека силите го зголемуваат бројот на полицајци кои треба да бидат распоредени за главната парада во Хамбург в сабота, без да даде конкретни бројки.
– Независно дали пред, за време или по парадата, ќе имаме силно присуство и ќе бидеме достапни за учесниците – рече тој.
Според полицијата, организаторите очекуваат 250.000 учесници на парадата во Хамбург, која е дел од настаните за „Кристофер Стрит Деј“ (КСД) во градот, името што се користи за Парадата на гордоста во Германија.
Портпаролот на полицијата изјави дека иако нема конкретни разузнавачки информации за закана во врска со настаните за КСД во Хамбург, Германија се соочува со општо високо ниво на закана и безбедносните органи затоа остануваат внимателни.
Полицијата ќе се потпре на својот испробан и проверен оперативен план, вклучително и безбедност на рутата и бариери за спречување на возила да влетаат во толпата, пренесе ДПА.
– Полицијата стои цврсто со квир заедницата и го прави својот дел за да се осигура дека КСД и сите настани од Неделата на гордоста ќе можат да се одржат безбедно – додаде портпаролот.
Една жена загина, а 29 лица беа повредени за време на претпоставениот исламистички напад врз прославите за КСД во Берлин во саботата. Осомничениот (21) роден во Берлин, Абдул Б., според извештаите со комбе влетал во толпа и ги нападнал минувачите со мачета пред да побегне, што доведе до целодневна потера која заврши кога полицијата го застрела.