Халанд е поефикасен дури од седум премиерлигашки клубови


 

Едгар Халанд постигна гол против Фулам во неговиот 30. премиерлигашки натпревар, 34. сезонава во лигата, но и вкупно 50. ако се погледнат сите натпреварувања во кои играше во текот на целата сезона.

Тој одигра само 44 натпревари, веќе собори голем број рекорди, а големото прашање што го поставуваат англиските медиуми е дали може да го собори и рекордот стар речиси сто години.

Во својата прва сезона во англиското првенство, незапирливиот 22-годишен норвешки напаѓач прави налет кон трофејот за најдобар стрелец во лигата. Конкуренцијата е далеку зад него, па Хари Кејн од Тотенхем оваа сезона постигна 25 гола, девет помалку од него, а трет на листата на стрелци Иван Тони од Брентфорд, дури 14 помалку.

Колку е доминантен Халанд зборува податокот дека тој постигна 50 гола во 2022/23. или постигна вкупно 21 гол повеќе од кој било друг играч кој игра во клуб од Премиер лигата, но и дека е поефикасен од дури седум премиерлигашки клубови во сите натпреварувања оваа сезона.

И додека Халанд соборува рекорд по рекорд, останува да се види дали ќе успее да го собори и оној што го држеше покојниот Дикси Дин, играчот кој беше наречен „најголемиот напаѓач што некогаш ќе постои“. Поранешниот напаѓач на Евертон играше во сезоната 1927/28. 41 натпревар за Евертон и постигна 63 гола во тој период. Само во англиското првенство таа сезона постигна 60.

Рекордот стар речиси сто години би можел да падне бидејќи Халанд е на -13, а пред него се уште можни 10 натпревари, шест во Премиер лигата, финалето на ФА Купот и максимум три во Лигата на шампионите, под услов дека неговиот Манчестер Сити преку Реал Мадрид ќе се избори за финалето на тоа натпреварување.