Гусларот на говорот на омраза ММ – Зини земјо!


НАНО РУЖИН

Живееме во епохата на социјалните мрежи и интернетот, кога новите механизми на комуникација му овозможуваат на секого и под закрила на анонимноста да стане автор на публикации, статуси, навреди без да се грижи за одговорноста. Ги читаме навредите од страна на разните хајтери-анонимци, но и оние кои со полно што име и презиме немаат срам од говорот на омразата, исмејувањето и навредите. Оноре де Балзак бесрамниците ги смета за нестабилни „особењаци“: „Онаму каде што е стравот таму е и нивната бесрамност“. Психоаналитичарите сметаат дека секој што критикува, всушност, е оптоварен со чувство на злоба и сонува да биде на местото на навредуваниот. Публиката како во театарот, наместо аплаузи, дава лајкови. На тој начин се создаде една нова култура на математичка анализа по која следува препознавањето на пријателите, божемните пријатели и непријатели. И тоа трае и се повторува слично како во приказната на Касовиц за човекот кој паѓа од 50. кат и кој постојано си повторува: „Засега сум жив, засега сум жив, сѐ е во ред, засега сѐ е во ред“. Во овој случај падот и атерирањето не се битни исто како и авторот на говорот на омраза, туку секвенцата на слободниот пад, односно ефектот на комуницираната омраза. Целата оваа техника може да се спакува во делот наречен „слобода на изразување“, категорија што беше изгмечена и згазена како догорче за време на илибералниот режим на Груевски.

Слободата на изразување е една од фундаменталните метафори на демократијата. Како што порачуваше амблематичниот професор Марјановиќ, преку почитувањето на индивидуалните права неопходно е бескрупулозно гарантирање на слободата на изразување. Доколку слободата на мислење и изразување е навистина скрупулозна, гарантирана и безгранична, тоа не значи дека е апсолутно дозволена нејзината злоупотреба. За жал, ниту нашите закони се адаптирани според духот на времето на новите електронски комуникации, ниту технологијата за нивното блокирање или отстранување е ефикасна. Единствено е јасно дека е неопходна одговорноста на оној што преку своите писанија пропагира омраза и провоцира насилство.

Првите искуства во Македонија за говорот на омраза беа наивни и ограничени, како во техничка така и во содржајна смисла. Со стекнувањето на независноста, и покрај неколку непријатни епизоди насочени против Глигоров, Црвенковски, Георгиевски или Гошев, говорот на омраза во Македонија беше релативно ретка појава. Најчесто привилегирана цел на навредите беа лидерите и тоа за време на предизборните црни кампањи или свечените општонародни митинзи. Во сеќавање се навредите врз Глигоров во Крушево или оние на Љубиша Георгиевски кој на Албанците им порача дека „лавот ќе им ги скрши канџите на албанските орли“. За време на кризата од 2001, „јазикот на омраза меѓу Албанците и Македонците“ дегенерира како резултат на меѓуетнички судир. Завојуваните страни ги квалификуваа непријателите како „фашистички орди, терористички фаланги, славомакедонски окупатори“ испеани низ фолклорни песни и стихови на Македонците и Албанците.

За балканското поднебје поезијата, гусларските наративи и епски митови не беа новост. Многу фолклорни мотиви, слогани и стихови со родољубива содржина, но и омраза кон спротивниот табор веќе одамна беа присутни на некогашниот југословенски простор. Во деведесеттите, во најкрвавиот судир на Балканот по имплозијата на СФРЈ, во Хрватска, Босна и Херцеговина, народите пејачи ја негуваа омразата помеѓу „усташите“, „српските четници“ и „балиите“. Некои како Хрватот Томсон се повикуваа на минатото и логорите на смртта и ги величаа домашните нацисти: „Јасеновац и Градишка, тоа се домови на Максовите месари… сјае ѕвездата над Метковиќ, поздрави го Анте Павелиќ“.

Србите возвраќаа во истиот стил: „Усташка ви мајка ваша, ќе ја љубите кокардата наша“. Во Босна тие ги величаа генерал Младиќ и Радован Караџиќ, бранителите и обединувачите на Србите, а го напаѓаа Алија Изетбеговиќ: „Не те сакам Алија, бидејќи си балија, секој ден ти носи Дрина по сто (убиени) муџахедини“, Бошњаците од своја страна одговараа: „О четници, четници… злосторници и убијци, силувачи и плашливци, кога сте сами бегате како глувци“.

Во деведесеттите српските и хрватските националисти сметаа дека нивните нации се првите нации во светот. Тоа беа митовите за „небесните народи“. Се негуваше митот за „длабоките историски корени“. Верувањето во библискиот корен и долговечност на народите беше неизбежен рефрен кај сите балкански националисти. Тоа беше уште еден добар аргумент за говорот на омраза против комунистичките историчари и оние што мислеа поинаку. Новите држави беа протолкувани исклучиво како продолжение на древните антички кралства и се сервираше „видливата“ поврзаност на денешните Македонци со поданиците на Филип Втори и Александар.

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година отпочна една невидена кампања на антиквизација и барањето крвни врски со „нашите сонародници“ во Пакистан и Авганистан. Напоредно јакнеше и говорот на омраза против тогашната опозиција. Пропагандниот центар на ВМРО-ДПМНЕ изготви карти за играње покер со сликите на раководните луѓе на СДСМ, слично како што тоа го направија Американците со уценетите лидери на Ал каеда. Нивните новинарски мегафони создадоа посебни уметнички симфонии во говорот на омразата. Чудно, освен еден или двајца, денес сите мистериозно исчезнаа.

Деновиве сличен еден митолошки еп со националистичка реторика на омраза на кого единствено му недостасува гусла, осамна и на страниците на еден десно ориентиран портал потпишан од страна на поранешен министер и постар член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ: „Те убија земјо моја мила, ти го сменија вековното свето име Македонија, те направија Северна, Никола Димитров, Егеец по татков род од Цакони, изрод мајко, Ти потпиша смртна пресуда, Над главата му стоеше диктаторот од Муртино Зоран Заев, велепредавник и лажливец… Залутаниот во вилата Водно Стево Пендаровски, Како со токмак удрен во глава. На Илинден се плаши да го изговори името Македонија… Кажи МАКЕДОНИЈА ст.ко…!

Авторот е со полна уста омраза, инсинуации, навредувајќи ги архитектите и потписниците на Договорот од Преспа, третирајќи ги како „душмани, јуди, бедни изроди и гниди“, слично на наративот на српските гуслари Ѓорѓија Копривица, Борис Станишиќ или Милош Шегрт, кога ги опеваат клетите усташи и муџахедини, хероите Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, злосторничкото НАТО. Нашиот автор „гусла“ за гробовите, пролеаната крв, за Македонија – мајката страдалничка. Тој ги навредува и дискриминира Егејците. Конечно во стилот на „смртно ранетите борци кои умирале на усните со името Македонија“ хиперболички воскликнува „О, Македонијо, Македонијо, за тебе умирам“. Дали е ова некој нов соц-инфантилен реализам на авторот инспириран од севернокорејските филмови? Тој се идентификува со паднатите борци и едвај изустува „со последниот здив – ќе победиме!“ За хипокризијата да биде поголема, човекот е цел живот на функции заедно со својата сопруга. Патем нашиот новокомпониран патриот е дебело ситуиран и „нацицан“ од, како што вели, „крвавата Македонија“.

Суштината на распеаниот и разочаран поет ММ не е само да ги дестабилизира познатите личности и политичари. Целта е да удри силно за да добие едно нездраво параноично уживање, како што Стенли Кјубрик го покажа тоа во своето ремек-дело „Пеколен портокал“ преку срамниот акт на малиот развратен ганг. Корените на таквиот однос потекнуваат од ТВ-ријалити шоуа во стилот на „Големиот брат“, каде што гледачите уживаат и се изживуваат во директните преноси исполнети со заемни навреди, вулгарности и понижувања на учесниците. Тоа е вид компензација на нивните мали фрустрации. Крајна цел на таквите испади на социјалните мрежи е преку добро подмачканата машина да се нагрди или сруши сликата за некој што е познат, популарен, афирмиран. Искривувањето на целната личност не е само еден факт, туку еден вид офанзивен напад. Знаеме дека денешниот човек е сѐ повеќе импулсивен, насилен, понижувачки настроен од разни причини. Единствената моќна алатка која му овозможува да се чуе неговиот глас се социјалните мрежи. Меѓутоа, дали треба да се овозможи оваа модерна практика да стане новиот Див Запад од времето на каубоите и Индијанците?