Груевски засега може да биде мирен во Будимпешта. За него нема меѓународна потерница од Интерпол
Азилот не е запишан во камен, пишува унгарскиот медиум „Телекс“. И тој може да се поништи ако наводите во него не биле точни
Никола Груевски може да биде екстрадиран во Македонија ако тоа го побара нашата држава, но може и да остане во Унгарија. Барем засега.
Откако победникот на изборите во Унгарија, Петер Маѓар, минатиот понеделник на неговата меѓународна прес-конференција ги посочи двајцата поранешни полски министри и Груевски како азиланти од кои треба да се ослободи неговата земја, владите во Скопје и Варшава го дочекаа ова со измешани очекувања. „Унгарија не е депонија за меѓународно барани криминалци“, изјави Маѓар.
Полската влада на Доналд Туск со нетрпение очекува да бидат испорачани двајцата бегалци од правдата, поранешниот министер за правда и неговиот заменик, Збигњев Зиобро и Марчин, Романовски, додека Христијан Мицкоски иако јавно рече дека Груевски ќе биде однесн во затвор ако се појави на границата, не би сакал да го види неговиот претходник во ВМРО-ДПМНЕ во државата и со тоа да се предизвикаат поделби во партијата.
Влијателниот унгарски медиум „Телекс“ објавува поголема сторија каква би можела да биде судбината на овие тројца бегалци кои добија политички азил од владата на Виктор Орбан.
„Телекс“ пишува дека „формулата е комплицирана од два фактора: од една страна, сите тие имаат азил, а од друга страна, меѓународна потерница – по минатогодишното отфрлање, по втор пат – е на сила само против Романовски. Покрај тоа, екстрадицијата на Груевски очигледно не ја турка неговата земја, поради домашни политички причини“.
Но во исто време се нагласува во текстот дека „азилот не е запишан во камен“.
Како политичар од партијата Право и правда (ПиС), сојузник со Фидес, но во опозиција во 2023 година, Марчин Романовски дојде во Унгарија во декември 2024 година и му беше одобрен политички азил. Во Полска, обвинителството го обвини за 11 обвиненија, вклучувајќи ја и наводната злоупотреба на јавни средства. Владата на Доналд Туск беше толку огорчена од инцидентот што го повика својот амбасадор акредитиран во Будимпешта во Варшава. За да го заштити Романовски, владата на Орбан, исто така, го измени законот и ги влоши веќе лошите односи со полската влада. Причината на владата беше дека полскиот политичар нема да може да добие фер третман во својата матична земја.
Зиобро, кој е исто така одговорен за нелегалната употреба на шпионскиот софтвер „Пегаз“, беше откриено во јануари оваа година дека дошол во Унгарија со својата сопруга „користејќи го азилот доделен од владата“. Тој се гони по 26 обвиненија – вклучувајќи злоупотреба на службена должност и водење криминална организација. Варшавскиот суд нареди апсење на Зиобро, но поради жалбите, тоа сè уште не може да се изврши, па затоа не може да се издаде меѓународна потерница.
За Никола Груевски во текстот пишува:
„Груевски, кој е во Унгарија најдолго од тројцата, пребегна во Будимпешта во ноември 2018 за да избегне двегодишна затворска казна, а со помош на унгарската влада. Оттогаш, политичарот, кој е обвинет и за масовно прислушување, е осуден на 10 години затвор во отсуство во два случаи на корупција.
Во случајот на Груевски барањето за екстрадиција кое го испрати претходната македонска влада е веќе истечено, сегашната го нема обновено, а не постои ни потерница од Интерпол. И да има не би била извршена поради неговиот статус на политички бегалец, кој дава заштита.
Статусот на бегалец е објективен факт, чие признавање бара испитување на постоечките околности. Ако испитувањето покаже дека подносителот на барањето има основан страв од прогон, тогаш статусот може да му се додели“.
Пребарувањето на страницата на Интерпол за меѓународни потерници покажува дека Груевски не е на таа листа.
Новинарот на „Телекс“ разговарал со предавачот на Универзитетот Корвинус, Тамаш Хофман, кој е и меѓународен адвокат.
„Сепак, ако се покаже дека првичната проценка е неточна, дека нема прогон, туку само дека подносителот на барањето е предмет на едноставна кривична постапка, тогаш првично позитивната одлука може да се поништи“, вели Хофман.
Според негос, тоа не е долг процес: административната одлука за поништување на статусот може да се обжали на суд, но одлуката е брза. За да се направи ова, мора да се покрене преиспитување на статусот, што унгарските власти можат сами да го сторат.
„Телекс“ понатаму пишува какви би можеле да бидат дејствијата на идната унгарска влада.
„Сепак, во случајот на Груевски, ако сè уште нема меѓународна потерница или барање за екстрадиција против него, тогаш унгарските власти немаат понатамошни дејствија, политичарот не мора автоматски да ја напушти Унгарија. Сепак, бидејќи не е државјанин на ЕУ, тој мора да најде правна основа за својот престој во ЕУ. Доколку не добие Шенген виза од Унгарија или друга земја-членка на ЕУ, ќе мора да ја напушти ЕУ, властите не можат едноставно да го приведат и да го предадат на Македонија. За ова би било потребно валидно барање за екстрадиција од таа земја или да се издаде потерница од Интерпол – очигледно, ова не е во плановите на владата во Скопје“, наведува „Телекс“.
Во случајот на двајцата поранешни членови на полската влада, формулата е комплицирана поради државјанството на ЕУ.
Во сторијата на „Телекс“ се наведува дека во случајот на Романовски, одземањето на статусот на бегалец би значело и дека властите ќе мора да го приведат врз основа на листата на барани лица на Интерпол и да го предадат на полските власти по разгледувањето.
Меѓутоа, во отсуство на барање за екстрадиција врз основа на меѓународната листа на барани лица, нема да треба да се преземат никакви мерки против Зиобро и тој може да продолжи да останува во Унгарија или во друга земја од ЕУ без пречки.
„Граѓанин на ЕУ може да биде протеран само во многу оправдани случаи: ако постои интерес за национална безбедност или ризик од загрозување на јавната безбедност“, вели меѓународниот адвокат Хофман. Како теоретска можност, тој забележува дека ако лице во таква ситуација веќе стекнало унгарско државјанство, тоа може да се одземе, дури и во случај на натурализација, ако се докаже дека основната причина за негово доделување не била валидна.
Полскиот премиер Доналд Туск по прес-конференцијата во Маѓар во понеделникот изјави дека разговарал со претседателот на партијата Тиса за случајот на двајцата поранешни членови на полската влада пред изборите. „Ситуацијата е јасна, немаме што да додадеме. […] Се надевам дека ќе можам да ги пречекам двајцата господа во Полска“, изјави Доналд Туск, цитиран од Ројтерс.
Засега, доведувањето на Романовски дома би изгледало полесно – под услов тој да остане на нишанот на Унгарија, „но полската влада би го сметала доведувањето на Зиобро на суд како вистински успех“, изјави Михал Кокот од полскиот весник „Газета виборча“ за „Телекс“. Според него, поранешниот министер има и помала политичка поддршка, а се вели дека раководството на ПиС не го пречекало во Унгарија за да ја избегне истрагата. Тој се приклучи на ПиС дури по поразот на парламентарните избори во 2023 година, а пред тоа го предводеше еден од помалите партнери во владината коалиција, Суверена Полска, која сега престана да постои.
Зиобро ќе беше покорисен за ПиС доколку беше суден, бидејќи тогаш поранешната владејачка партија, која се спротивставуваше на ЕУ, ќе го презентираше како доказ за политичкиот прогон од страна на Туск. Сликата на поранешен министер за правда кој бега од одговорност е помалку веројатно да се искористи за таква политичка игра, а делумно е товар и тоа што ова засолниште го обезбеди владата на Орбан.
Премиерот Мицкоски пред некој ден изјави дека Зиобро и Романовски немале добиено политички азил, а Груевски имал добиено и затоа правната ситуација со него била покомплицирана. Тоа не е точно. Сега јавноста Македонија очекува дали и кога Министерството за правда ќе ги собере сите документи за досието на Груевски и ќе испрати ново барање за екстрадиција. А можеби да биде доставено и барање до Интерпол за меѓународна потерница. Или пак новата влада на Петер Маѓар ќе го укине неговиот статус на политички азилант, ќе му ја укине доволата за престој и Никола Груевски ќе мора да се соочи со за него непредвидливата иднина. (Н.В.)