Граѓанска држава – македонска утопија


ПАНЧЕ НАУМОВ

Кога Македонија ја прогласи својата независност повеќепартискиот систем тргна по инерција да ја следи линијата на строго исцртаните етнички „парцели“ во државата, и заврши таму каде што не требаше – во етничка гетоизација

 

Поминаа триесет години откако Југославија се распадна, а социјализмот ја напушти големата светска сцена и се пресели во историјата. Македонија во тој период прилично дезориентирана и секако недоволно подготвена, се најде во ситуација да се справи со две најкрупни и најсложени задачи во својата понова историја – да стане независна држава, но истовремено да направи и премин од еден во друг општествен поредок. Македонија ја прогласи својата независност и влезе во тој долготраен процес на транзиција со цел да воведе политички плурализам, пазарна економија, демократија… 

Сето она што понатаму требаше да следува се очекуваше да биде вовед во новото, граѓанско општество во кое индивидуата, а не колективитетот, се главна содржина на сите општествени и политички процеси. Македонија тргна по тој пат, но, за жал, не стигна далеку. Заглави уште на самиот почеток. 

А на самиот почеток крајно невнимателно и неодговорно беше поставен разделник кој го определи карактерот и перспективите на политичкиот плурализам, но и на општеството и државата во целина. Имено, повеќепартискиот систем тргна по инерција да ја следи линијата на строго исцртаните етнички „парцели“ во државата, и заврши таму каде што не требаше – во етничка гетоизација. Секоја нација – своја партија.  

А гетоизацијата од своја страна започна да ја тормози државата, првин го блокираше процесот во кој требаше да се развиваат нејзините граѓански содржини, а потоа ја загрози нејзината внатрешна безбедност и стабилност.

Денеска премногу нешта недостасуваат за да можеме да кажеме дека Македонија е граѓанска држава или дека во некоја блиска иднина тоа ќе биде. Побргу ќе се сложиме  со фактот дека граѓанската држава е новата македонска утопија.

На ова место треба да истакнеме уште една многу важна одредница.

Имено, сите овие години, од почетокот на својата независност, па сѐ до денеска, Македонија евидентно работи против самата себе, таа е деструктивна, ги загрозува сопствените интереси и фактички ја подржува својата утопија.

Делумно тоа е резултат на влијание на повеќе надворешни фактори (геополитичките проекции на НАТО, но и на соседите, нивните историски аспирации итн.), но главниот, лавовскиот, дел  е производ на „личниот труд и залагање“.  На патот кон својата утопија македонската држава речиси секојдневно се трудеше и сѐ уште се труди да добие нова, оригинална потврда со која ја оверува сопствената фатална судбина. Со секоја таква потврда станува сѐ поизвесно дека падот низ стрмината наскоро може да  заврши како голема национална и државна трагедија. Состојбата станува алармантна, а место за оптимизам има сѐ помалку.

По агресијата врз територијалниот интегритет на државата (2001) која дојде од правецот на Косово, Македонија под надзор на меѓународната заедница го потпиша Охридскиот договор за да ги санира пукнатините кои ја загрозуваа нејзината  внатрешна безбедност и стабилност. Таа тоа го стори, но на другата страна се отвори нова, уште поголема пукнатина. Имено, од тој процес државата излезе онеспособена да делува како функционална демократија.

Како главна причина за тоа секако се смета прифаќањето на принципот на консензуална демократија. Тој момент, всушност, придонесе Македонија да се откаже од унитарниот карактер и да биде форматирана како бинационална држава или во нешто што е многу блиску до тоа. За сметка на тоа, партиите на малцинските заедници, посебно на албанската, почнаа да остваруваат сѐ поголемо влијание врз политиката на владата, парламентот и другите државни институции и пресудно да влијаат врз виталните функции на државата. Нешто што е дијаметрално спротивно на природата на граѓанската држава. Така беше прегазена последната линија на политичка коректност, а етничките партии во тој моментум ја препознаа својата слобода  да бараат и, се разбира, да добиваат сѐ повеќе и повеќе водечки позиции во структурите на власта.

Како резултат на тоа во номенклатурата на власта денеска имаме непристојно нагласена малцинска доминација. Тоа, всушност, беше клучниот момент кога Македонија им кажа збогум на амбициите да стане граѓанска држава.

Но, сепак, голема улога, но и одговорност за разградувањето на државата и општеството по овие линии, имаат македонските политички партии на чело со ВМРО-ДПМНЕ  и СДСМ. Наспроти „патриотизмот“ на едните и „државотворноста“ на другите.

Македонските политички партии имаат неверојатна смисла да ја игнорираат разликата помеѓу државните, односно националните, од една страна, и партиските интереси, од друга страна. Тие од самиот почеток избраа апсолутно погрешна и вонредно штетна стратегија кога се во прашање партнерските односи со етничките политички партии. Во преговорите со нив тие секогаш прифаќаа, иако баш и не мораа, на маса да бидат ставани националните и државните интереси, и со нив тргуваа за да постигнат подобра позиција во власта, или да се задржат подолг период во неа. Да се потсетиме на територијалната поделба, на пример.

Понатаму, меѓунационалната хармонија, таа етничка избалансираност неопходна за секоја повеќенационална држава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се определија да ја одржуваат  со механички пристап во моделирањето на политичките процеси. Тој пристап тие го разбраа како просто кадровирање на врвот, со задоволување на личните амбиции на членови на раководствата на ДУИ и на другите партии на етничките заедници. На пример,  давање согласност на бизарни кадровски решенија – командант на ОВК да биде министер за одбрана, тотален анонимус директор на НУБ, а водач на локална навивачка група да биде прв потпретседател на влада, човек во чија организација беше девастирана зградата на Македонскиот народен театар, институција која секаде во светот е национална светост и гордост.

Кога денеска Али Ахмети вели дека ДУИ ги остварила сите свои ветувања и дека сега наводно сака да се посвети на други цели поврзани со државата – треба да му се верува на збор. Всушност, во неговата изјава нема никаква иронија, тој не им се руга на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или во крајна линија на македонската држава.

Само ни соопштува дека  неговата шаховска партија со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ влегува во маестрална завршница. 

(Панче Наумов е политиколог)