Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, се поблиску до кандидатурата за претседател на Франција
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, од редовите на Социјалистичката партија, е можна кандидатка за претседателските избори во Франција во 2022 година. За време на денешната посета на Дуе, таа ја отвори нејзината платформа за размислување „Заеднички идеи за 2022 година“, објаснувајќи ја подетално во регионалниот весник „Ла Вуа ди Норд“, јави дописникот на МИА.
„Ние мора да изградиме алтернатива заснована врз комбинација на екологија и социјала и на ревитализација на демократијата“, објасни таа.
Идалго во овој проце е поддржана од градоначалничката на Лил, Мартин Обри, Франсоа Ребсамен, градоначалник од Дижон, Јохана Роланд, градоначалник на Нант, Михаел Делафос, градоначалник на Монпелје и Карол Делга, претседател на регионот Окситани, но и економистот Гаел Жиро или палеоклиматологот Жан Жузел.
Ан Идалго, која официјално не се има промовирано за претседателски кандидат, на почетокот на март изјави дека веројатно одлуката ќе ја донесе есенва.
„Мојата улога е да бидам таа што ќе донесе енергија за да се обединиме. Со сета понизност“, рече таа за „Ла Вуа ди Норд“.
Градоначалничката на Париз, чии односи со нејзините сојузници за животна средина постојано се затегнати по нејзиниот реизбор во 2020 година, како и за време на последниот совет во Париз за распоредување на 5Г мрежата во главниот град, ги повикува другите левичарски партии „да дејствуваат заедно и мирно, за да се спречи левицата повторно да биде отсутна во вториот круг на претседателските избори во 2022 година.