Гозба


РУДИ ЛАЗАРЕВСКИ

Беспарицата допрва доаѓа. Особено во месеците пред нас. Најмалку до крајот на септември

 

Една порака до буџетскиот сектор и до првитаниот сектор кој ексклузивно живее од буџетскиот сектор

За празников не трошете премногу на јагнешко, прасечко и гозби. Беспарицата допрва доаѓа. Особено месеците пред нас. Некаде до крајот на септември. Најмалку. Беспарицата може да биде толку голема што ќе мора да се размисли повторно за оригиналната идеја, сведување на буџетскиот сектор на минимална плата до крајот на годината.

И да не се залажуваме дека тоа е поврзано со нови избори, реактивирање или не, на Собранието. Или пак со отворањето на рестораните и книжарниците со 33 отсто капацитет заради физичката дистанца на масите и книгите. И нормално, нека планираат загуба во работењето. Нема да помогне ни реактивирањето на туризмот и хотелите со физичка дистанца меѓу креветите. Туризмот ќе произведува загуба до крајот на годината. Сето тоа води кон постојано намалување на приходите во буџетот. Нема да помогне ниту враќањето на акцизата на првобитно ниво за да бидат задоволни транспортерите. Затоа што се помалку ќе возат за извоз, а особено увоз.

До крајот на годината ќе има сѐ помалку пари, следствено, нема да има побарувачка, но ќе нема ни понуда на некои основни суровини, како сончоглед, житарици, месо кои се екслузивно од увоз. Делува наизглед апсурдно, намалена побарувачка, намалена понуда на основните производи на пазарот, а цените ќе растат. Само изгледа апсурдно, всушност е сосема логично.

На патот до крајот на годината, постојат многу непознати елементи за каква било  проекција. Од глобалните тензии меѓу трите големи држави па сѐ до непостоењето на елементарен консензус на северот и југот на ЕУ околу тоа колку пари ЕЦБ треба да отпечати за покривање и откуп на корона обврзниците на членките за да ги пополнат дупките. Затоа треба да бидеме професионални во изјавите. Секогаш се прават најмалку две проекции, песимистичка и оптимистичка. Секогаш ја преферирам песимистичката варијанта. Затоа што има едно основна поставка. Try to meet the predictable risks. Оптимистичката варијанта ја оставам за политичарите, аналитичарите и академската секаде присутна заедница во медиумите.

До крајот на годината на државата ќе ѝ требаат нови пари, најмалку една милијарда евра да ги подмири основните расходи. Затоа што приходите постојано ќе се намалуваат. Ако застанат на 33 проценти ќе биде логично.

Теоретски, цела држава да биде вакцинирана со потенцијалната вакцина во септември, пак ќе фалат овие милијарда евра за основите расходи на државата. Затоа што сме ексклузивна буџетска држава градена од денот на осамостојувањето.

Дали е ова ексклузивно претенциозна мисла? Не мислам. Затоа што поимот буџетски сектор не ја опфаќа само администрацијата, туку и секој поединец кој прима и еден денар од буџетот. А буџетот треба (мора) да го исплати. Ако кон тоа го додадете и приватниот сектор кој исклучиво работи за буџетскиот сектор, ќе дојдете до бројка од едвај 300 илјади реален (читај производен) сектор кој нешто произведува. Патем, никогаш не ја разбрав оваа глупава поделба, што ја прават медиумите, на реален и нереален сектор. Дали се работи за недоволна писменост или мирис на самоуправна мисла.

Дали ќе биде доволна една милијарда нови пари? Не знам. Тоа треба да го кажат тие што седат во фотелјите. Само ги молам без глупави и оптимистички тонови во изјавите.

Што мислите, да намалиме со гозбите или не?

(Руди Лазаревски е економски аналитичар)