Горјан Милошевски, драматург: Ако не престанеме со екоцидот, ќе продолжиме да си копаме гробови

Текстот „Шепоти од вода“ на драматургот Горјан Милошевски неодамна беше поставен на сцената на струмичкиот театар во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Иако текстот е работен неколку години, проблематиката со која се занимава сега е особено актуелна во светот. Како човештвото ја уништува природата, проблемот со рудниците, кој допрва доаѓа кај нас… Повеќеслојниот текст се осврнува и на проблемот со експлоатацијата на работници. Претставата ќе се одигра и во рамките на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица вечерва, со почеток во 20 часот.

Улогите ги толкуваат: Јулија Милкова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Коста Ангов, Игор Тодоров, Стојан Велков-Трн и Бранко Бенинов.

Драматургијата е на Ацо Гогов и Никола Сарајлија, а сценографијата на Љупчо Јованов. Костимите ги изработи Лидија Георгиева, а кореографијата ја подготви Александра Кочовска-Начева. За дизајнот на светло е задолжен Илија Тарчуговски, за звукот Илија Цветковски, а плакатот е дизајн на Ване Костуранов.

Подолго време работеше на овој текст, колку се измени идејата од почетокот досега во смисла на секојдневието од кое црпеше и инспирација?

– Па, се случи „катаклизмична“ промена во поглед на заплетите, проблемите, ликовите, нивните мотиви, начинот на кој зборуваат, целокупната структура на првиот текст ја бомбардиравме со добри идеи од режисерот, актерите и од мене. Во тој прв текст нашите главни ликови бегаа од прочистителен комплекс на огромна корпорација што доминира со половина свет. Таму прочистуваа искористена и загадена вода… Само што денес и повеќе години наназад огромен, реален и многу присутен проблем се рудниците. Примерите за нивниот ефект над животната средина се девастирачки. Тој токсичен отпад наталожен околу нив и во пошироката околина на рудниците ќе остане со векови и којзнае кога ќе се разгради. Така шест лика во драмата бегаат од голем рудник на водечката корпорација „Изи лајф рисорсис“.

Во Македонија допрва ќе се соочуваме со овој проблем уште посериозно. Ќе ни станува сè појасно дека вистинските непријатели, експлоататори и убијци, се корпорациите и кога ќе почнеме масовно да им даваме отпор тогаш ќе заборавиме на локалните проблеми. Еден од непресушните извори на контаминацијата и уништувањето на животот се баш големите, алчни корпорации. Пред неколку години потпишани се 86 концесии од страна на Владата. Две од нив, за среќа, со голема упорност на луѓето кои се бунеа, активистите итн., не се реализираа во „депонии на смртта“. Јасно е колку ваквото секојдневие, пред сè, нè става во еден синџир во кој зависиме еден до друг и средината. Зависиме од сечија реакција, алчност, себичност, борба, будност, заспаност, активност, мрза итн. Па, сè ова има најголем импакт на мојата инспирација.

„Шепоти од вода“ зборува за проблеми што се актуелни во овој момент. Колку е важно што овој текст токму сега се поставува на сцена?

– Ух… И плус со новите промени во текстот дојдов до многу слоеви на човечката природа и драмската стварност во текстот „Шепоти од вода“. Претходно кажав за рудниците и ќе нагласам пак, тоа се едни од најгадните, најгласните аларми дека апокалипсата одамна почнала. Како што кажува сопственикот на „Изи лајф рисорсис“ во драмата и претставата: Апокалипсата уште трае… А ние многу, премногу, застрашувачки и поразително малку правиме за да ставиме еден голем знак „Стоп“. И уште пострашно, нашите деца, новите генерации уште повеќе ќе умираат од загадувањето и вакви експлоатации на природните ресурси. Па и тоа како е важно да се изведе текстот на сцена зашто мора упорно да се будат и да се провоцираат луѓето. И тоа е само еден навистина мал дел од борбата. Најголемата ќе биде со самите нас, човечкиот вид. Ќе најде ли сигурен, мирољубив и одржлив модус на егзистенција? Ќе го прифати ли конечно? Ќе се откаже ли од целиот комфор што го труе од внатре и од надвор? Ќе скокне ли на комплетно нов пат и ќе биде ли спремен да развие комплетно нов свет?

Како ги градеше ликовите и колку од нив ги сретнуваш во животот?

– Тоа, извини, многу ми е тешко да го објаснам во неколку реченици. Таква креација е комплексен процес што зависи од цел еден склоп на фактори, искуства, познанства, прочитан, прегледан материјал, грешки, правилни постапки итн. Ама ќе признам дека секој ден ми носи барем еден детаљ за лик што ќе го видам кај другите луѓе, гест, постапка, став, пцост, љубовно слепило, извик, смеење итн. И тој детаљ се комбинира со други итн. И така, полека се гради лик. Разговарам за тоа со мои соработници, примам совети, идеи, па ликот ќе си најде место во некој мој текст. А кога се работи, претстава тогаш, нормално, се дебатира со екипата, актерите и, особено, со режисерот. Со Срѓан Јаниќијевиќ поминавме часови и часови и зборувавме за ликовите и со актерите. И многу им благодарам за тој несебичен инпут и фидбек.

Гледаме како цели шуми се проголтани од пожари, цели градови, села и ливади се претвораат во депонии… Впечатокот е дека најгласни се активистите, уметниците, но не и оние што се на позиции да направат вистински промени за чување на природата – политичарите, лидерите…

– Баш така… Ама очигледно ние ќе треба да ги извадиме на улица, да откопаме од нивната профитерска дупка во која се заглавени со години, ќе треба да ги натераме да прекинат да потпишуваат „екоциди“… Ама не можеме и скоро сè да префрламе на нив и само тие да ни бидат виновни. Јасно е дека овие пожари се случуваат поради, пак ќе кажам, цел синџир на предизвикувачи: од луѓе што несовесно палат стрништа до сточари што палат дрвја, зелени површини за да одгледуваат стока, повторно компании кои сакаат да отворат рудници и тоа целото е гадно испреплетено со моќници на власт како Болсонаро во Бразил. Ама во борбата за природата и нашиот живот мора да сме заедно инаку ништо нема да се смени. Масовност, жртва и многу нови и нови стратегии за живот на оваа планета. Овие ресурси што ни останаа се веќе во голем дел контаминирани. Да го зачуваме она што остана чисто, да создаваме што повеќе зелени површини, многу, многу треба да се направи. Ништо не правиме, премалку.

Ако не се случи ова, ако не скокнеме на тој нов автопат за да изградиме друг свет, тогаш само ќе си копаме гробови, самите на себе. Веќе сме пред куќа, во стан и веќе си копаме дупки. Од нас не треба да остане „само контаминирана земја“, како што кажува Никол во драмата. Треба да оставиме решенија и надеж за новите генерации.

Еден друг аспект што се разработува е моментот на експлоатација на работникот кој, пак, нема избор освен да биде современ роб за богатењето на газдата. Што преземаат твоите ликови?

– Сакаат да стават крај на тоа. Прво себе да се спасат, затоа и бегаат од рудникот на „Изи лајф рисорсис“, а потоа сакаат и да му понудат на светот друг модел на егзистенција. Бегаат од тоа зло… Попрецизно, се обидуваат да го направат сето ова.

Со оглед на актуелноста и универзалноста на текстот, би го понудил ли и надвор од границите?

– Дефинитивно. Баш поради тоа. Сакам оваа содржина да допре до што поголема публика и сама по себе е прилично специфична, различна од многу работи што сте ги чуле или виделе. Навистина сакав да развијам приказна и со голема помош на екипата и режисерот дојдовме до многу автентична претстава, има свој свет, посебен, современ израз. Атмосферата, визурата, пораките, актерскиот, режисерскиот, кореографскиот, сценографскиот, звучниот, светлосниот и костимографскиот печат ја прават претставата – материјал што може да се покаже и да конкурира секаде. А текстот е исто така и матрица за развој на сценарио. Така што каде и да имам можност ќе го понудам, ќе прифатам повторно да се работи, се разбира, со силни, посветени и работливи екипи. Така беше во театарот „Антон Панов“ во Струмица.

Ивана Настеска

фото:приватна архива / Театар „Антон Панов“ – Струмица