Гори социологија! Ќе изгори ли и општеството?


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Многумина, а особено младите, на кои им се наменети учебниците, се склони кон идеопоклонства – тие меѓу вистината и човекот почесто би го избрале човекот. Да се објасни или опише некоја појава не значи истовремено и нејзино оправдување

 

„Кој си игра со оган, ќе се изгори“, вели народната поговорка. Тоа се потврдува и на случајот со учебникот по социологија за втора година гимназија. Пред речиси две години медиумите пишуваа дека овој учебник „го запали“ Твитер. А Твитер е Твитер. Моќта на ова современа социјална платформа е потврдена повеќе пати – на национално и интернационално ниво. На пример, благодарение на твивовите на Доналд Трамп за малку не изгоре и Белата куќа!

Две години по тој македонски социолошки твит-пожар, социологијата пак пали! Овој пат беше запален истиот учебник кој претходно го „запали Твитер“. Со ова конкретно се докажува народната мудрост дека „Кој си игра со оган, ќе гори“. Но се потврдува и тоа дека социологијата може да биде опасна активност. Не само кај нас. И во многу понапреднати земји некои наоѓаат за целисходно да ја предупредат јавноста од опасноста која по здравјето на нацијата произлегува од социологијата и социолошките објаснувања на општествените појави. Така, на пример, францускиот премиер Мануел Валс во 2015 година, во своето обраќање пред сенаторите, после атентатите силно ги оцрнуваше „оние кои постојано бараат… социолошки оправдувања или објаснувања за тоа што се случи“.

Ваквите „француски“ оцрнувања или нашите „балкански“ спалувања на социологијата, а утре можеби и на социолозите, се засновани на погрешната претпоставка дека „објаснувањето е опрадување“. Не! Да се објасни или опише некоја појава не значи истовремено и нејзино оправдување. Осознавањето и вреднувањето на појавите се поврзани, но не и идентични процеси. Ако, на пример, некој социолог го објаснува тероризмот со одредени општествени фактори тоа не значи дека тој и го оправдува тероризмот. Или тоа што авторите на контроверзниот учебник по социологија опишале и објасниле зошто има различни стапки на наталитет кај различните етнички групи во Македонија не значи дека тие со тоа ги оцрнуваат оние со повисок наталитет. Исто така, тврдењето дека различните стапки на наталитет, во дадените околности, продуцираат меѓуетнички конфликти е чисто емпирско воопштување.

Секако, учебниците не се и не треба да се вредносно неутрални. Во Македонија основното и средното образование се задолжителни и претставуваат јавен интерес и јавно добро. Како такви треба да следат одредени општествено утврдени вредности и принципи. Нив ги наоѓаме изложени во Уставот на републиката. Една од темелните уставни вредности е мирот и мирното уживање на човековите права и слободи. Според тоа социолошкото објаснување на појавите, како на пример, конфликтните последици од промените во демографскиот состав на населението, не се само научно туку и вредносно и уставно издржани и оправдани.

Од таа перспектива, чинот на групата млади приврзаници на коалицијата Алијанса?Алтернатива се покажува како чин против заедничкиот живот. Оти таков живот денес, во дваесет и првиот век не е можен без потпирање врз научно утврдени сознанија и вистини. А социологијата е токму тоа, наука за заедничкото живеење на мноштво различни луѓе на дадена територија. Социологијата настана како одговор на барањата за општествена интеграција на  населението на дадена држава. Нејзина мисија е токму тоа, да покаже дека покрај личните, индивидуалните и тесно групните интереси и потреби имаат и поопшти, општествени потреби и интереси. Дека ниту една група не може без последици да се однесува како слон во стаклена бавча и да се води само од своите парцијални интереси и ексклузивни културни норми.

Книгите се оружје на вистината за себе и за другите. Учебниците пак се книги за книгите.  Во учебниците се изнесуваат сознанија чија вистинитосна вредност претходно била докажана и утврдена на релативно задоволителен степен во други книги. Во учебниците се претставуваат т.н. парадигматски вистини. Но, бидејќи во општествените и хуманистичките науки имаме работа со вистини за луѓе, а не за бесчувствителни и бездушни камења или слично, нужно е вистините да се презентираат на хуманизирачки начин. Кога се во прашање луѓето, не смееме да заборавиме дека не се сите како Аристотел. Не може секој да каже  „Платон ми е драг, но вистината ми е подрага“.

Многумина, а особено младите, на кои им се наменети учебниците, се склони кон идеопоклонства – тие меѓу вистината и човекот почесто би го избрале човекот. А за тоа има, исто така социолошки објаснувања. Цел на научното објаснување на човековото општествено однесување е разбирањето на истото, а тоа значи негово хуминизирање.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)