ДПМ: „Книжевен жезол“ за Гордана Михаилова-Бошнакоска и Аднан Озер


Фото: Б. Грданоски

Македонската поетеса Гордана Михаилова-Бошнакоска и поетот Аднан Озер од Турција се годинашни добитници на признанието „Книжевен жезол“ што го доделува Друштвото на писатели на Македонија за значаен поетски опус. ДПМ соопшти дека плакетите и статуетките „Книжевен жезол 2022’ на лауреатите ќе им бидат врачени на манифестацијата „Празник на липите“, а ќе биде подготвен и избор од нивната поезија, на македонски, турски и на англиски јазик.

Гордана Михаилова-Бошнакоска (1940, Битола) е поетеса, раскажувачка, есеистка. Објавила четиринаесет книги поезија. Првата е „Времето го нема“ (1965), а најновата е „Куќа во куќа“ (2021), како и збирка раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“. Застапена е во сите прозни и поетски антологии во земјава и во странство. Нејзината поезија е преведена на повеќе јазици, добитничка е на домашни литературни награди, на признанието „Витез на пишаниот збор“. Во ДПМ членува од 1964 година, член е и на Македонскиот ПЕН-центар, како и на Академијата за литература и уметност во Варна, Бугарија.

Добитничка е на Фулбрајтовата стипендија за креативно пишување, со престој во САД. Учествувала на поетски манифестации во Европа и САД, како и на студиски престои во земји од Европа, САД и Канада. Одбранети се две магистратури за нејзината поезија, во Скопје и во Букурешт. Михаилова-Бошнакоска  работела и во Македонската телевизија како уредник на емисии од културата.

Вториот годинашен лауреат на „Книжевен жезол“ е Аднан Озер (1957, Газиоглу), поет, преведувач, книжевен критичар, есеист, уредник, издавач од Турција, кој во последните неколку години е директор на Интернационалниот поетски фестивал во Истанбул и претседател на Здружението за поезија во Истанбул.

Објавува од 1981 година кога е издадена неговата поетска книгата  „Огнена флејта“. Покрај поезија, има објавено и роман и две книги за деца. Добитник е на голем број национални и меѓународни награди и признанија. Превел голем број дела од шпански на турски јазик, меѓу кои препевите на Октавио Паз,  Федерико Гарсија Лорка, Рубен Дарио, а има подготвено и посебни монографии за Виктор Жара и Фернандо Песоа. За препевот на стиховите на Пабло Неруда ја добил наградата „Свет“ во 2020 година.

Избори од неговата поезија се објавени на португалски, романски и на македонски јазик. Озер неколку пати учествувал на Струшките вечери на поезијата и на Рациновите средби.