Холивудскиот актер Џек Димиќ со монодрамата „Ој, животе“ по три години повторно во Драмскиот театар Скопје


По бројните изведби во САД, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и во дијаспората, пред македонската публика в петок, на 12 јуни, во 20 часот ќе настапи холивудскиот актер со балканско потекло, Жељко Џек Димиќ, со својата монодрама „Ој, животе“, претстава која во изминатите години предизвика исклучителен интерес и силни емоции кај публиката низ регионот.

Монодрамата „Ој, животе“, создадена според култниот текст на актерот и публицист Јосип Пејаковиќ, е проект што Димиќ го адаптира, го режира и го изведува веќе неколку години. Претставата ја следи судбината на човек кој доброволно заминува на издржување затворска казна наместо својот помлад брат, а низ исклучително актерско мајсторство пред публиката оживуваат повеќе ликови, ситуации и животни судбини.

Критиката и публиката ја издвојуваат способноста на Димиќ во текот на целата изведба самостојно да создаде цел свет од различни карактери, водејќи ја публиката низ смеа, тага и длабока човечка емпатија. Претставата е мајсторски редок спој на хумор, емоција и животна вистина. Медиумите редовно нагласуваат дека токму мешавината на комедија и силна животна драма ја прави оваа претстава исклучително блиска и препознатлива за посетителите од целиот Балкан.

Димиќ е актер со богата меѓународна кариера. Остварил над 85 филмски, телевизиски и театарски улоги. Освен на англиски јазик, тој игра улоги на српски, руски, чешки и на италијански јазик.

Џек Димиќ во Холивуд е познат по своите улоги во американски телевизиски и филмски продукции, меѓу кои се сериите: „Ред и закон“, „Место на злосторот“, „Црна листа“, „Замок“, „Сина крв“, како и во сериите што во последните години се снимаат во регионот ̶ „Државен службеник“, „Сенки над Балканот“, „Ургентен центар“, „Воена академија“, „Клан“, „Династија“, „Вера“ и многу други. Џек Димиќ го играл научникот Никола Тесла во филмот „Народот на Тесла“, кандидат за Оскар за долгометражен играно-документарен филм во 2020 година.

Во интервјуата што ги дава по повод најновите изведби, Димиќ истакнува дека и покрај долгогодишната кариера во Америка, со особена радост настапува на мајчиниот јазик и исклучително ја цени непосредната комуникација со публиката од регионот. Токму затоа претставата „Ој, животе“ прерасна во негов најличен и најемотивен театарски проект. Димиќ нагласува дека: „ ‘Ој, животе’ не е само монодрама – тоа е приказна за жртвата, семејството, човечката добрина и силата на духот, раскажана од актер чија кариера ги поврзува Њујорк, Холивуд и Балканот“.

Гостувањето во Македонија претставува ретка можност љубителите на театарот да проследат актер кој успешно ги спојува холивудското искуство и балканската театарска традиција, носејќи на сцената претстава која веќе години наназад освојува публика на различни континенти. Гостувањето е овозможено во соработка со Амбасадата на Босна и Херцеговина во РСМ и НУ Драмски театар Скопје.

Билетите во знак на одбележувањето на 80-годишнината на Драмски театар Скопје и овој месец ќе бидат со попуст и изнесуваат 300 денари. Може да се набават преку онлајн продажбата или на билетарницата на Драмскиот театар.

 

На истата тема:

Живееме во еден вид казнено поправна институција: Интервју со актерот Џек Димиќ