Ѓоковиќ: Тешко е да се заборави, но сакам да се вратам некогаш и да играм во Австралија
Новак Ѓоковиќ даде интервју за Српската радио телевизија, што е второ негово интервју откако беше исфрлен од Австралија пред почетокот на Австралија опен, турнир кој го освои рекордни девет пати. Претходно тој разговараше со репортерот на Би-Би-Си кому му кажа дека не е антиваксер, но дека не сака да се вакцинира и дека е подготвен да ги пропушти најголемите турнири поради тоа.
„Се чувствувам подобро отколку во Австралија. Животот продолжува, имам две деца и многу работи кои ме прават среќен надвор од тенисот. Имам едно чудно чувство што не сум го имал досега, се разбира, поради сето ова во последниот месец“, рече Ѓоковиќ во воведот на интервјуто.
„Ќе го паметам Мелбурн по убаво. Немам ништо против луѓето во Австралија, имам убав однос со љубителите на тенисот и спортот таму. Се разбира, ова беше неочекувано и тешко е да се заборави, но сакам да се вратам некогаш во Австралија и да играм таму“, додаде освојувачот на 20 Грен слем титули. Рафаел Надал го искористи тоа што Ѓоковиќ не играше и стигна до рекордната 21. титула.
„Не ми беше лесно да го гледам тоа финале. Морав да гледам иако не сакав. Инаку кога ќе испаднам од турнир немам навика да гледам натпревари. Мојата сопруга и син ми гледаа бидејќи тие имаа свои фаворити“.
Ѓоковиќ се осврна и на Медведев. „Тој е многу добро момче и со него имам извонредна респектабилна врска. Тој ме ценеше што му помогнав кога беше јуниор. Еднаш летавме заедно на Дејвис купот, му понудив да лета со мене и се сеќава на тоа.
Секогаш сме имале позитивни односи и покрај големото ривалство. Ми испрати порака 45 минути по финалето. Не би ја открил содржината на таа порака. Ми се допаѓа што е свој и што кажува што мисли, не се труди да биде политички коректен. И јас сум таков“.
„Направив грешка кога отидов на интервју инфициран“
Многу се зборуваше дека Ѓоковиќ се заразил со коронавирус во средината на декември. „Тие денови бев на разни настани, слушнав дека кошаркарот на Барселона кој се фотографираше со мене има корона. Веднаш бев тестиран и резултатите беа негативни. Затоа отидов да им доделам награди на децата пред Тенискиот сојуз на Белград еден ден подоцна. Резултатите од ПЦР тестот ги добив час, час и половина по тој настан.
Не чекав долго за резултатите од ПЦР тестот, 24 часа е приближно време кое е нормално. Направив грешка кога потоа отидов на интервју со француски новинари. Отидов да ја земам наградата L`Equipe затоа што ми е многу важна.
Дознав дека сум позитивен на денот кога новинарот дошол во Белград. Носев маска, обидувајќи се да се држам настрана од новинарите и фотографите. За среќа, ниту еден од нив не е заразен. Бев себичен и не бегам од тоа, сите сме луѓе. Направив грешка.”