Ѓоковиќ останува без важен спонзор – се повлекува „Пежо“
Производителот на автомобили „Пежо“ повеќе нема да биде спонзор на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Процесот за раскинување на спонзорскиот договор сѐ уште не е завршен, но ќе биде наскоро.
Први оваа вест ја пренесоа англиските медиуми, а потоа информацијата за „Ел Еспањол“ ја потврди и генералниот директор Карло Таварес.
„Тоа е вистина. Нема да ја продолжиме соработката со Ѓоковиќ“, изјави Тавареш.
„Пежо“ е еден од главните спонзори на Новак од 2014 година. Не се наведува зошто е раскинат договорот.
Странските медиуми јавуваат дека на потегот на „Пежо“ влијаела одлуката на српскиот играч да не ја прими вакцината против корона вирусот.
Исто така, една од потенцијалните причини е влијанието на пандемијата на корона вирусот врз автомобилската индустрија и финансиската загуба што ја имаше „Пежо“.