Ѓоковиќ ќе се откаже и од трофеите, но нема да се вакцинира

Новак Ѓоковиќ тврди дека не е антиваксер, но е подготвен да го жртвува настапот на грен слем турнирите бидејќи нема да се вакцинира


 

„Нема да се вакцинирам, подготвен сум да се откажам од сите трофеи во тенисот“, изјави Новак Ѓоковиќ во интервју за Би-Би-Си.

„Тоа е цената што сум подготвен да ја платам. Никогаш не бев против вакцините, ги примав како дете, но секогаш ја поддржував слободата на избор“, рече српскиот тенисер на прашањето дали е подготвен да го жртвува својот настап на Грен слем турнирите.

Бидејќи организаторите на турнирите бараат целосна вакцинација на тенисерите, неизвесен е настапот на Ѓоковиќ на Ролан Гарос, Вимблдон, УС Опен, но и Индијан Велс, „петтиот“ Грен слем турнир.

Засега е само извесно дека ќе игра на турнирот во Дубаи од 21 до 26 февруари, а тој турнир може да му донесе 500 АТП бодови. Се разбира, ако го освои, пренесува Дневник.хр.

Затоа се надева дека ќе се променат условите за настап на одредени турнири бидејќи сака да игра тенис уште многу години, но и тврди дека е подготвен да се откаже од шансата да стане статистички најдобар тенисер на сите времиња.

„Принципите на донесување одлуки за моето тело се поважни од која било титула или било што. Никогаш не сум бил против вакцинацијата, разбирам дека сите во светот вложуваат големи напори за да се борат против вирусот. Се надевам дека овој вирус наскоро ќе заврши“, вели Ѓоковиќ, кој нагласува дека не е антиваксер.

На српскиот тенисер веќе му беше одбиено учеството на Австралија опен на почетокот на оваа година, а освен тоа, му беше изречена забрана за враќање во Австралија во следните три години.

Но се чини дека ќе има можност да се обиде да се ублажи оваа одлука со одредени законски процедури и да добие виза следната година доколку ситуацијата не е идентична како годинава.

„Бев тажен и разочаран како се заврши за мене во Австралија, не беше лесно“, изјави српскиот тенисер и додаде дека добил медицинско ослободување за влез во Австралија бидејќи неодамна се заразил со корона вирус.

Поединци се сомневаа во тврдењето дека Ѓоковиќ бил позитивен на корона вирус непосредно пред да замине за Австралија, но тој отфрли секаква помисла за некаков фалсификат на ПЦР тестот за коронавирус.

„Разбирам дека има многу критики на моја сметка, разбирам дека луѓето излегуваат со различни теории за тоа како имав среќа, но никој нема среќа кога ќе добие корона вирус“, рече тој и продолжи:

„Милиони се бореа и сè уште се борат со корона вирусот ширум светот. Не ми се допаѓа што другите луѓе мислат дека сум злоупотребил нешто за да добијам позитивен ПЦР тест и затоа отидов во Австралија“.

Барањето за медицинско ослободување било поднесено анонимно и било прифатено од две независни тела во Австралија, но имало една грешка во декларацијата за виза.

„Се разбира, грешката не е направена намерно. Тоа го потврди и Федералниот суд и министерот за имиграција Алекс Хок“, рече тој и додаде:

„Причината зошто бев депортиран од Австралија е затоа што министерот за имиграција го искористи своето право да ми ја откаже визата врз основа на неговото мислење дека можам да поттикнам создавање антивакцинални чувства во градот или државата, со што целосно не се согласувам“, заклучи Ѓоковиќ.