Германија и Франција предлагаат „нов моментум за проширувањето“

Нон-пејпер на францускиот и германскиот лидер пред самитот ЕУ-Западен Балкан


 

Еден ден пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, Германија и Франција објавија нон-пејпер насловен „Нов моментум за проширувањето“. На одреден начин тоа е разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до првите луѓе на институциите на ЕУ. Во него се наведува дека политиката на проширување треба да добие нов поттик, со цел Унијата да се заокружи како вистинска европска унија.

Новиот пристап би понудил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати, а намерата не е ниту да го замени полноправното членство ниту да го продолжи патот до него, туку да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат, пишува во нон-пејперот.

„За да ја претвориме оваа амбиција во реалност и да внесеме нова динамика, мора да обезбедиме дополнителни поттикнувања како дел од процес на постепена интеграција заснован на заслуги, како и да го поедноставиме сегашниот процес за да стане поефикасен и да овозможи побрза и подлабока интеграција во ЕУ врз основа на Копенхашките критериуми“, пишува во него.

Во текстот се наведува дека постои стремеж за нов пристап во процесот, кој ќе ги намали прекумерно формализираните пречки за меѓучекорите и ќе ја поедностави сегашната методологија (на пример, преку спојување на одредени процедурални чекори). Дополнително, се додава во нон-пејперот, „со целосна согласност на земјите членки, треба да се забрза отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија“.

Нон-пејперот промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати преку „градивни елементи“.

Овие градивни елементи треба да се темелат врз напредокот постигнат во пристапниот процес и да бидат реверзибилни во случај на назадување на соодветната земја кандидат во реформскиот процес или во однос на основните вредности и принципи на ЕУ.

„Иако секоја земја кандидат треба да има пристап приспособен на нејзините специфики, новиот пристап би понудил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати. Целта за полноправно членство во ЕУ останува непроменета. Нашата намера не е ниту да го замени полноправното членство ниту да го продолжи патот до него, туку токму спротивното – да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат“, се наведува во нон-пејперот.

Притоа, се бара од Европската комисија да предложи мерки што ќе ја олеснат постепената интеграција на земјите кандидати на нивниот пат кон членство во ЕУ.

„Тоа треба да опфати, меѓу другото, привилегиран пристап до единствениот пазар врз основа на нивниот суштински напредок во преговорите, како и поблиски врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување, на пример, преку доделување постепен статус на набљудувач на земјите кандидати на состаноците на институциите на ЕУ, под услови што ја почитуваат автономијата на процесот на донесување одлуки во Унијата“, пишува во нон-пејперот.