Геополитика на вакцините: „Фајзер“ против „Спутник V“


НАНО РУЖИН

Идеолошката битка и ривалитетот дојдоа до израз во натпреварот помеѓу Кина и Русија од една, и САД и останатиот Запад од друга страна. Овој геополитички натпревар носи печат на логиката на студената војна од времето на блоковската политика

 

Во екот на студената војна, СССР го лансира првиот вештачки сателит „Спутник“ (1957) и успеа да ги претекне САД за една година пред да го лансираат сателитот „Експлорер 1“ (1958). Шеесет години подоцна во изменетиот меѓународен амбиент и невообичаени услови на светска пандемија, геополитиката луцидно го покажа интересот кон еден домен кого не го предвидувале ниту најголемите класици на студената војна. Битката против Ковид-19 отвори широки можности за политизација и политички ривалитет.

Едвард Џенер и Луј Пастер, татковците на вакцините, би се запрепастиле од опакоста на ривалитетот и себичноста по пронаоѓањето на вакцините против Ковид-19. Геополитиката ги симболизира ривалитетите на локалните, регионалните и светските сили врз одреден простор. Безобѕирноста кон политизацијата на проблемот со вакцините се движеше од национално до меѓународно ниво, како нова политичка премија.

Колку пати опозицијата ги критикуваше и бараше оставка од министерот за здравство Филипче, премиерот Заев? Каков дипломатски ефект создаде пријателскиот дар на вакцините од страна на Вучиќ на нашата држава? Колкави беа разочарувањата од Ковакс системот и од ЕУ за дистрибуцијата на вакцините?

Во САД, во 2020 соочени со императивите на времето, отпочнаа со потрагата по новата вакцина. Успехот во пронаѓањето на „Модерна“ и „Фајзер/Бионтек“ метафорично беше пофален со изразот warp speed (брзина на светлината), бидејќи за само десет месеци беше пронајдена вакцината, инаку операција за која просечно се неопходни меѓу пет и десет години. Германската канцеларка Меркел на 26 јануари   пред Економскиот форум во Давос потсети дека првата хомологирана вакцина од страна на СЗО била пронајдена благодарение на визиите на германската старт-ап компанија „Бионтек“ која влезе во партнерство со американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“.

Но изгледа дека и во оваа сфера одлучува умешноста на оние кои направија најмасовна кампања за вакцините. Израел, САД и Велика Британија, држави  кои доживееа најголема конфузија, први отпочнаа со масовни вакцинирања. Вакцината за нивните политичари претставуваше колку санитарна толку и политичка димензија. Борис Џонсон не пропушти да истакне дека херојскиот период на фармацевтскиот  блицкриг овозможи да му додели на населението повеќе дози отколку Италија, Франција, Шпанија и Германија заедно. Воедно, Џонсон потсети дека британскиот електорат ќе се сети на историските успеси на неговата партија. 

Вакцината прерасна во планетарен влог како форма на  „национализмот на вакцините“, напиша хроничарот на париски „Монд“, Силвија Кофман. Вакцината е клучот за излез од кризата. Идеолошката битка и ривалитетот дојдоа до израз во натпреварот помеѓу Кина и Русија од една, и САД и останатиот Запад од друга страна. Кина која повторно реши да ја пишува историјата на оваа пандемија за да се заборават иницијалните пропусти од Вухан, горда на вакцината на „Синофарм“, ја прикажа како триумф на претседателот Ши Џинпинг. Кина, слично на останатите држави, ја проектира сопствената активна „дипломатија на вакцината“ кон државите кои се ситуирани врз  „Патот на свилата“ меѓу кои и Северна Македонија и Србија и им ја предложи сопствената вакцина. 

Слична геополитичка стратегија презеде и Русија кон четириесетина држави со вакцината „Спутник V“, назив инспириран од првиот вештачки сателит од 1957. Вакцинскиот национализам постепено се шири. Фрагментацијата на светското јавно здравје и мултилтареализмот, наспроти страотните бројки на заразени и починати, уште повеќе го зголеми санитарниот хаос. Се разгори трката за приоритетните права за да се пристигне до дозите кои се лимитирани. Освен етичките димензии, овој националистички пристап ги храни санитарните нееднаквости и социо-економските нееднаквости, особено во посиромашните држави и се заканува кон нивната санитатрна безбедност.

Иронија на модерните времиња

Каква иронија на модерните времиња. Трката во наоружувањето ѝ отстапи место на трката за вакцините. Вакцината прерасна во единствената надеж за да се спаси човештвото. Меѓутоа, за разлика од студената војна, оваа војна на вакцините не промовира еден нов и идеолошки поубав свет. Како секој конфликт, таа ќе создаде и колатерални штети и како секоја друга форма на ривализирање и надмудрување, таа ќе остави некои држави на резервната клупа, истоштени и неспособни да им конкурираат на американската, европската, кинеската или руската машинерија. Во суштина, трката за вакцините се карактеризира со една силна ловџиска логика за бркање на правата на приоритетите: кој прв ќе го застрела капиталецот. Конечно сфативме дека трката се состои од две етапи: прва е откривање на вакцината, а втора е нејзината дистрибуција, пардон продажба со примеси на идеолошки soft power.

Откривањето на вакцината е само нов вовед во меѓународните односи. Шест вакцини од најмоќните светски сили: „Оксфорд/АстраЗенека“ (В. Британија), „Модерна“ (САД), „Фајзер/Бионтек“ (САД/Германија), „Синофарм“ и „Синовак“ (Кина), како и „Спутник V“ (Русија) се во геополитички ривалитет за да извојуваат победа. Како и пред 60 години, САД се најмоќниот геополитички играч во дипломатскиот блуз на вакцините.

Овој геополитички натпревар носи печат на логиката на студената војна од времето на блоковската политика. И покрај ривалитетот помеѓу САД, В. Британија  и ЕУ, сепак овие три играчи склучија повеќе заемни договори така што вистинската студена фармацевстска војна се води меѓу западните сојузници од една, и Русија и Кина од друга страна, независно што сите настапуваат во функција на своите национални интереси.

Ривалитетот не се фокусира врз воени цели туку се протега од научниот и фармацевтскиот фронт до сајбер-просторот. Според податоците на Салма Дауди од Центарот за стратешки студии, се претпоставува дека Кина, Иран, Русија, Северна Кореја и Виетнам извршиле сајбер-напади врз неколку лаборатории. Американската лабораторија Gilead која го произведува лекот „ремдесивир“ го посочи Иран како можен иницијатор на сајбер нападот. Трката по вакцините наликува на шпионските романи. Велика Британија, САД и Канада покажаа со прст кон руските разузнавачки служби кои се обиделе да пиратираат доверливи фармацевтски информации. Во САД двајца Кинези беа осудени за истото кривилно дело. Слични обвинувања стигаат и од страна на Москва и Пекинг кон западните разузнавачки служби.

Сомнежите на Западот кон „Спутник V“ исчезнаа

Руската вакцина „Спутник V“ предизвика широка полемика во научните кругови. Хомологацијата на вакцините е една строга процедура, каде се бара клиничките истражувања да пружат високо ниво на сигурност за нејзината ефикасност. Руската вакцина беше развиена од страна на Центарот за истражувања „Николај Гамалеја“, врз основа на искуствата од распираторните проблеми регистрирани на Средниот Исток. Вакцината „Спутник V“ е составена од два вирални искомбинирани вектори: првиот е  човечки аденовирус од модификуваниот тип 26 ( rAD26) S  SARS – CoV-2 rAD5) кој содржи ген од протеинот S од SARS–CoV-2, додека вториот е аденовирус од модифицираниот тип 5 ( rAD5) кој го содржи истиот ген, истакнува Бахар Макои за Франс 24. 

Меѓутоа, на почетокот „Фајзер“ истакнуваше дека „руската вакцина не била проследена со научна публикација“. Единствено беа објавени прелиминарните резултати од првата и втората фаза. Русија не ги чекала резултатите од третата фаза и биле вакцинирани околу 10.000 доброволци, професионални лица од доменот на здравството, меѓу кои и ќерката на Путин. Според скептичните мислења на британските експерти, имунитетот базиран врз антитела би можел да исчезне за неколку месеци, со што би се искомплицирала имплемемтацијата на руската вакцина. Руската  вообразеност за широката употреба на „Спутник V“ западните научници ја сметаа за преуранета, недоволно тестирана и неетичка, сметаше Франсоа Балукс од Универзитетскиот колеџ од Лондон.

Меѓутоа одговорот на  министерот за здравство на Русија, Михаил Мураско, беше дека  „Спутник V“ овозможува да се формира имунитет на долги патеки до две години. Русија објави комунике во кое истакна дека „Спутник V“ е ефикасна 92%, што значи дека е ефикасна како и вакцината на „Фајзер“. Поранешниот директор на СЗО Мари Пол Киени сепак изјави дека „таквата дијагноза била претерана бидејки сѐ уште не ни е позната иднината“.

Финалните детални резултати за „СпутникV“ беа објавени минатиот месец. Според британското списание The Lancet нејзината глобална ефикасност била оценета  на завидни 91,6%. Вакцината може да е во течната состојба и се чува на -18 додека десхидрирана форма се чува на +2 до +8 степени. Интересот е огромен, а веќе околу 50 држави порачале вакцини во износ за 1,2 милиарди долари. Во соработка со јужно-корејска фирма Русија договорила производство на околу 15 милиони дози годишно.

„Конечно една добра вест за човештвото“ , воскликна Жозеп Борел, шефот на европската дипломатија. Германија ја поддржа руската вакцина и побара нејзина хомологизација во ЕУ. Канцеларката Меркел на 2 февруари зборувала со Путин и го известила дека ја поддржува вакцината доколку биде валидирана од страна на Европската агенција за лекови. Од своја страна Шпанија покажа „отвореност и „ентузијазаm“ за да се користење „Спутник V“. И Франција истакна дека доколу „Спутник V“„ги задоволува  научните норми на ЕУ, ја поддржува употребата на вакцината“.  Разбирливо е заради недостаток  на вакцини во Европа сите се свртени кон Москва. ЕУ имаше амбиции да заштити 70% од популацијата до почетокот на летото, но заради доцнењето и недостатокот на вакцини тој план нема да се реализира.

За Русија, успехот на вакцините „Спутник V“ се случува во моментот кога односите со Западот се оптoварени со случајот на Навални и можните санкции на ЕУ.  Меѓутоа и студентите знаат дека „Спутник V“ е елемент на „меката руска моќ“ ( soft power)  и тој е вистински извор на дипломатската моќ, дотолку повеќе што ефикасноста на „АстраЗенека“ е 60% и заостанува зад онаа на „Спутник V“.

За професорот Голдман „не постојат тајни со вакцината Спутник V“.  Таа се базира на познатата технологија, онаа на вирални вектори исто како и „АстраЗенека“. Руската вакцина е и поефтина и полесна за користење и се чува на +2 до +8 степени. Русите на 20 јануари доставија барање за регистрација на вакцината кај Европската агенција за лекови, но не иницираа „барање за научно мислење“ и затоа „Спутник V“  сѐ уште не е предмет на научни истражувања во континуитет, што инаку би ја олеснило етапата за авторизација. Капацитетите на производството се веќе под притисок, со оглед дека Казахстан, Индија и Јужна Кореја и Бразил исто така произведуваат „Спутник V“. За да се добие зелено светло од Брисел, вакцината мора да се  произведува на европското тло со цел да се осигура брзо снабдување на Европа. Можеби затоа Русија ја избраа Србија како идеално место за полнење, а потоа и за производство на нивните вакцини. Русија веќе контактирала една германска лабораторија.

Цена и ефикасност на вакцините

Она што најмногу ги интересира посиромашните држави се цените на вакцините на светскиот пазар. Според податоците на Би-би-си, цената на вакцината на „Фајзер“изнесува 20 долари за две дози. По првата доза ефикасноста е 52% додека една недела по втората доза, заштитата достига  95%. Цената на „Модерна“за две дози изнесува 33 долари, а ефикасноста е 80,2% по првата доза  и 95,6% по втората доза додека за лица над 65 годишна возраст 86,4%. Цената на „Окфорд/АстраЗенека“ изнесува 4 долари за две дози, додека ефикасноста се цени  64,1% по првата доза и 74% по втората доза односно 90% по една и пол доза по која следи втората доза. Цената на  „Спутник V“ – е околу 10 долари за две дози: со ефикасност од 91,4%, а Русија развива и една нова верзија – „Спутник-лајт“ како привремена опција.

Ефикасноста  на кинеските вакцини „Синофарм„ и „Синовак“, според анализите на експертите од Обединетите Арапски Емирати достига до 86%, турски експерти велат дека таа достигнува  91,25%, а индонезиски дека таа се движи до 65,3%. Бразилските бразилските експерти, пак, велат, дека изнесува само 50,4%. Нејзината цена е разновидна но на домашен пазар, секој Кинез или странец кој сакал слободно да се вакцинира требал да плати околу 30 долари. На светскиот пазар овие вакцини  достигаат цена од околу 100 долари, но од стратешки побуди можат да бидат продадени по многу пониски цени.

(Нано Ружин е универзитетски професор)