Геополитичкото глупирање во подем

Само политички дилетанти можат да го изедначат геостратегиското значење на Украина, која е огромна европска рамница, и на Македонија која е значaјна колку една мала скопска обиколница, на геополитичката мапа на Европа


„Владимир Путин вели дека е религиозен и дека силно ја поддржува Руската православна црква. Ако е така, тогаш е лесно возможно секоја вечер кога ќе оди на спиење и да се помоли да го прашува Господ: ‘Зошто не си создал некои планини во Украина?’ Ако Господ создал планини во Украина, тогаш големото пространство познато како Северноевропска рамница не би ги мамело толку освојувачите кои преку неа повеќепати ја напаѓале Русија. Како што стојат работите, Путин нема избор: тој мора барем да се обиде да ја контролира оваа рамница во правец на Запад… Географските предели ги заробуваат своите водачи и им даваат сѐ помал маневарски простор отколку што можете да замислите“.

Ова се првите реченици напишани во воведот од книгата „Заробеници на географијата“ на познатиот британски новинар Тим Маршал. Според повеќе компетентни оценки објавени во „Њузвик“, „Фајненшел тајмс“, „Ивнинг стандард“ и во повеќе светски медиуми се работи за една од најдобрите книги за геополитика. Книгата е објавена во 2015 година. Тим Маршал се вбројува како еден од  водечките авторитети за надворешно-политички прашања, кој одлично ги познава односите и во поранешна Југославија. Известувал од повеќе од 30 земји, од  судирите во Хрватска,  Босна, Македонија, Косово Авганистан, Ирак, Либија, Сирија, Израел. Пишувал за

„Тајмс, „Сандеј тајмс“, „Гардијан“, „Индепендент“ и „Дејли телеграф“, бил уредник на надворешнополитичка рубрика во Скај Њуз и во Би-Би-Си. Еј-Би-Си/ ИРН радио. Објавил повеќе книги од кои „Игра на сенки“ е бестселер за настаните во бивша Југославија.

Цитатот за заробениот водач од географијата и историјата, претседателот на Русија, Владимир Путин, што го предвидува Маршал по изминати речиси девет години се оствари во реалноста на најбрутален начин. Контролата на големата Северноевропска рамница се сведе на агресија врз Украина и војна среде Европа, која веќе однесе илјадници жртви, предизвика тешки разорувања, а по речиси две години на ужасната војна не ѝ се гледа крајот.

Заробениците на географијата и на историјата се одлучуваат на војна и кога нема опасност и закана за нивната земја. Тоа е последица на тоа заробеништво и опсесија кога се работи и за атомска велесила. Водачите кои немаат демократска контрола и институционални механизми да бидат запрени во такви случаи, освен војна и ултиматуми, не гледаат друг начин на односи меѓу земјите за кои сметаат дека претставуваат опасност, дури и за империите. 

Има поштетни и полоши од шарлатаните 

Го издвоив цитатот на почетокот од текстот од воведот на извонредната книга на Тим Маршал за да посочам на огромното геополитичко значење за Европа на Украина и на Молдавија, бидејќи кај нас се намножија еден куп абдали кои се глупираат во медиумите со национална фреквенција, кои пак, поради некакво квази разбирање на демократијата им даваат простор на шарлатани кои ја трујат јавноста со глупости и разни провидни теории на заговори. Тоа веќе не се ни радикали, ниту пак националисти, бидејќи за тоа сепак се потребни извесни познавања, туку политички маргиналци кои вакви глупости не би можеле да кажуваат ни по дома. 

За жал, во оваа пофалба на глупоста се вовлече и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, забегани по поентирања во битките за власт, самите се залетаа во евтини и провидни јавни настапи. Погодувате за што конкретно станува збор? Се вреска зошто Македонија, веројатно во догледно време нема да ги продолжи почнатите  преговори со ЕУ, а покани за преговори добија Украина и Молдавија. Ги влечат нашите херои за уши Европа и Америка прашувајќи каква е таа неправда што ни се прави кој знае по кој пат. Или, зошто германскиот канцелар Олаф Шолц не го повика на кафе бугарскиот премиер кога се одлучува за Македонија, туку го „покани“ премиерот на Унгарија Виктор Орбан кога се одлучува за Украина.

Зошто СДСМ не интервенира кај своите големи европски пријатели. Зошто Албанија ги почна преговорите, а Македонија остана очајна во чекалницата. За да се поентира дека Бугарија не е единствената причина за блокада на ЕУ интеграциите, туку криминалот и глупостите на власта, а големите и влијателни членки на ЕУ се кријат зад Бугарија. Ете, ова се високоумните поенти на партиското раководство на ВМРО ДПМНЕ.

Ова можат да го кажуваат само шарлатани, а полоши од нив се само тие што ги знаат работите и сеат отров за да ја оправдаат својата историска вина што не ги изгласаа уставните промени. Ако навистина Бугарија не е причината за блокадата на Македонија да ги продолжи почнатите преговори и ако зад неа се кријат големите и влијателни членки на ЕУ, тогаш со усвојување на уставните измени во македонското Собрание работите ќе излегнат на чистина. Ќе се увериме дали ќе продолжат преговорите со ЕУ, или ќе се испорача некоја друга пречка. Втората работа е што само политички дилетанти можат да го изедначат геостратегиското значење на Украина која е огромна северно европскарамница и на Македонија која е значајна колку една мала скопска обиколница на геополитичката мапа на Европа.

Се разбира, може да се каже и тоа е кажано многупати не само од нас, туку и од светски политичари и државници, дека големите и влијателни членки на ЕУ не беа праведни кон Македонија низ целиот овој процес на транзиција. Имавме за тоа во наша корист и пресуда на судот за правда во Хаг, но сѐ уште не ги разбравме разликите меѓу правдата и правото, меѓу интересите на големите сили и желбите на малите држави. Ги доживуваме со голема горчина протекционистичките одлуки на интереси на Германија и на Франција и цела стара Европа кога станаа членки Бугарија и Романија. 

Кога се гледа само од агол на предавства

Во нивното последно заедничко интервју за француската национална телевизија  креаторите на таа политика, поранешниот претседател на Франција Валери Жискар Дестен и поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит, двајцата кога веќе беа во одминати години, признаа дека со овие две земји се направени грешки, но тоа е диктатот на геостратегиските интереси. Од тој аспект, и Романија и Бугарија се значајни европски држави со контрола на морски, речни и земни патишта. Таа улога на овие држави сега се гледа појасно и во последната воена криза во Украина.

Нашите прикажувачи на геостратегиски гачки прво треба да ја видат картата на Европа и на Украина до каде се протега таа рамница, па и на помалата Молдавија, кои реки течат таму, каква житница е таа, кои морски пристаништа на топли мориња се таму, да видат каде се и Бугарија и Романија за донекаде да им стане јасно зошто им се глупави споредбите.

Може да се упати критика и на власта за нетранспарентноста на преговорите со Грција и со Бугарија и за несоработка со опозицијата за вакви стратегиски прашања. Според мое мислење, грешката на власта е во тоа што не ѝ покажа појасно на јавноста дека со опозицијата не беше можна никаква соработка за овие прашања. Сите напори во дипломатските преговори, кои никаде не се јавни, беа проследени со бројни шпекулации и манипулации како акт на велепредавство и распродажба на националните интереси и обезличување на македонскиот идентитет, пред било што да се договори. Истото се случува и со меѓудржавната историска комисија.

Вмровското препознавање на државните и национални интереси низ целата историја на независната држава секогаш е од агол на предавства. Така беше со референдумското прашање за осамостојување на Македонија, така беше дочекан и договорот за повлекување на ЈНА и остварување на независноста на Македонија без испукан куршум, така беше со приемот на државата во ОН, така беше со привременото име БЈРМ кое беше прогласено за историски пораз. Блиску до здравиот разум дека ако не се постапеше така со оглед на околностите и интересите на големите сили, Македонија многу веројатно до Преспанскиот договор  не ќе беше членка на ОН. 

Истото ќе се случеше и со членството во НАТО ако не гласаа осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени за географската додавка северна на суштинското име на државата Република Македонија. Во тој случај Македонија  немаше да биде членка на НАТО. Затоа, во ВМРО-ДПМНЕ молчат и не го спомнуваат повеќе Преспанскиот договор за кој ветуваа дека штом дојдат на власт ќе го поништат. Меѓутоа, останаа на ставот дека тие нивни пратеници кои го изгласаа членството во НАТО се државни непријатели и предавници. Без нивниот глас Македонија не само што немаше да биде членка на НАТО, туку немаше ни да ги почне преговорите со ЕУ. 

Кој ќе слави ако не продолжат преговорите со ЕУ?

ЕУ испадна виновна што канцеларот Шолц, или претседателот Макрон не го повикаа бугарскиот премиер на кафе колку да се изгласа продолжување на преговорите на Македонија со ЕУ. Тоа е исто како сега во Украина некоја од партиите да стави блокада на преговорите со ЕУ од какви било патриотски и морални, идентитетски причини, а за тоа да се обвини ЕУ.

Или, како што има кај нас некои редовни партиски гласноговорници, кои настапуваат во јавноста божем неутрални анлитичари, кои во Америка и во водечките земји на ЕУ гледаат главен македонски непријател. Мудруваат со ширење на лаги дека нашите најголеми поддржувачи и стратегиски и економски партнери се причината што Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Така зборуваа и за НАТО, за сега да тврдат дека тоа не е некое достигнување кое секако ќе се случело и без договорот со Грција кој секако треба да се поништи.

Премиерот на Албанија Еди Рама иронично ги праша европските лидери дали сега некој треба и нас да нѐ нападне (мисли на Албанија и Македонија) и да почне војна па да бидеме примени во ЕУ. Тоа беше кажано малку на шега, малку со здрав цинизам, но точно и на место.  

Тоа и се случи на Југославија пред 32 години кога таа беше повеќе од регионална воена велесила и исклучително значајна геополитичка држава за цела Југоисточна Европа. Понудата беше експресно членство во ЕУ со политичка одлука. Таа историска единствена можност, Југославија да биде пред сите земји на постокмунистичка југоисточна Европа, рамноправна членка на ЕУ, беше  експресно одбиена од заробениците на географијата и историјата. За кратко победија милитантните националисти. Разврската беше крвава војна со ужасни злосторства и страдања и конечен трагичен распад. Тогашните наши соседи,  инфериорни во споредба со Југославија и нејзините достигнувања во секој поглед, сега ги лечат своите комплекси врз она што остана како држави во измислената географска додавка Западен Балкан. Во тоа им помагаат сесрдно лажните македонски патриоти во серијата погрешни историски одлуки.

Погодете каде ќе биде најголемото олеснување до веселба, прослави и радости ако Македонија не ги продолжи преговорите со ЕУ по своја вина. Јас мислам дека ќе слават вмровските партии во Македонија и Бугарија и бројните заробеници на географијата и историјата од двете страни. Разликата е во тоа што штетата е само на една страна. На Македонија.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)