Фудбалот и политиката – долга љубовна приказна


НАНО РУЖИН

Со победата над Германија фудбалската репрезентација максимално го обедини народот, сон кој никој од политичар од независноста до денес не успеал да го реализира. Од каде произлегува таа магија и обединувачка моќ на фудбалот?

 

Долга е љубовната приказна помеѓу политиката и фудбалот, односно спортот. Таа врска се провлекува со векови низ историјата на човештвото уште од времето на Античка Грција и Олимписките игри. Подоцна со воведувањето на екипните натпреварите во времето на Јулиј Цезар, преку бројните средновековни натпреварувања, потоа Олимписките игри одржани во Берлин 1936, американско-кинеската пинг-понг дипломатија, црните пантери на Олимпијадата во Токио 1964, убиствата на израелските олимпијци во Минхен (1972), бојкотот на Олимписките игри во Москва (1980),  сѐ до Олимписките игри во Пекинг (2008) или зимските Олимписки игри во Сочи (2014), односно идниот Мундијал во Катар (2022), како и низ други бројни спортски натпревари особено меѓу државите со спротивни идеолошки или стратешки интереси и конфронтации, црвената нишка помеѓу спортот и политика постојано лавираше. Спортот, особено фудбалот, вршеше длабоко социолошко влијание врз глобалната психологија и однесување популацијата. Колку големи радости ни приредуваа ракометарите, ракометарките, кошаркарите, одбојкарите, но она што го направи македонската фудбалска репрезентација минатата недела е без преседан.  

Сензационалниот успех на македонската фудбалска репрезентација против четворократниот шампион Германија ги спои и власта и опозицијата, и етничките заедници, и младите и старите, и националистите и космополитите, и мажите и жените, и ЛГБТ заедниците и црквата, и дијаспората и домашните граѓани. Низ социјалните мрежи се изнаредија патриотските честитки на пратеници, градоначалници, министри, политичките криминогени азиланти, премиерот, претседателот на државата и неверојатен број на припаднички на понежниот пол кои во нашите балкански простори не паѓале во транс заради фудбалот. Во времето на ковидот, овој историски резултат делуваше поефикасно од  вакцините. Дури ја занемаривме и она националистичката песна за „терасата и расата на Гоце“, што би рекол Младен Делиќ, „тоа беше ноќта кога беше многу пријатно да се биде Македонец, поточно граѓанин на Северна Македонија“.

Фудбалот, најважната споредна работа на светот, и во нашиот случај покажа дека е неразделен од политиката. Долго време оспоруван од страна на елитите, фудбалот стана незаобиколен феномен на поп културата. Во ритамот на подвизите на Пандев, Адеми, Елмас, Алиоски, Ристовски, кои потекнуваат од разни етнички заедници, романтично го испееа нашиот фудбалски блуз, покажаа дека секој етникум во државата поседува свои бисери, свои таленти, виртуози кои успеа да ги спои во еден солидарен механизам тренерот Ангеловски. Далеку од чудесните фудбалски магии, овие млади луѓе успееа да ги обединат сите во еден работници и интелектуалци, богаташи и пролетеријат, млади и стари, болни и здрави. Фудбалската репрезентација максимално го обедини народот, сон кој никој од политичар од независноста до денес не  успеал да го реализира. Од каде произлегува таа магија и обединувачка моќ на фудбалот?

Историски анализирано, фудбалот секогаш бил во центарот на балканската  политичка митологија. На 26 септември 1990 за време на мечот помеѓу хрватскиот клуб Хајдук од Сплит и српскиот клуб Партизан од Белград, кој се одржа во Сплит, публиката на сплитските „били“ влезе на теренот и го запали југословенското знаме. Тогаш отпочна распаѓањето на Југословенската федерација, констатира францускиот аналитичар Паскал Бонифас. Инаку претходно југословенските закони не дозволуваа играчите пред наполнети 28 години да играат за странски клубови. На тој начин беше доградена позната југословенска фудбалска школа која спортскиот светот ја споредуваше со магијата на карикоите, а југофудбалерите ги нарекуваше „европски  Бразилци“. Бебињата на Мрме оваа школа ја покажаа на дело и на теренот во Дуизбург, на чело со нашиот фудбалски дијамант Горан Пандев. На Балканот фудбалот е сѐ уште најпопуларниот спорт, но воедно и најполитизираната спортска дисциплина.

Колку политиката е присутна видовме за време на мечот помеѓу Србија и Албанија во 2015, кога еден дрон го прелета стадионот „Маракана“ во Белград со знамето на „Голема Албанија“. Потоа следеше и натпреварот помеѓу Швајцарија и Србија.  Во швајцарската репрезентација играа играчи кои потекнуваат од Косово.  Џака и Шаќири на копачките носеа апликации со знамето на Косово, а по победата со фигуративниот гест на нивните раце го направија двоглавиот орел, инаку универзална  иконографија на сите Албанци. Политиката навлезе на фудбалскиот терен, а тогашниот претседател на Косово, Хашим Тачи, честиташе на победата и им се заблагодари на двајцата голгетери од името на Косово. Гестот наиде на масовни критики во Белград.

фудбалот е рецептор на сите тензии во опшетството: Пандев во прегратка на фудбалерите откако го постигна голот за 1:0 против Германија

Но фудбалската еуфорија не е само балкански феномен. Легендарниот фудбалер Зинедин Зидан анализирајки го социолошкиот аспект на фудбалот, го истакнува значењето  на улицата и вели дека „теренот исто како и улицата му биле животни школи“. Една друга фудбалска легенда Јохан Кројф запиша: „Фудбалската игра нѐ научи дека во фудбалот моторот на сѐ е меритократскиот идеал“ . Од Пеле преку Роналдињо до Неимар, фавелата и уличните тренери биле spritus movens на Бразилците. Секој што е талентиран и трудољубив, доколку се продаде во Европа, би можел финансиски да го обезбеди целото семејство од сиромаштијата на бедните квартови на Рио де Жанеиро. За едукативната функција на фудбалот зборува и нобеловецот и француски писател од алжирско потекло Алберт Ками: „Етиката ја научив на театарската сцена и на фудбалскиот терен, кои ќе останат мои вистински универзитети“. Денес фудбалот прерасна во школо и трамбулина на најсиромашните слоеви во општеството, универзитет кој не го поминуваат политичарите.

Понекогаш некои политичари верни на елитистичката индеферентост кон фудбалот, изгледале комично кога се појавуваат на трибините за да ги бодрат националните тимови. Често доживувале и непријатни искуства. Претседателот на Франција Жак Ширак ја напушти свечената ложа кога пред почетокот на мечот помеѓу Франција и Алжир, кога при интонирањето на Марселезата, француските Алжирци ја исвиркаа. Меѓутоа кога во 1998, Франција во Париз го освои Мундијалот, опиен од успехот Ширак го прекрши пртоколот и еуфорично ја бакна избирчената глава на голманот на репрезентацијата, Бартез. Од овој момент фудбалот влезе на голема врата во председателската канцеларија во Елисејската палата. Председателот Саркози од своја страна го прекина традиоционалниот код на десницата и реши да биде присутен на секој меч на неговиот омилен клуб „Пари Сен Жермен“. Неговиот наследник Франсоа Оланд, како голем заљубеник на фудбалот, примал министри во работната просторија во која постојано бил запален ТВ-преимник кога се пренесувале фудбалски натпревари. Сите овие потези, особено по успехот на фудбалската репрезентација ја зголемуваа популарноста на првиот човек на државата.   

Кон почетокот на 2000-та беше одлучено од страна на ФИФА организацијата на Светското фудбалски првенството во 2010 да се одржи во Јужна Африка. На тој начин Јужна Африка беше првата африканска нација која го организира Мундијалот. Тоа беше политичка одлука, истакна првиот човек на ФИФА, Сеп Блатер. Играчите и репрезентативците, освен на зелениот терен настојуваа да ги измират и завојуваните страни во нивните држави. Легендарниот центарфор на Брегот на слоновата коска,  Дидие Дрогба и неговите „слонови“, во 2005 на колена ги молеа политичарите и етникумите да ги напуштат оружјата и војните повици и да се обединат. Неговите пацифистички акции и оние на Џорџ Веа во Либерија, кој подоцна беше избран и за претседател, постојано беа во функција на единството и мирот во Африка.  Во 2018, на денот на 70-годишнината од создавањето на Израел, премиерот Нетанјаху за огромни пари го повика Аргентинецот Лионел Меси да гостува во Ерусалим на неколку недели пред почетокот на Мундијалот во Русија. Фудбалот повторно влезе во функција на полтиката.

На овој настан домаќинот на Светскиот куп во фудбал, Владимир Путин, порача: „Познато е дека спортот може да ги смири недоразбирањата. Русија и некои западни држави немаат идеални односи. Можеби Мундијалот делумно ќе помогне, но независно од тоа, ние ќе им посакаме добредојде на сите кои сакаат да навиваат за своите национални тимови“.

Дали навистина фудбалот е многу сериозна работа за да им се остави едноставно на фудбалерите? Денес политичарите исто како и обичниот народ се силно вплеткани во уметноста на фудбалот. Некои аналитичари како Патрик Мињон зборуваат за „фудбализација на општеството“. Во Турција, кога претседателот Ердоган за воените интервенции во Курдистан побара подршка од турската фудбалска репрезентација, фудбалерите му возвратија  со војничко салутирање кон неговата ложа. Еден друг ангажиран фудбалер, Месут Озил донедоамна играч на „Арсенал“ на Твитер јавно се изрази против политиката на Кина кон муслиманското малцинство на Ујгурите во Кина: „Кинезите ги палат книгите на Коранот, ги рушат џамиите, ги затвораат и убиваат исламските интелектуалци“. Кина која многу добро ја познава стратегијата на фудбалот во геополитиката на soft power, реагираше брзо и го отстрани германскиот репрезентативец од играта Pro Evolution Soccer, која му носеше добра заработка на „Арсенал“. „Арсенал“ од своја страна се огради од зборовите на Озил и продолжи со финансикиот профит од локалните игри во Кина.     

Меѓутоа во некои случаи, политиката некогаш може да се најде и на отстрел на публиката. Често навивачките групи изманипулирани од страна на поединци криминалци, прераснуваат во алатка за недозволени дејности, како што беше случајот со навивачката група на белградски „Партизан“, но и многу други ширум Балканот.     

Искуствата на  домашните политичари со фудбалот не се ниту екстремно негативни ниту крајно позитивни. Фудбалската репрезентација ги разгали срцата на сите граѓани и политичари по квалификациите за европското првенство што се смета за најголем успех на македонскиот фудбал. Во изминатите триесет години во повеќе случаи, домашните политичари беа исвиркани од страна на навивачите, особено во услови на политичката криза или меѓуетничките тензии. Победата на македонската фудбалска репрезентација над Германија по успехот во квалификациите создаде „фудбализација на Северна Македонија“, мелем на сите наши фудбалски порази. Овој феномен треба да биде поимен во смисла на значењето на фудбалот како мрежа за читање од страна на општествените слоеви, како привилегирано средство за државата и разновидните актери на културата на фудбалот.

Јасно се гледа одговорот на прашањето: зошто фудбалот е рецептор на сите тензии во опшетството? Затоа што фудбалот може да е и ехото и режисерот на трансформацијата на општеството, место за привлекување на  работничките и средните слоеви, израз на тензиите, на модернизацијата и глобализацијата на општеството, процес на конструкција на колективните идентитети, начин на влијание на државата во општеството за надминување на „социјалните и општествените проблеми“. Фудбалот едноставно се покажува како една популарна и народна пасија која прераснува во прибежиште збогатено со мотиви на политизација, со огромен придонес во креирањето и јакнењето на колективните идентитети. Фудбалот е универзално полезен феномен и затоа државата треба да финансира многу повеќе отколку досега. Нашите фубалери, идните и сегашните генерации имаа потенцијал да го споделат епитетот со останатите талентирани балкански нации како „европски Бразилци“ од Северна Македонија.

(Нано Ружин е универзитетски професор)