Француските конспирации

АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Поминаа повеќе од две недели од „историското“ француско „не“ за ЕУ проширувањето, а со тоа и за нашиот фамозен датум за почеток на преговорите за членство. Изблиците на незадоволство, разочараност, но и критиките кон Владата за неуспехот, траеја нешто подолго од вообичаените „три дена за секое чудо“, но и тие поминаа, па откако слегна еуфоријата околу тоа, сега мене ми преостанува да ги истакнам и теориите за ваквиот исход кои не беа досега јавно искажани.
Да почнам со поинтересните – конспирациите, односно теориите на заговор зад одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон. Веќе се напиша многу за комплексната ситуација во која се наоѓаше Макрон таа недела, од изедначеноста на рејтингот со лидерката на Националниот фронт (крајната десница во Франција), до бламажата од ЕУ парламентот со неизборот на неговата кандидатка за комесар Силви Гулар (заедно со кандидатите од Романија и Унгарија, сите врз основа на можна корумпираност). Но, слушнав и некои други размислувања и теории, кои не ги сретнав во медиумите, па ќе споделам три во продолжение, макар и само за забава на читателите.
Џеси Вентура ефект. Првата од тие теории се однесува на моќта што претседателот ја има во францускиот политички систем, а која употребувајќи наша фразеологија може да се сведе на констатацијата „му се може“. Или, за споредба, може да се употреби објаснувањето на дежурниот критичар на американското општество Мајкл Мур, зошто Трамп ќе победи на изборите, неколку месеци пред тоа и навистина да се случи. Тој даде пет аргументи во полза на таков исход, а петтиот беше т.н. Џеси Вентура ефект (случајот на избор на професионален борач за гувернер на Минесота). Според него, гласачите може да изберат и кловн за претседател, само и само поради тоа што им се може, односно слободата на избор со тајно гласање овозможува милиони луѓе да гласаат за најневеројатната опција, од која и да е причина што ја имаат кога се сами зад параванот за гласање и можат да заокружат што било или да пишат Мики Маус на ливчето. Така и Макрон, со системот на гласање со консензус во Советот на ЕУ, како и секоја друга земја членка, имаше можност да блокира одлука дури и со сите други 27 земји определени „за“ таа одлука. Дополнително, неговите овластувања во рамките на францускиот политички систем, му даваат речиси неограничена можност самостојно да одлучи „вака или така“. Во сите разговори на колегите од невладиниот сектор, кои повеќе и поблиску се занимаваат со оваа проблематика од мене, им било укажувано дека е многу извесна позитивна одлука за почеток на преговори за Македонија, но сите се оградувале на крај со фразата „освен Макрон ако не рече ‘не’“, дури и во самото француско Министерство за надворешни работи, токму заради таа негова можност за одлука. Макрон, за жал, ја искористи таа своја можност, која и да била причината за такво нешто – од одмазда за неизборот на Гулар за ЕУ комесарка, преку вниманието за својот рејтинг во Франција, па сè до умисленоста дека е некаков нов Наполеон!
Секогаш беше Франција, а не Грција. Втората интересна теорија што ја слушнав, е исто така во однос на гласањето со консензус во ЕУ, односно можноста една земја да блокира одлука за која, барем навидум, се сите други земји. Ние тоа добро си го знаеме, со цела декада блокади од Грција заради спорот за името. Затоа и оваа влада се фати со решавање на тој спор, сметајќи дека тоа остана единствена пречка. Овој пат не беше Грција, но ете се појави Франција. Но некои велат – отсекогаш беше Франција, а не Грција. Франција само се криеше зад Грција сите овие години. Потсетуваат и на ставот на Жак Ширак во 2005 кога едвај попуштил долго во ноќта за Македонија да добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Конспиративците велат дека Караманлис во Букурешт 2008 година бил поддржан токму од Франција за неговото „не“ за нашиот прием во НАТО. И тоа е проблемот со консензусот. Еден е против и не поминува одлука, но не мора да значи дека навистина еден е против – туку дека еден тоа јавно го кажува и така гласа, а другите што се исто така против, нема потреба јавно да го соопштат тоа. Така и овде, Грција беше таа која велеше „не“ цело време, а откако се изби нејзиниот аргумент за името, сега напред истрча Франција. Некои велат дека и Холандија и Данска биле против, но ете – доволно беше Франција да каже „не“ (а тие можеби ќе го кажат истото кога ќе се исцрпат причините за француското „не“). А дека не е баш „само еден против“, како што ние си мислиме и како што главно се претставува во нашата јавност, покажа и последователното гласање во Европскиот парламент на темата ЕУ проширување. Имено, точно е дека и таму се доби поддршка за почеток на преговори на Македонија (и Албанија) со големо мнозинство од 412 гласа „за“ наспроти 136 „против“, но тоа е речиси точно сооднос 3:1 што е далеку од претставата 27:1 во ЕУ Советот, т.е. дека сите биле „за“, а само Макрон против.
Економијата. Како што Американците често велат при секои избори – it’s about the economy!, односно до економијата/бизнисот е и ако оди добро, многу е веројатен повторен избор на актуелен претседател (патем, заради оваа главна причина веќе се прогнозира уште една победа на Трамп следниот ноември). Теоријата е – каква економија (економска размена) имаме со Франција? Одговорот веројатно е – никаква, односно многу мала, споредена со првите пет земји (меѓу кои и Германија и Велика Британија). Една шега на оваа тема велеше – Србите им го дадоа на концесија на Французите аеродромот во Белград, бизнис вреден над половина милијарда евра и… почнаа преговори. Од Македонија се очекувало да ги печати новите пасоши во Франција, но тоа останало бизнис за Германија, а се зборува и за пречистителна станица за град Скопје, но таму не се стигнало ни тендер да се објави. Со други зборови, ако наш интерес била „пас“ од Франција за ЕУ преговори, кој интерес на Франција ние сме задоволиле за да го добиеме тоа? И конспиративците би поентирале – баталете ги европски вредности, владеење на право, закон за СЈО, човекови права и слични „глупости“ – до економијата/парите/интересите е!
Албанија… или Албанците. Или погенерално – муслиманите. Имено, иако ЕУ се залага за недискриминација и го пропагира тоа како една од своите основни вредности, во реалноста има голем отпор (вклучително и кај гласачите во повеќето земји) кон странци, бегалци, мигранти, особено кон припадниците на исламската вероисповед. Конспиративците забележуваат дека во „чекалната“ на ЕУ останаа само Турција и шесте земји од Западниот Балкан, кај кои е мнозинско или значително малцинство – муслиманското население. Со подемот на крајната десница низ цела Европа, сметаат дека ќе стане невозможно земји со такво население да бидат примени во ЕУ. Макрон дури и експлицитно посочи на Албанците, како нација со втор најголем број на барања за азил во Франција, а кај дел од земјите (пр. Холандија и В. Британија) отворено се зборува за преземање на водството во организираниот криминал од албанската мафија. На муабетов, не знам дали е така или не (Албанците и особено ДУИ тука се промовираат како најголеми ЕУ/НАТО промотори), но пред десетина дека (ми) е украдено службено возило на МЦМС (бел „шкода кодиак“), а последната трага (од камерите по раскрсниците) води од улицата „Џон Кенеди“ лево кон малите и тесни улички на Општината Чаир. Се разбира, не можам да тврдам дека Албанци ја украле, додека не се пронајде и се докаже кој го направил тоа и зошто, но не знам што друго да мислам (а сите со кои зборував – од полиција, преку продажните салони за возила, до осигурителните куќи го кажуваат истото), па се надевам жителите на тој реон и ДУИ како партија, која ја води таа општина, ќе придонесат во решавање на случајот и пронаоѓање/враќање на возилото.
Долгата рака (на ВМРО). Конечно, најконспиративната од сите теории, оди толку далеку, до за нас важната 1903 година и солунските атентати. Имено, знаев дека една од целите на гемиџиите бил францускиот брод „Гвадалкивир“, но дури сега дознав (ако е и тоа точно) дека една од другите цели која била рушена со динамит – Отоманската банка, била во француска сопственост. Понатаму, нели атентатот на кралот на Југославија, Александар Караѓорѓевиќ, од страна на Владо Черноземски во 1934 година, се случи во Марсеј, Франција. Па така, според теоријава, „долгата рака на ВМРО“ имала главно француски цели, кои тие, ете, ни ги паметеле сиве овие години, па дошло време да се покаже дека раката на Франција е подолга од таа на ВМРО (злобниците ова го прошируваа и на актуелното ВМРО-ДПМНЕ, за нивни наводни напори да не се добие датум за преговори, со постојаното укажување низ државите на ЕУ дека состојбите кај нас не се добри).
Како и со сите други теории на заговор, и со сите овие не знаеме (а за повеќето и не можеме да знаеме) колку има вистина во нив или се издржани, но ете – за заокружувањето на приказната околу недобивањето на датум за преговори, сметав дека треба да се споделат и во јавниот простор.