Франција нуди македонски јазик, безусловен почеток на преговорите и историјата надвор од рамката

Историските прашања  остануваат само на билатерално ниво и Бугарија не ќе може да ги користи за да рече да или не кога ќе се оценува прогресот на Македонија, тврди Османи


 

Имаме на маса предлог што ги задоволува нашите барања и јас се надевам дека ќе бидеме на висина на задачата и со студени глави, со одговорност и со државничко однесување ќе го направиме овој исклучително значаен исчекор за државата – порача премиерот Димитар Ковачевски попладнево пред новинарите, претставувајќи го предлогот на француското претседателство за започнување на преговорите на ЕУ со Македонија. Според него, време е да кажеме дали ќе одиме во Европа или ќе останеме тука на Балканот, за да се занимаваме со нешта што не го разбираат младите во државата.

„Ме прашувате дали треба референдум за одлуката? Ние во  1991 година со референдум изгласавме независна држава која ќе биде дел од европските интеграции. Сега е пред нас одлуката, пред Владата и пред Собранието, а прашањето е дали ќе го направиме тој последен исчекор за да тргнеме во насоката што го обезбедува тоа. Од тој пат нема веќе ни лево ни десно. Секој кој сака да ги воведеме европските вредности, сега е време да ја донесе таа одлука“, рече Ковачевски.

Тој не беше изненаден од најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе организира протести околу францускиот предлог, уште повеќе со шефот на дипломатијата, Бујар Османи, тврдеа дека протестот бил подготвуван уште за април годинава – без оглед што не се знаело што ќе стои во документите од ЕУ. 

„Ако некој решил заради дневна политика да се изолира сам или да ја изолира политичката партија, не смее тоа да го направи на сите граѓани. Ова не е само француски предлог, туку европски“, рече Ковачевски, посочувајќи дека од шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен добил порака во дека ЕУ се подготвени да почнат со скринингот, а не само да се сликаат со нас на меѓувладина конференција. 

„Секој треба да си ја преземе одговорноста. Ние решававме клучно државно прашање, додека ВМРО-ДПМНЕ цела ноќ лепеле сликички низ градот. На што личи тоа? Ние сме биле виновни за поскапувањето на бензинот“,  рече Ковачевски, со додавка дека, ако нешто од што зависи иднината на неговите и на нашите деца треба да се прави на сила (мислејќи на одлука без поддршка на опозицијата), тогаш треба да се запрашаме кој каков интерес има тука во Македонија.

Тој не пропушти да нагласи дека сите важни договори за државата ги има донесено СДСМ досега, вклучувајќи го и признавањето на МПЦ, иако ВМРО-ДПМНЕ е конзервативна партија и од неа тоа се очекува, што според него е знак колку политичка волја и сила има во Владата да ја истурка одлуката за прифаќање на францускиот предлог. 

„Ништо не морам да направам и не сум под никаков притисок“, реплицираше Ковачевски на дилемата што мора да направи, каква отстапка, за да почнеме преговори со ЕУ. Околу дилемата зошто Бугарија гласаше во Народното собрание пред да дојде воопшто конечниот предлог од француското претседателство, премиерот појасни дека тоа за што гласаа бугарските парламентарци беше нова резолуција од четири точки со која ја анулираа Рамковната позиција од претходно и си отворија врата да ги прифатат предлозите од Брисел. 

„Ако го прифатиме денес предлогот, уште утре ќе имаме меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите“, нагласи вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој сепак остави простор да се изгради консензус низ консултации со сите релевантни фактори во државата и од Собранието да дојдат насоки дали се излегува со рамките на декларацијата што ја изгласаа таму нашите политички партии. 

Запрашан што го плаши најмногу во предлогот, односно кое е најлошото можно сценарио со него, Ковачевски одговори дека тоа е можноста да не ги спроведеме обврските што ги бара ЕУ, да не расчистиме со криминалот, судството да не ни стане ефикасно, да не стане ефикасна јавната администрација – односно прашањата околу кои ќе нѐ оценува ЕУ и ќе ги отвора или затвора кластерите. 

Околу предлогот на Франција, што беше објавен јавно претходно, Ковачевски, Османи и Маричиќ изнесоа повеќе детали и свои толкувања. Според Османи, откако беа потпишани договорите за решавање на споровите со Грција и со Бугарија, тие станале дел од сите извештаи на Европската комисија и сите документи на ЕУ, така што немало шанси да не се споменат и во општиот дел на Преговарачката рамка, во Параграф 5. Тој потсети дека Бугарија сакала посебно поглавје за спорот, по искуството со Србија која има поглавје само за Косово, но тоа не било прифатено од наша страна. Потоа, барале одредбите од Договорот за пријателство и соработка да бидат споменати како посебни услови, надвор од добрососедството, но не успеале, а по нашето противење отпаднал и последниот обид билатералните протоколи поврзани со условите 4 плус 1 и Историската комисија да бидат споменати од Французите во општиот дел на преговарачката рамка. 

„Имаме чист македонски јазик во преговарачката рамка, нема посебно поглавје за бугарските барања, нема билатерален протокол во условите, но не можевме да ги избегнеме малцинските права кои се дел од фундаменталните права, кои се дел од Копенхашките критериуми и од преговарачките рамки за сите земји, вклучувајќи ја и таа за Србија (која има дури 21 обврска околу нив)“, рече Османи.

Во врска со барањето Бугарите да влезат во Уставот, тој појасни дека предлогот е тие да се вклучат во Преамбулата таму каде што се набројуваат другите делови од народи и во Амандманот 12 .

„Ако се внатре Турците, Ромите, Власите, а ние немаме утврдено процент за споменување во Уставот, зошто тогаш да не се вклучат и Бугарите“, оцени Османи додавајќи дека интерес имаме и ние како држава да се направи тоа, бидејќи тогаш ќе се признае дека се малцинство.

И нашето барање да нема условен почеток на преговорите е задоволено така што сите елементи кои значат почеток на преговори со една земја кандидат за ЕУ ќе бидат вклучени во првата меѓувладина конференција, која ќе се одржи веднаш штом дадеме согласност на преговарачката рамка – од изјавата за отворање на преговорите, одлуката за започнување на скринингот, до безусловно и автоматско одржување на втората мешувладина конференција, без да ѝ се даде нова шанса на Бугарија да го блокира процесот. Поточно, тогаш кога ние ќе ја известиме ЕУ дека сме ги вклучиле Бугарите во Уставот, но не пред една година, колку што трае скринингот, ќе се одржи втората меѓувладина конференција на која ѓе се разгледаат извештаите од проценката на нашата подготвеност и ќе се отвори првиот кластер.

Најмногу енергија рече Османи, е потрошена на решавање на спорот околу јазикот, а епилогот е дека тој јасно е именуван како македонски во преговарачката рамка и станува еден од јазиците што ги користи ЕУ. Од наша страна било побарано со ова решение за македонскиот јазик веднаш да се потпише и договорот со ФРОНТЕКС, што со години го блокира Софија токму заради тврдењето дека нашшиот јазик е дијалект на бугарскиот. Францускиот предлог ги вклучува двете унилатерални изјави околу јазикот кои, според Османи, ќе бидат надвор од преговарачката рамка и во еднократен записник кој нема никакво правно значење натаму. Тоа значи дека нема да има од нив никакви последици , бидејќи ќе се споменат само еднаш, со очекување Бугарија да каже дека нашиот јазик е еден од шесте дијалекти на бугарскиот. 

„Ние цело време се обидувавме да спречиме ЕУ и земјите членки да го прифатат тој став на Бугарија, а не да ја спречиме Бугарија да го тврди тоа“, нагласи притоа Османи. 

Во врска со ставот во документите дека ќе има годишна оценка за Членот 12 од Договорот за соработка и пријателство со Бугарија и дека заклучоците од втората билатерална средба (избегнат е зборот протокол) ќе бидат суштински, Османи рече дека Договорот со Бугарија отсекогаш бил дел од  преговарачката рамка, така што не мора ништо друго да се спомне ако  Бугарија сака повторно да го оспори процесот или да ни стави вето. За нас, нагласи тој, беше битно да не се споменува протоколот директно, така што сега само се интерпретира Членот 12 како дел од Договорот.  Но, тој нагласи дека за малцинските права ќе има Акциски план што ќе треба да го исполни Македонија, покрај тие за владеењето на правото и  за јавната администрација , но дека Договорот за соработка и пријателство со Бугарија не е вклучен во одредниците кои ќе влезат во  тој Акциски план, туку само се споменува во општиот дел на преговарачката рамка. „Историските прашања, нагласи Османи,  остануваат само на билатерално ниво и Бугарија не ќе може да ги користи за да рече да или не кога ќе се оценува прогресот на Македонија“. 

Има ли рок до кога треба да испратиме одговор до Брисел, беше следното прашање на кое Османи одговори негативно, но со додавка дека ако сакаме да почнеме брзо преговори, треба брзо да дадеме согласност за францускиот предлог.  

Најмногу дилеми меѓу новинарите имаше околу Историската комисија и има ли рок до кога треба да се реши, на пример, чиј е Гоце Делчев, на Македонија или на Бугарија? Османи информираше дека протоколот што очекуваше да биде потпишан заедно со преговарачката рамка во Брисел иако е веќе усогласен, и кој веќе утре ќе биде објавен – нема задолженија за Историската комисија.

„Акцискиот план за малцинствата повеќе е како приказна отколку како суштина. На евентуалните бугарски притисоци ЕК ќе им каже дека немаат основа да стават вето за такво нешто, бидејќи не се дел од патоказите (акциските планови). Токму од оваа причина сега се носи одлуката за втората меѓувладина конференција, за да не можат повторно да отворат вакви прашања. Ниту Договорот со Бугарија, ниту Преспанскиот договор не се дел од патоказите (одредниците) по кои ќе се следи напредокот на земјата, иако Бугарија може да најде милион причини ако сака да каже не за процесот“, посочи Османи, практично сугерирајќи дека можностите за вето, ако се сака, се неограничени – биле споменати како услов во документот или не.   

Тој негираше дека ќе има цензура во Македонија при следењето на говорот на омраза, нагласувајќи дека двете МНР ќе бидат само контакт адреса за таквите поплаки, а евентуалните процеси ќе бидат според нашата дефиниција, нашето законодавство и во нашите институции, како и досега. Притоа нагласи дека и ние немаме интерес да има говор на омраза кон наште граѓани што се изјаснуваат како Бугари и дека во Бугарија веќе има две пресуди за слични случаи (едниот околу несреќата на „Беса транс“).  Како контрааргумент тој притоа спомена дека кај нас има учебник по географија  во кој, освен актуелните граници, се опишани и „етнички територии на Македонија“. За тоа дали  новинарите ќе одговараат ако споменат бугарски фашистички окупатор во земјава, Османи  рече дека, ако Историската комисија утврди став за ова прашање, тоа ќе се сугерира за употреба, но нема да има казнувања.