Фото-провокација: Покажете ни го Скопје во поубаво светло!


Утописки, надреални сцени може да забележаите ако сакате, со само една кратка прошетка во строгиот центар на главниот град – по кејот на Вардар и плоштадот „Маледонија“.

Ваков е погледот кон кулите во изградба спроти хотелот „Холидеј Ин“, ако се шетате по кејот на Вардар. Суво дрво, исчкратн потпорен ѕид и скудна ограда по пристапната рампа…

Ни пред зградата на АЕК сликата не е ништо подобра. Исушена врба, на која ни името не ѝ се гледа, па се прашувате дали беше вера, љубов или надеж. Што и да е – се исушила!

Погледот го надополнува и ѓубрето кое Вардар го носи и го заглавува околу носачите на никогаш проработените галии!

Што е овој ископ, покрај патеката за велосипеди на кејот, нема кој да одговори, затоа што од Градот единствено што пристигнува до медиумите се соопштенија со демант или прошетките кои градоначалничката ги прави при увид на некој од проектите кои сака да ни ги промовира.

Гулаби бегаат во сенка од скопската жега во близина на МНР, но вода не смеат да се напијат ниту од реката под нив, ниту од некоја чешмичка. Водата во Вардар е високо загадена, а чешмичките ги направија толку паметни и штедливи, што ни човек, ни животно не може да се освежи.

Оваа галија, која е заглавена во судски спор, па ниту е во Вардар, ниту надвор од него, му послужи на човеков за сенка. Глетката не е многу пријатна, но сенката е длабока.

Постапокалиптичен мост – нема луѓе, нема птици, само статуите гордо се печат на сонцето, но барем јажето нуди излез.

Верата, љубовта и надежта – врбите посадени во Вардар како дел од „Скопје 2014“ единствени по малку зеленеат – слободни и потполно природни, неодржувани, но пркосни, а си поканиле и друштво трски.

Мора да се признае дека градбите на овој мал простор се грандиозни. Оддалеку не се забележуваат нивните маани, па можеби туристите, они кои прв пат доаѓаат во Скопје прават убави фотографии. 

Ние, кои го знаеме овој потег, како се менувал низ времето, ние кои секојдневно поминуваме од тука, понекогаш седнуваме на клупите, ги забележуваме сите знаци на неодржувањето. 

За неодговорноста на граѓаните, не треба ни да се зборува. Во вакво окружување, не треба да се бара ентузијазам за фрлање отпадоци во корпа. Тоа останува на клупата или на скалите. Ќе внимаваме на некои туѓи, клупи, на некои туѓи скали… (Б.Б)

Фото: Б. Грданоски