„Фолтин“ одбележува 30 години музичка слобода и жива врска со публиката


Три децении по својот прв концерт, „Фолтин“ ја најавува најобемната јубилејна програма во својата историја. Под наслов „Фолтин 30 – три децении музичка слобода и жива врска со публиката“, текот на 2026 година ќе бидат реализирани повеќе концертни, издавачки и мултимедијални активности што го одбележуваат патувањето на еден од најавтентичните музички состави на овие простори.

Со голем јубилеен концерт на Хераклеа во август 2026 ќе биде централниот настан, по што ќе следуваат концерти во Скопје и во повеќе градови во регионот. Со концертот на Хераклеа „Фолтин“ ќе ја има честа да го затвори Битфест 2026.

На прес-конференцијата по повод 30-годишниот јубилеј, од „Фолтин“ посочија дека дел од прославата ќе им ја препуштат на другите, на пријателите, музичарите со кои се сретнале по патот и на оние кои во некој момент влегле во нивната музика, а потоа ја понеле со себе.

-Триесет години подоцна, најголемото достигнување не се албумите, концертите или километражата помината по патиштата. Најголемото достигнување се врските што останале живи. Затоа што јубилеите не се мерат во години, туку во луѓето што остануваат покрај тебе, велат од „Фолтин“. 

Триесет години музика „Фолтин“ ќе ја одбележи со неколку концепти. Foltin Re-composed е албум составен од нови читања на композиции од „Фолтин“, создадени од музичари од Македонија и регионот. Секој од нив избра песна и ја прераскажа на свој начин, низ сопствениот музички јазик, сензибилитет и искуство. Од 29 јуни секој понеделник на Радио Метрополис во шоуто „Маја за подварок и менопауза“, со Маја Казакова ќе се објавува по една песна, композиција од проектот Foltin Re-composed, а истиот ден композицијата ќе биде достапна и на официјалните музички канали на „Фолтин“.

Foltin Live, за кој музичарите велат дека е идеја која произлегла концертниот миг да го претворат во звучна меморија – двојна винил плоча, снимена целосно во живо на врвна аналогна опрема во Пловдив и во Скопје, а печатена во Виена според највисоки стандарди за винил продукција. 

Од групата посочија дека Foltin Live претставува звучна монографија на концертниот идентитет на „Фолтин“ и обид за автентична енергија на бендот да биде зачувана во форма што ќе остане како траен документ за нивната триесетгодишна присутност на сцена.

Од бендот посочија дека се пристигнати првите 150 примероци од винил изданието. Станува збор за лимитирана серија рачно нумерирани и потпишани плочи, наменети за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот. Тиражот е достапен преку новата веб страница на „Фолтин“ www.foltin.mk . Во другите градови ќе се испраќа по карго. 

Информираа дека во наредниот период ќе се организираат слушачки промоции низ земјава, а првата ќе се одржи вечер во 18 часот во Аудиокултура во Скопје, каде посетителите ќе имаат можност да го доживеат албумот на врвна Hi-fi опрема. Следната промоција ќе се одржи во Битола.

Како надополнување на јубилејната програма ќе се реализира и серија кратки видеа посветени на помалку познати приказни, случки и моменти од историјата на „Фолтин“. Визуелниот идентитет на јубилејните изданија и проекти е на Зоран Кардула.