Филипче ја повика владата да побара екстрадиција на Груевски, ќе бара истрага и за парите од Будимпешта

Владата ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, а тој ја претвори нашата држава во своја приватна колонија, рече Филипче


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара од владата веднаш да побара екстрадиција на екс-премиерот Никола Груевски, а од Будимпешта да го истражи потеклото и текот на парите што од Виктор Орбан стигаа во Македонија преку ВМРО-ДПМНЕ. Според него, на изборите во Унгарија се видело дека европските интереси победуваат над Русија и дека победата на Петар Маѓар ја честитала цела Европа, освен нашиот премиер Христијан Мицкоски. 

„Владата ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, не заради интересите на државата и на граѓаните, туку заради свои лични интереси“, рече Филипче набројувајќи ги медиумите, комуникациите, енергетиката, инфраструктурата , кредитите… Тој рече дека Орбан ја користел Македонија како своја приватна колонија за политички и финансиски интереси.

„Паниката кај ВМРО е очигледна. Медиумите под контрола на мрежата на Орбан почнаа да ја намалуваат важноста на победата на Петер Маѓар кај нас. Но, вистината доаѓа на виделина. Дојде време за вистината за бизнис врските на Мицкоски и Орбан. Речиси 40 отсто од медиумите потврдено и докажано и од независни истражувачки новинари, не наши локални, од Европа, се под директна контрола на луѓето на Орбан, во служба на ВМРО и Мицкоски, кои се пропаганда машинерија во Македонија за црна кампања, за креирање лажни вести и за ширење антиевропски наративи“, рече Филипче. 

Откако ги наброја инвестициите од Унгарија во разните сектори тој нагласи дека тоа не се инвестиции од Унгарија туку од луѓе блиски на Орбан.   

„Дојдоа една милијарда евра кинески пари потврдени во извештај на Европскиот парламент под таканаречени пријателски услови што ќе ги отплаќаат нашите внуци за политичка и медиумска поддршка на Мицкоски. Орбан прво скриено, а потоа отворено беше рака на Русија во Европа. Сега Мицкоски ќе мора да најде друг начин како да ги финансира своите медиуми и лажните кампањи. Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора детално да бидат истражени. Граѓаните мора да знаат кој точно стои зад медиумите,телекомуникациските и други бизниси“, рече Филипче. 

Тој го постави и прашањето за иднината на Груевски. 

„Сега се поставува што ќе прави сега Никола Груевски, кога нема повеќе заштитник во Будимпешта? Години наназад уживаше гостопримство. Ќе бега ли во Русија или на друго место или ќе се врати да ја отслужи казната? Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унгарски премиер од вчерашната прес-конференција дека ќе ги испорача оние кои се кријат на нивна територија и кој конечно го означи Никола Груевски како криминалец. Ова е крај на ерата кога Будимпешта беше безбедно засолниште за сите осудени криминалци. Бидејќи ЗНАМ веќе ја честиташе победата на Маѓар, прашањето е има ли досега поднесено барање  од оваа влада за екстрадиција на Груевски? Доколку нема, зошто нема, и дали денес ќе поднесе барање? Време е за правда, време е за Европа, кај нас и во целиот регион“, оцени Филипче.  

Тој предвиде и пад на „режимот во Србија“.

„Граѓаните на Унгарија јасно и гласно рекоа: Доста е од автократија! Ова е голема, историска победа на демократијата над автократијата, на Европа над руското и кинеското влијание и на владеењето на правото над корупцијата. Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион: времето на автократите завршува. Паѓаат автократските режими. Следен е тој во Србија, па после тоа на Мицкоски кај нас. Регионот припаѓа на Европа, а не на Русија. Доаѓа време на правда и одговорност“, рече Филипче.

Според него, падот на Орбан значи крај на заштитата што ја имала актуелната власт.

„И сега кога Орбан паѓа, сите овие тајни договори, бизнис комбинации ќе излезат на виделина. Нема повеќе заштита од Орбан, нема повеќе таен план. Сега ќе мора Мицкоски да најде друг начин како ќе ги финансира своите медиуми да шират лажна кампања, и за тоа веројатно ќе ги користи парите коишто ги тренираат преку свои блиски фирми од буџетот, практично од парите на граѓаните“, рече Филипче.

Претходно со соопштение СДСМ објави дека идната влада на Тиса, предводена од Петер Маѓар, најавила длабока реформа на медиумите и враќање на Унгарија на европскиот пат.

„Македонија е веќе во медиумски мрак поради медиумите на Орбан кои контролираат 40 проценти од медиумскиот простор, со кои директно управува криминалната организација ВМРО. Лажни вести, измислени афери, деноноќни црни кампањи против СДСМ и јавен линч врз претседателот Венко Филипче станаа секојдневна реалност во Македонија. Од нашата прва најава дека Орбан ќе падне, кога граѓаните почнаа да сфаќаат дека истите тие медиуми секојдневно ги лажат, а ВМРО со својот дефокус ги одвлекува вниманието од клучните теми – следеа жестоки црни кампањи против СДСМ.

Поради најава за историските промени во Унгарија, ВМРО панично ја засили кампањата против СДСМ и Венко Филипче: најпрво преку своите медиуми и таканаречени новинари (соработници на странски служби), потоа преку поединци од СДСМ (некои уценети, некои купени), а потоа и преку безброј измислени афери како ‘д-р Жан’, спинување со Дака – човекот од американската црна листа со руски врски, па преку лажни приказни за Дубаи, Африка, Сен Мориц и други измислици.

Со голема надеж очекуваме дека оваа промена во Унгарија ќе донесе нормализација на односите со ЕУ, почитување на владеењето на правото и конструктивна соработка во регионот. Се надеваме дека медиумите ќе се ослободат од политичка контрола и дека најпосле и кај нас ќе дојде до слободно, релевантно и објективно известување“, порачаа од СДСМ.

Прашањето за екстрадицијата на Груевски се актуализираше по изборниот пораз на Виктор Орбан, чија влада во 2018 година му додели политички азил на поранешниот македонски премиер. Со доаѓањето на Петер Маѓар, кој најавува радикално расчистување со досегашните пракси, позицијата на Груевски во Будимпешта станува неодржлива.

Азилот што му беше доделен на Груевски се темели на проценка дека бил жртва на политички прогон и дека неговата безбедност во Македонија е загрозена. Според унгарското и меѓународното право, ваков статус може да се укине само ако престанат причините врз кои бил доделен – односно ако веќе не постои ризик по неговиот живот или политички прогон.

Дополнително, азилот може да биде одземен и ако лицето изврши сериозно кривично дело или претставува закана за безбедноста на државата. Но, тоа не е автоматска одлука, туку сложена правна постапка.

Процедурата се води пред миграциските органи, при што се утврдуваат фактите, се обезбедува право на одбрана, а одлуката може да се обжали. Дури и во случај на укинување на азилот, депортацијата не смее да се изврши ако постои ризик од неправедно судење, политички прогон или тортура. Дополнително, непознато е дали Македонија има ново барање за екстрадиција, откако последното беше одбиено пред шест години.

Иако политичките најави од Будимпешта отвораат нов моментум, конечната одлука за судбината на Груевски ќе зависи од долга и комплексна правна постапка, а не од политичката изјава на Маѓар.

Низ годините, многупати се говореше дека Груевски се враќа, што во пракса не се случи. Последно, бројни коментари и очекувања имаше кога се измени Кривичниот законик, со кој застареа и дел од предметите против него.

Дополнителен притисок за него е што од 2022 година, САД го стави на т.н. „црна листа“, како што наведоа, вмешаност во значителна корупција. Но тој, продолжи да живее и работи во Унгарија, каде има и своја фирма.

По најавите на Маѓар, Груевски не се огласи со коментар за нив на социјалните мрежи, туку упати велигденска честитка со која порача дека по мракот доаѓа светлина. (Н.В.)