Филипче ја нарече „мизерна“ изјавата на Мицкоски за докторите
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја оцени како мизерна изјавата на премиерот Христијан Мицкоски вчера во Собранието дека некои доктори како да се на еликсир и си наплатувале дежурства 24/7, и тоа 31 ден и месеци со 30 дена, заработувајќи над 10.000 евра месечно. Според Филипче, за разлика од него што не работи ништо, некои работат и имаат право да заработат.
„Вчера премиерот изјави дека докторите биле на некаков еликсир. Христијане, за рзлика од тебе што не си работел ништо цел живот докторите работат и 24/7, па и по повеќе денови. Не си ти тој што треба да каже колку треба да заработуваат докторите.Моите колеги имаат право со работа да заработат.Не случајно им ги зголемивме платите за да имаат достоинствен живот.Тоа е работна навика, тоа е посветеност за унапредување на здравствениот систем. Мизерно е како универзитетски професор да кажеш дека докторите работеле на еликсир“, порача Филипче, кој очигледно освен што ја бранеше фелата, се почувствувал и лично засегнат од критиките на премиерот.
Мицкоски во Собранието изјави дека е потребно јавно да се укаже на злоупотреби и неетичко работење од страна на одредени здравствени работници. Тој посочи дека има лица кои, преку сомнителни практики, си ги зголемувале месечните примања, работеле секој ден по 24 часа, без пауза.
„Е, сега кога станува збор за здравството треба понекогаш не само да зборуваме убави работи. Треба да зборуваме и малку со доза на критика кон одредени здравствени работници коишто наоѓаат начин преку чуден еден нов изум или еликсир, којшто јас го нареков еликсир на континуирана работа, книжејќи си дежурства да добиваат месечни примања коишто честопати знаат да бидат и над 10.000 евра. Чудно, но вистинито. Има и такви здравствени работници коишто со помош на овој еликсир успеале да работат 31 ден во месец кога има 30 дена или помалку 28 и ни помалку ни повеќе туку 24 часа. 31 ден, 24 часа, без одмор, без пауза, цело време посветени на работа. Има и такви случаи. И сега треба ние самите да се преслушаме каде одиме. Затоа што ова со системско решение не се решава. Ова е личен момент. И секој треба својата лична одговорност да ја пренесе на останатите“, изјави Мицкоски.
„Слободен печат“ ја истражуваше темата и објави дека ниту Владата ниту Фондот за здравство, кој е задолжен да ги контролира ваквите исплати, ниту Министерството за здравство не сакаат да кажат кои се тие доктори ниту во кои болници работат. Министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција откри дека еден доктор заработил 700 илјади денари за еден месец.
„И Министерството за здравство и Владата ги знаат институциите, дозволете институционално да го решиме ова. Не би смеел да ги кажам деталите на прес-конференција, рече тој.
Тој не исклучи кривична одговорност за ваквата пракса. Власта ќе воведува системи за евиденција на работното место со отпечаток од прст за здравствените работници и веќе во две клиники го тестираат ваквиот систем.
„Имаме доктори што прегледуваат еден пациент неделно, а други 100 пациенти неделно. И едното и другото не е во ред“.
Според Алиу, имало установи каде се работела дополнителна дејност двојно подолго од законски утврдениот минимум кој изнесува 20 проценти од часовите. Двајца специјалисти од иста специјалност имале многу голема разлика во бројот на извршени операции, едниот имал 1.134 а другиот 470. Во внатрешноста имало лекари што не направиле ниедна операција цела 2025 година.Фондот за здравство во декември 2025 година извести дека во 18 јавни здравствени установи биле исплаќани истовремено и додатоци за смена и додатоци за дежурства, дека прекувремено се работело над законскиот лимит од 32 часа месечно, а имало и директори што си ги пумпале платите надвор од колективниот договор и надвор од Законот.