Фабио Скоти за „Независен“: Врвот на епидемијата во Италија не е достигнат


Слободанка Јовановска

 

Исплашени сме и ужаснати, многу наши сакани се засегнати, сведочи за „Независен“  од Италија Фабио Скоти,  професор по француска литература на Универзитетот во Бергамо, поет, преведувач, есеист и писател. Според него, врвот на епидемијата со корона вирусот сѐ уште не е достигнат, но здравствениот систем покажува извонредна посветеност, и покрај тоа што досега починале 52 лекари.

Кои се, според вас, причините за толку големата смртност на заразените во Италија?

Причините за големата смртност во Италија, а особено во Ломбардија, виролозите ги припишуваат на просечната понапредна возраст на  Италијанците во споредба со Кинезите во областа Вухан. Некои како можен фактор ја гледаат и високата стапка на влажност на воздухот и климатските услови што би можеле да фаворизираат поголемо оживување на вирусот во некои области на северот, во градовите Бергамо, Бреша, Кремона и Лоди, а сега исто така и во Милано, но засега  тоа не е научно утврдено.

Како ја доживувате севкупната состојба?

Се доживува како непријатност претходно непозната за нашите генерации. Иако во овие реони има голема работна ангажираност  (зборуваме за економските „бели дробови“ на Италија),голема концентрација на индустриски и терцијарни активности, како и голема густина на популацијата, се добива впечаток дека животот запрел, што е увертира за сериозни економски  состојби. Несомнено, бројот  на заразените, свесноста за високиот ризик и можните последици, особено што се засегнати наши сакани (во Италија сега имаме 92.472 заразени и 10.023 смртни случаи, од кои 24.509 заразени и приближно 6.000 смртни случаи само во Ломбардија) ги прави луѓето многу исплашени и ужаснати.

Но, луѓето се однесуваат во голема мерка многу одговорно и дисциплинирано во согласност со правилата наметнати од владините уредби и укази. Се бараат нови форми на „дистанцирани“ односи, покрај оние со smartworking или teleworking, на пример, преку состаноци на балконите во одредено време, преку споделување музички моменти, пеење или разговори им се заблагодаруваат на оние кои се повеќе изложени на ризикот во болниците и местата за лекување. Но,  во области како што е Бергамо, каде жалоста е секојдневна и драматична, преовладува чувство на почит и помен, а луѓето ги избегнуваат овие манифестации, иако некои сметаат дека се корисни за да се спречи да завладее стравот.

 Од каде добивте помош досега?

Помош во медицинската опрема и персонал (медицински сестри и лекари) доаѓаше од Кина, Куба, Русија и Албанија, нешто исто така од Франција, Германија и САД. Меѓутоа, се доби впечаток дека на практично ниво солидарноста како да дојде повеќе од надвор отколку од Европа, нешто што, како што истакнаа нашиот премиер Џузепе Конте и политички личности како Романо Проди или Марио Драги, е објективно загрижувачки факт. Сепак, треба да се нагласи  дарежливиот одговор на повеќе од 7.000 италијански волонтери лекари на барањето на владата да се стават на располагање, од кои многумина веќе биле вклучени во областите со најголема зачестеност на пандемијата.

Ја издржуваат ли здравствените работници битката со пандемијата?

Здравствените работници покажуваат, на сите нивоа, извонредна посветеност и мобилност, иако се соочени со исцрпувачки работни смени, ризик за нивниот живот (веќе 52 починати лекари) и многу заразени. Нивниот ентузијазам, волја и дарежливост привлече општо внимание и аплауз. Истото може да се каже и за полицијата, за воените лекари, за фармацевтите и операторите за продажба на храна. Би се рекло дека вирусот нè фати, како и останатите земји, на изненадување: болничките установи се покажаа недоволни за толку голема бројка на заразени, особено од аспект  на одделите за интензивна нега каде што леглата речиси се покажаа недоволни, исто како и апаратите за дишење (вентилатори, цилиндри за кислород, итн.). Соодветна лична заштитна опрема сè уште недостасува на различни места, а многу нарачки што се веќе платени се неочекувано блокирани на турската или германската граница.

Неодамнешните владини инвестиции, многуте  донации, како и непосредното финансирање на вакви потреби од страна на бројни претпријатија, бизниси и поединци постепено овозможуваат да се надминат овие тешкотии. Па, така гледаме како брзо се појавуваат во разни градови, од Бергамо до Милано, во областа Фјера, нови теренски болници и нови структури дизајнирани да ги прифатат посериозно заразените пациенти.

Од што стравуваат Италијанците во моментов најмногу?

Луѓето, се разбира, се плашат дека ќе се заразат, тие и нивните  блиски, дека може да ја изгубат работата или дека тешко ќе ги продолжат  своите комерцијални, индустриски и економски активности кои се сериозно ослабени од оваа неизбежна блокада, што се заканува да продолжи и да трае долго време. Уште повеќе, што се верува дека  врвот на епидемијата сè уште не е достигнат. Италија е голема индустриска земја, но економската состојба кај нас не цветаше ниту пред кризата, така што сега реално се очекува многу тешка посткризна фаза. Владата планира помош за сите што имаат тешкотија да ги зачуваат работните места, но не се знае дали ресурсите ќе бидат доволни за да се постигне оваа цел, со оглед на јазот помеѓу загубите и можната компензација.

Ви паѓа ли тешко самоизолацијата ? Дали луѓето ги почитуваат рестрикциите?

Се справуваме со трпеливост и со чувство на одговорност од страна на мнозинството. Во некои области, особено на почетокот, имаше некои престапи, но заострувањето на санкциите, затворањето на јавните паркови и местата за среќавање и дружење, како и строгите контроли на полицијата ги намалуваат овие случаи на минимум.

Што се однесува до мене, јас сум професор по француска литература на Универзитетот во Бергамо, каде веќе еден месец работев од далечина преку интернет. Живеам во Варезе, во Ломбардија, град со помалку погодени од вирусот, но ги слушам моите студенти речиси секој ден преку скајп. Во најголем број тие се добри, но речиси сите  имаат или пријатели, или блиски членови на семејството, или далечни роднини погодени од вирусот. И , тоа не се само стари лица, иако тие се несомнено најпогодената возрасна група, бидејќи многу луѓе во триесеттите добиваат пневмонија. Ми кажуваат дека Бергамо е напуштен град, каде што тишината ја прекинуваат само сирените на брзата помош или тажен конвој на воени камиони што носат тела на многуте жртви на други места, зашто повеќе не наоѓаат место во службите за кремирање или во гробиштата во градот.

Инаку, проценката е дека инфекцијата започнала во Алцано и Нембро, не во градот Бергамо, но потоа брзо се раширила во градот и во околните долини. Некои веруваат дека Бергамо и околните населби веднаш требало да се прогласат „црвената зона“, но преовладеале економските интереси, со оглед на бројот на бизниси и трговија во областа. Но, познавајќи го гордиот, борбениот и дарежлив дух на луѓето во овие места, сигурен сум дека тие ќе можат да се опорават и дека сите, вклучително и ние на Универзитетот, ќе го дадат својот дел. Меѓу другото, ние затоа што  веќе еден месец обезбедувавме целосна онлајн настава и продолжуваме да го правиме тоа, дури и во вакви, технички не така лесни услови. Јас предавам за поезијата на Пол Валери, Анри Мишо и Бернард Ноел  и  верувам дека заедно ќе можеме да ги надминеме драмите на сегашноста, сонувајќи го со поезија морето или другите места и патувања, кои порано или подоцна ќе продолжат, ако умееме да не се откажеме од надежта и заедно ако ја обновиме нашата иднина.             (Превод: Наташа Сарџоска)