Европските лидери поканети во Белата куќа на средбата Трамп-Зеленски


Европските лидери се поканети да присуствуваат на состанокот меѓу украинскиот претседател  Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во понеделник, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани претставници.

„Трамп ќе разговара за овој план (за решавање на конфликтот) со Зеленски во понеделник во Белата куќа, а европските лидери се поканети да присуствуваат на состанокот“, се вели во извештајот.

Порано денес, Володимир Зеленски објави дека планира да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон во понеделник, 18 август.

„Планирам да разговарам со претседателот Трамп во понеделник во Вашингтон за сите детали за завршување на конфликтот. Благодарен сум за поканата“, напиша Зеленски на својот профил на Телеграм по телефонскиот разговор со Трамп и европските лидери. Зеленски додаде дека разговорот траел час и половина и бил суштински.

Според него, Трамп ги изложил главните точки на преговорите со рускиот претседател Владимир Путин. Зеленски нагласи дека по самитот Русија-САД, тој повторно ги координирал своите ставови со лидерите на ЕУ, повикал на прекин на огнот и дека прашањата не можат да се решат без Украина. 

„Патот кон мирот во Украина не може да се одреди без учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски“, порача денеска британскиот премиер Киер Стармер.

Стармер воедно го пофали американскиот претседател Доналд Трамп за „неговата решителност да стави крај на крвопролевањето“.

– Напорите на претседателот Трамп нѐ доближија повеќе од кога било досега до крајот на нелегитимната војна на Русија во Украина. Неговото лидерство во стремежот да се стави крај на крвопролевањето заслужува признание. Но, иако е постигнат напредок, следната фаза мора да бидат нови преговори со учество на претседателот Зеленски. Патот кон мирот не може да биде решен без него, изјави Стармер. 

Американскиот претседател Доналд Трамп им кажал на европските лидери дека е подготвен да обезбеди „безбедносни гаранции“ за Украина, тврди „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата. Во исто време, „Њујорк тајмс“ пишува дека Трамп им кажал и на лидерите на ЕУ дека признавањето на Донбас од страна на Киев како руски би можело да помогне брзо да се постигне мировен договор.

„Според луѓе запознаени со разговорот, претседателот Трамп им рекол на европските лидери во телефонски разговор од претседателскиот авион дека е поподготвен од кога било САД да обезбедат директни безбедносни гаранции за Украина“, пишува весникот. Во исто време, „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани европски претставници, објави дека Трамп им рекол на европските лидери дека верува оти признавањето на целиот Донбас од страна на Киев како руски би помогнало брзо да се постигне мировен договор.
 

„Трамп, по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во петокот, им рече на европските лидери дека поддржува план за завршување на војната во Украина со предавање на неосвоена територија (на Русија), наместо обид за постигнување прекин на огнот. По средбата со Путин, Трамп се откажа од барањето за итно прекин на огнот и верува дека мировен договор може брзо да се постигне ако Зеленски се согласи да го предаде остатокот од Донбас на Русија, дури и оние области што не се окупирани од руските сили“, се вели во статијата.