Европа е нашиот единствен пат, но нема пазар со идентитетот, порача Мицкоски
Пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам, рече Мицкоски на одбележувањето на Денот на победата, и Денот на Европа, 9 Мај
Со пораки дека Европа е единствениот пат по кој оди Македонија, но и дека на тој пат нема да прави пазар со идентитетот и достоинството, премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати пред присутните кај споменикот на ослободителите на Скопје, на одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во својот говор Мицкоски упати и низа пораки за домашните политички актери и за земјите од соседството во контекст на евроинтеграцијата на нашата земја. За Мицкоски, Европа не е само географија туку пред се е вредност, верба во човековото достоинство, во демократијата, во владеењето на правото, во почитта кон различностите и во правото секој народ слободно да чекори по својот пат.
„Ние верувавме дека Европа е нашиот единствен пат. Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија. Но, исто така, да не се залажуваме – постои и горко искуство од многу откажувања, препреки и неразумни спорови на овој наш пат. Тоа силно и длабоко фрустрира, кога принципите се кршат токму врз грбот на оние кои бараат принципи и праведна шанса. Исто како што обесхрабрува и рамнодушноста на многу поголеми држави кон овие неправедни епизоди на нашиот народ и држава“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека разбира дека Европа денес повторно се соочува со предизвици – војни, поделби, радикализам, економска неизвесност и криза на доверба.
„Во време кога повторно се слуша јазикот на омразата, наша должност е да бидеме глас на разумот, стабилноста и единството. Мора да разговараме и да се обидуваме, затоа што само така можеме да дојдеме до решенија. Но не решенија со кои ќе оставиме големи товари на нашите потомци, туку трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред“, рече Мицкоски.
Притоа, тој нагласи дека секој што го знае добро, уверен е дека, колку и да постојат празнини и недржавничко однесување во политички естаблишмент, „добро знае дека пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам“.
„Ниту ми паднало на ум такво нешто. Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата заедничка татковина“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски имаше и пораки кон нашиот источен сосед иако директно не го посочи.
„И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори“, рече Мицкоски.
Во неговото обраќање тој рече дека народите кои се издигнаа над таквите парадигми и не робуваа на историските дамки дека нивните раководства биле на погрешната страна, отидоа многу напред. Но има и такви кои заглавија во историјата и со себе сакаат да ги повлечат и другите.
Притоа, додаде дека моралната вертикала е многу голема кога ќе се соберат сили да се зборува и за недостатоците и грешките кои одредени држави и народи ги правеле, како и дека тоа не може да биде една иста генерална слика за цел народ, ниту еден народ да се гледа како непријател. Тоа е заслуга и последица на тогашните раководства и нивните челници.
„Но во исто време, како граѓанин и како човек кој има мандат да одлучува за процесите, ниту сега ниту во иднина нема да замолчам кога станува збор за вистината за нашата борба и нема да престанам да ги вреднувам заслугите на нашите предци кои ја изборија слободата. Повторувам – тие беа на вистинската страна. На страната на слободата. Против фашизмот“, рече Мицкоски.
Во обраќањето Мицкоски рече дека Македонците добро ја знаат цената на слободата, како и дека како народ отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото нагласувајќи дека денес ни е потребно токму тоа – обединување.
„Не обединување во стравот, туку во надежта. Не во омразата, туку во визијата. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат“, рече Мицкоски, но притоа тој ги обвини политичките противници дека „таа рака за обединување многупати беше одбиена“.
„Но, има и такви политичари коишто за да стигне до обединување, треба да знае дека мора да чекори напред, а не да стои во место или да одат назад. Да не одбива разговор, затворена во своите кругови и целосно отсечена од реалноста“, рече Мицкоски.
Премиерот не се воздржа во пригодниот говор да употреби и термини како „медиокритети“, за оние кои „од таквите редови создавале лицемерен отсјај кој може да се види и во изјавите и критиките дека се за единство и европска интеграција, а не гласаат ниту еден закон од реформската агенда која е приоритет на истата таа Европа“.
„Таквиот нихилизам создава омраза, но и облак во кој ни самите не можат да се препознаат. И нивното талкање низ таквиот простор се гледа и во променливоста и неконзистентноста на ставовите. Најчесто нивните ставови за клучните прашања се разликуваат од утро до пладне. А чести се случаите кога при очи се прават слепи, а при уши – глуви“, рече Мицкоски, зборувајќи за „политиката на кодошење на сопствената земја“ која таквите ги прави добри слуги на туѓи фактори, но не и пријатели на својот народ.
Тој се осврна и на политиката на Владата која што се темели на четири клучни столба, од кои првиот столб е економијата и животниот стандард, вториот е образованиетот, третиот столб е правдата, а четвртиот столб се младите и иднината.
Премиерот Мицкоски заврши дека не смееме да заборавиме дека слободата никогаш не е подарена, како и дека секоја генерација има должност повторно да ја брани, со мудрост, со единство и со човечност.