Еве како ќе изгледа економската програма на Камала Харис


Економската програма на демократскиот претседателски кандидат Камала Харис ќе се фокусира на намалување на трошоците за намирници, домување и здравствена заштита, како и зголемување на даночните кредити за деца, рекоа нејзините помошници и советници, пренесува Ројтерс.

Харис, актуелната потпретседателка на САД, планира да изнесе некои детали од нејзиниот економски план во говорот утре во Северна Каролина. Се очекува таа да го допре особено намалувањето на трошоците, со оглед на тоа колку се важни потрошувачките цени за американските гласачи кои ќе гласаат на претседателските избори на 5 ноември.

Економијата останува главната грижа за американските гласачи

Во јули инфлацијата падна под три проценти за првпат по речиси три и пол години, објави вчера Министерството за труд, но високите цени на храната и на производите за широка потрошувачка остануваат значително над нивото пред пандемијата.

Економијата останува главната грижа меѓу американските гласачи, кои генерално ги гледаат републиканците како подобри бизнисмени.

Економската платформа на Камала Харис внимателно ја отсликува онаа на претседателот Џо Бајден, со цел да ја привлече средната класа. Нејзината кампања ќе посвети посебно внимание на она што ги привлекува гласачите во т.н. свинг држави, на помалку од 90 дена до претседателските избори, велат советниците.

„Исти вредности, различна визија“, рече една помошничка, опишувајќи колку нејзината економска агенда ќе биде различна од онаа на Бајден. „Таа не се оддалечува од него во однос на содржината, но ќе ги истакне прашањата кои и се најважни.

Намалување на трошоците за изнајмување станови

Прогресивните економски идеи честопати добро поминуваат кај гласачите, но се покажаа тешки за спроведување во закон. Повеќето од економските приоритети предложени од Харис и Трамп треба да поминат во Конгресот. На пример, предлог-законот за понатамошно проширување на даночните кредити за деца помина во Претставничкиот дом, но неодамна беше закочен во Сенатот.

Харис ќе инсистира на намалување на трошоците за изнајмување станови, односно финансирање подостапни станови, а фокусот ќе биде ставен на нејзината претходна работа поврзана со прашањето за климата и животната средина.

Таа, исто така, ќе се обиде да истакне колку е различна од Трамп за даночната политика и тарифите и да го одржи ветувањето на Бајден дека нема да ги зголемува даноците за луѓето кои заработуваат 400.000 долари или помалку годишно, велат советниците. Трамп ја намали корпоративната даночна стапка од 35 на 21 отсто и воведе други даночни олеснувања кои ќе истечат следната година.

Трамп вети трајно намалување на даноците

Трамп вети дека ќе ги направи даночните намалувања трајни и предложи опсежни нови царини за увозот, но Харис отфрла рамномерно зголемување на царините.

На Националната конвенција на Републиканците на 18 јули, по повод прифаќањето на номинацијата, Трамп ја претстави својата визија за иднината. Помеѓу другото, тој предложи општа царина од 10 отсто за сите увезени производи и многу агресивна царина од 60 отсто за сите кинески производи.

„Америка не може да си дозволи уште четири години неуспешна економска политика на Камала. Претседателот Трамп докажа дека ја направи оваа земја просперитетна и достапна, а Американците можат да му веруваат дека ќе врати повеќе пари во нивните џебови“, рече портпаролката на Трамп, Каролина Ливит.