ЕУ воведува правила за кибер безбедност на критичните субјекти и мрежи
Европската комисија усвои правила за имплементација за кибер безбедноста на критичните субјекти и мрежи, согласно Директивата за мерки на кибер безбедност на ниво на Унијата.
Оваа прва досега Регулатива од ваков вид, ги детализира мерките за справување со ризиците од кибер напади и условите кога еден инцидент ќе се смета за значаен.
Дополнително, со овие правила компаниите што обезбедуваат дигитални инфраструктури и услуги, меѓу кои и провајдерите на компјутерски услуги во „облак“ и на центрите за податоци, сајтовите за електронска трговија, онлајн пребарувачите и платформите за социјално вмрежување, се обврзуваат да ги пријават евентуалните кибер напади до националните власти. – Ова е уште еден голем чекор во зајакнувањето на кибер отпорноста на критичната дигитална инфраструктура во Европа, посочува ЕУ.
Усвојување на регулативата се совпаѓа со периодот кога истече крајниот рок до кога земјите членки на ЕУ беа обврзани да ја имплементираат Директивата за мерки на кибер безбедност во своите национални законодавства. Рокот за имплементација на Директивата истече вчера.
Според извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера, Маргрете Вестагер, во современиот пејзаж на кибер безбедноста, усвоената Регулатива има огромно значење во зајакнувањето на капацитетите и на безбедносните барања и брзото споделување информации.
– Кибер безбедноста е еден од главните столбови за заштита на нашите граѓани и нашата инфраструктура. Ги повикувам земјите членки да ги спроведат овие правила на национално ниво што е можно побрзо, за да се осигуриме дека услугите кои се клучни за нашите општества и економии се безбедни од кибер напади, истакна Вестагер.
Инаку, Директивата за мерки на кибер безбедност на ниво на ЕУ, што стапи во сила во 2016 година, има за цел да ја прилагоди Европа на дигиталната ера и да обезбеди високо ниво на кибер безбедност во Унијата. Таа се однесува на сектори кои се сметаат за критични за економијата и општеството, како јавните електронски, ИКТ и дигитални услуги, управувањето со отпадни води и отпад, здравството, енергијата, транспортот, производството на критични производи, поштенските и курирски услуги и јавната администрација.