ЕУ следи дали ќе се врати државното рекламирање во Македонија

И во самата ЕУ се подготвуваат законски промени и нов политички пристап кон медиумските прашања. Ќе се воведе „строг стандард“ за транспарентност


 

БРИСЕЛ – По најавите на новинарската фела во Македонија дека се разговара за повторно воведување владини реклами во медиумите, Европската комисија потсетува дека и во ЕУ се подготвуваат промени.

Иако ништо не е официјално, новинарската фела во Македонија подолго време предупредува дека контроверзниот член 102 повторно е во игра.

Членот 102 од Законот за аудиовизуелни медиумски услуги се укина по Пржинскиот договор во 2015, а владата на СДСМ се заложи за забрана за државно рекламирање по 11-те години владеење на Никола Груевски и злоупотребата на оваа пракса од страна на неговата влада како поткуп на медиумите. Пракса која беше и редовно критикувана во извештаите на Европската комисија.

Како што јави БИРН пред неколку дена, Министерството за информативно општество и администрација соопштило дека „во тек се разговори“ за промените во оваа пракса, но без повеќе детали, додека вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рекол дека „Владата би разговарала за помош“ со од прилика осум милиони денари годишно. За поголема буџетска помош, пишува БИРН, владата ќе бара „општествен консензус“, односно одобрување и од опозицијата и од новинарската професија.

Од Европската комисија за МИА изјавија дека не навлегуваат во детали додека не се официјализира одлуката, но ја следат ситуацијата.

„Ја следиме ситуацијата. Секоја промена на медиумското законодавство треба да биде во согласност со законите и стандардите на ЕУ. Тие бараат широк политички консензус и консултации со главните чинители, изјави портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.

Писонеро потсети дека во извештајот на Комисијата во 2021 веќе се нотирани забелешките и загриженоста на медиумските здруженија во Северна Македонија за можни амандмани на членот 102 на законот за АВМУ за да се дозволи повторно државно рекламирање „од јавен интерес“.

Што се однесува до законите и стандардите на ЕУ, на кои потсетува Писонеро во својот одговор, во овој момент не постои законодавство кое директно се занимава со државното и политичкото рекламирање, но и ова наскоро би требало да се смени.

Европската комисија, посебно под влијание на еврокомесарката за транспарентност, Вера Јоурова, последните години интензивно предлага законски промени и нов политички пристап кон медиумските прашања, област во која Европската унија располага со многу малку надлежности генерално.

Во ноември 2021, Комисијата предложи пакет мерки за зајакнување на демократијата, во кој една од одредбите е токму регулативата за транспарентност и таргетирање на политичко рекламирање. Со оваа регулатива ќе се воведе нов „строг стандард“ за транспарентност во областа на политичките реклами за сите видови медиуми во ЕУ.

Како што објаснуваат од Европската комисија овој пакет мерки е дел од поширокиот акциски план за европска демократија, чија цел е да се зајакнат мерките за фер и слободни избори, независни медиуми и зголемување на демократското учество, меѓу другото. Од Европската комисија потсетуваат дека во почитувањето на европските стандарди спаѓаат и низа конвенции и документи од Советот на Европа.

„Кога велиме законите на ЕУ треба тоа да биде разбрано во поширокиот контекст на доктрината и стандардите на Советот на Европа, потсетуваат од Комисијата.

Во однос на самото политичко рекламирање, предлогот на Европската комисија за ‘транспарентност и таргетирање на политичкото рекламирање’ вклучува ‘строги стандарди за транспарентност за давателите на услуги во оваа област, вклучително и одредби за транспарентност во однос на износот и изворите на финансирање кои ги користат спонзорите на политичкото рекламирање’“, стои во предлогот на Комисијата.

Овие податоци ќе се објавуваат во белешки за транспарентност кои ќе се ставаат на располагање за сите политички реклами. Обврската се однесува на секој вид политичко рекламирање во ЕУ, но и рекламирање кое би можело да влијае врз исходот на било кои избори, референдуми, или законодавен и гласачки процеси.

Исклучок се практични информации од официјални извори во однос на организацијата и модалитетите за учество во избори или референдум, тие не се сметаат за политичко рекламирање во предлогот на Европската комисија.

Европската комисија меѓутоа прави разлика меѓу политичкото и државното рекламирање и државните пари за медиуми. Државното рекламирање не е предмет на стандарди на ЕУ или на Советот на Европа. Сепак, во редовниот извештај за состојбата со владеењето на правото во земјите членки, Европската комисија сепак го разгледува овој дел во рамките на нејзиниот мониторинг на медиумски плурализам, поради фактот што постојат „реални ризици од нетранспарентна дистрибуција на вакви пари во некои земји членки и начинот на кој некои држави го користат ова за да го контролираат медиумскиот пејзаж“, велат од Европската комисија за МИА.

Оваа комплексна законодавна слика на ЕУ се однесува и на земјите кандидати кои постепено мораат да се усогласат со стандардите на ЕУ во текот на преговарачкиот процес, но го покажува и лимитот на надлежноста на Комисијата во делот на медиумските политики, кои остануваат во рацете на земјите членки. Со сѐ поагресивното заземање на контрола врз медиумите во земји како Унгарија и Полска, Комисијата се обидува пред сѐ преку алатките за набљудување на владеењето на правото да врши надзор и во оваа област.  (МИА)