ЕУ се подготвува за сегашните и идни мутации на корона вирусот
Брисел утре треба да претстави јавно-приватна програма „подготовка за био-одбрана“, која вклучува институции, фармацевтската индустрија и истражувачки организации и е наменета за подготовки за следната здравствена криза во рамки на идната здравствена агенција ХЕРА.
Како што најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, ЕУ ќе започне програма за проучување на мутациите на корона вирусот.
Наречена „Хера инкубатор“, иницијативата ќе обедини лаборатории, здравствени власти, научници и Комисијата со „значителни ресурси“, рече таа, додавајќи дека ЕУ ќе им помогне на производителите да го зголемат капацитетот за производство на вакцини од „втора генерација“.
Комисијата има намера да побара нови средства од земјите-членки заради прилагодување и за да ги измени договорите потпишани со производители на вакцини за да ги земат предвид мутациите на вирусот, се вели во нацрт-предлогот, кој го објави Блумберг.
– Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе ги прилагоди правилата за да го забрза процесот на одобрување на нови верзии на вакцини кои веќе се одобрени во ЕУ, рече во неделата еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес.
– Одлучивме дека подобрена вакцина за борба против мутација, заснована на веќе потврдена вакцина, повеќе нема да мора да поминува низ сите фази на процесот на одобрување, рече таа.