Есен


Ја отвараме сезоната на нови мириси, нови бои, нови звуци, нови радости, нови дилеми, нови надежи и очекувања, на нови модни и политички трендови, нови амбиции, нов елан и енергија…

Есента е доба на нови предизвици, ни топло ни ладно, ни таму, ни ваму, ни со тие, ни со оние, уште мислиме на море, а се спремаме за Нова година.

Без да знае или сака, ги спојува, сонцето и снегот, спомените и реалноста, час сте надвор, час сте внатре, еден момент сте на чист воздух, друг-на задимен воздух.

Есента е тука да ве потсети дека треба да се грижите за себе и за своето здравје, а потоа дневната и ноќната динамика ќе добијат полесен тек и сите околу вас ќе бидат задоволни.

Есента како мудра дама не кани на топол чај, на топол амбиент, со меки џемпери, на топли муабети, позитивни мисли, на подзаборавени пријатели и на нови познанства.

Не  спрема за магичните празници, за домашни трпези, за семејните дружења покрај камин со драги луѓе кој ве поддржуваат, а не само критикуваат…

Не турка во домовите, не покрива со меко ќебе, ни вари топол чај со цимет, џумбир и кардамон, не гости со тиква прелиена со мед и мелени ореви, ни ја вади шминката од лицето, не облекува во пижами и ни посакува убав сон.

Есента ја компонира и најубавата музичка и животна симфонија само ако имате слух, желба, надеж, ако го гледате светот со широко отворени очи, без суфлери како на претстава, ако сакате за миг да подзастанете, да размислите, да земете здив за новите победи и порази, очекувања и разочарувања што ве чекаат на патот послан со есенски лисја.

На крајот, есента ве потчукнува по рамото, и како невидлив ангел ви вели дека во животот има и нешто убаво, надежно, а не само сеир и малограѓанштина.

Нешто како ѓердан од бисер наследен од мајка ви меѓу десете парчиња бижутерија со која одамна ја полните кутијата со накит.

Од дворовите веќе се шири мирисот од печени пиперки и ајвар, а од кујните- мирисот на есенските плодови.

Има ли нешто поубаво?