Ердоган го обвини Израел дека напаѓа за да присвојува територии


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека целта на нападите насочени прво кон Газа, потоа кон Јемен и Либан, а неодамна и кон Иран, не е само безбедноста, сугерирајќи дека зад тоа стои амбицијата на Израел да окупира нови територии преку војна. Според него, не е случајно што, покрај овие напади, на дневен ред се ставаат разни апсурдни поими, од заблудата за „ветените земји“ до апокалиптични сценарија.

„Мрежа која доби на моќ и се смета себеси за супериорна во однос на другите, го влече нашиот регион чекор по чекор кон катастрофа“, рече денес Ердоган.

Неговата проценка доби потврда и во извештаите на Обединетите нации кои предупредија за „етничко чистење“ извршено од Израел на окупираниот Западен Брег, наведувајќи дека од оваа територија се раселени повеќе од 36.000 Палестинци во текот на изминатата година.

Во извештај објавен во вторникот, Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права изјави дека обемот претставува „присилно раселување од невидени размери“, предизвикувајќи загриженост за координирана политика на масовно преместување. Во извештајот се наведува дека развојот на настаните укажува на напори насочени кон трајно раселување на Палестинците од делови од окупираните територии.

Исто така, документирано е нагло зголемување на насилството од страна на израелските доселеници, регистрирајќи 1.732 напади што предизвикале повреди или материјална штета во изминатите 12 месеци, во споредба со 1.400 инциденти во претходниот период. Според извештајот, овие напади вклучувале заплашување, уништување на домови и оштетување на земјоделско земјиште, што придонесува за влошување на условите за живот на палестинските заедници.

ОН го опиша насилството како „координирано, стратешко и широко распространето“, додавајќи дека често се случува со речиси целосна неказнивост. Исто така, се наведува дека израелските власти играат „клучна улога“ во овозможувањето или олеснувањето на ваквите дејствија.

Извештајот истакнува значителна ескалација за време на сезоната на берба на маслинки во октомври, кога во 42 напади беа повредени 131 Палестинец, вклучувајќи жени и деца – највисок месечен број регистриран од 2006 година. Додадено е дека зголемените ограничувања за пристап на земјоделците до нивната земја, заедно со вклучувањето на вооружени доселеници и војници, ја направија последната сезона на берба најлоша во последните децении.ОН ги повика израелските власти веднаш да го запрат ширењето на населбите и да преземат чекори за да спречат понатамошно раселување и насилство, предупредувајќи дека континуираните случувања би можеле дополнително да ја дестабилизираат ситуацијата на окупираниот Западен Брег.

Дека за војната причина не е безбедноста сметаат и други аналитичари кои тоа што се случува во Либан деновиве, каде што Израел масовно бомбардира и уништува живеалишта под изговор дека го напаѓа хезболах, го гледаат како сценарио слично на тоа во Газа.