Епидемија или Че Гевара револуција?


Откако почна лицитацијата со предлозите како да се спаси македонската економија,  многумина не сфатија која е црвената линија на државата во однос на буџетот и на приватниот сектор

 

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Барањата за справување со економската криза поради корона вирусот почнуваат да наликуваат на Че Гевара револуција. Последното од низата популистички додворувања е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ парите од приватниот пензиски фонд да се префрлат во државниот, па кога ќе има пари, повторно да се вратат таму каде што припаѓаат. Да го кажеше тоа некој друг, а не првиот економист на опозицијата, Трајко Славески, ќе се игнорираше како предлог на некој што го преспал времето и не разбрал – дека нема веќе комунизам во Македонија. Дека приватниот фонд беше измислен токму заради ваквото брцање на државата во државниот, и дека парите што стојат на таа сметка се вложуваат како акции и се лични сретства на граѓаните што ги уплаќаат. Помалку или повеќе тоа е како да сте побарале Владата да си земе пари од банкарските сметки на граѓаните, а самото споменување на вакви идеи може да ја загрози стабилноста на приватниот пензиски фонд во Македонија.

Откако почна лицитацијата со предлозите како да се спаси македонската економија, впечатокот е дека многумина не сфатиле која е црвената линија на државата во однос на буџетот и на приватниот сектор, па фрчат идеи кои заговараат одземање на добивки од приватни компании, национализации, бесплатни комуналии, целосно покривање на плати и даноци, мораториум или намалување на кредити, укинување на камати, со општ повик за презадолжување. Фали само некој да побара од врвот на Народната банка на Македонија, како највисока, да се фрлаат пари на сите што се загрозени од економската ситуација предизвикана од епидемијата.

Притоа се прават споредби колку Доналд Трамп им исплатил како чек на Американците, колку пари ќе се задолжи Германија, какви олеснувања дава Словенија, а никој не споменува какви се мерките на држави презадолжени како Македонија, при што општ консензус има државата уште да се задолжува. Денес стигна и барање сите над 55 години да добијат бесплатни маски за да се заштитат од корона вирусот, покрај бесплатните тестови и лечењето.

Сите сакаат ништо да не плаќаат, беше реакцијата на премиерот Оливер Спасовски, кој се најде на удар на јавноста која смета дека Владата треба да брцне со уредба во сметките на банките, т.е. исто како и со пензискиот фонд, ако сами не покажат солидаризирање (во превод не ги укинат каматите на одложувањето), со закон да им се земат парите. Кога се случи финансискиот крах со Леман брадерс се покажа колку е страшно кога ќе ви крахира банкарството, што пак како криза го преживеа нашето, токму поради строгата и конзервативна политика што ја применува.

Со отпорот кон банките се отиде дотаму што упорно се врти информацијата дека само од каматите што ќе ги земат за шестмесечното одлагање ќе заработат 130 милиони евра, што е слободно шутирање со бројки бидејќи целиот годишен приход на сите банки во Македонија е на таа висина.

Како што порано имавме експерти на сите страни за геостратегија, за политиката на големите сили, Исток и Запад, НАТО, ЕУ и Русија, сега имаме на сите страни експерти за економија кои не знаат факти, не знаат бројки, а изнесуваат мислења според лична импресија. Во целото ова наддавање кој се треба да добие пари од државата никој не прашува кој и како ќе ги враќа и дали тоа ќе ја принуди Владата да ги зголеми даноците, што пак само кога беше најавено како можност претходно, заврши со смена на министерот што го спомена.

Овие наддавања за помошта, всушност, покажаа зошто во Македонија и натаму сите анкети покажуваат дека сме за демократија, ама да можеме да гласаме би ги избрале Путин, Ердоган или Мадуро од Венецуела. Ретко се случува водечка опозициска партија да бара национализација на приватен пензиски фонд, иако тоа така не го нарекува. За волја на вистината, наспроти општото навивање за што поголемо покривање на штетите, и Владата и ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека и натаму најмногу грижа водат за компаниите, бидејќи тие се првиот таргет на помошта.

Сѐ на сѐ, и со популизмот се претера, но сепак од оваа Че Гевара револуција очекувано останаа поштедени јавната администрација и политичките партии. Иако ставањето на административците на минимална плата беше предложено во мерките на СДСМ, уште на стартот беше јасно дека нема да им фали ни влакно на главата, а не пак двомесечен приход. Се може да се предложи и да се побара во Македонија, но не и да се загрози статусот или да се реформира на каков било ефикасен начин најголемата гласачка машина во државата. Тоа не би си го дозволила во моментов ниту една партија, а поради гневот на приватниот сектор вчера Владата донесе утешителна одлука – им го зеде регресот за годишен одмор на административците.

Нечепнати останаа и парите на политичките партии, кои исчезнаа преку ноќ од мерките за штедење. Државата може да потоне, а тие и натаму ќе се финансираат од државниот буџет. Иако тоа не е спорно како решение, бидејќи го имаат и други земји, спорно е во време кога се бараат милијарди евра кредити, контата на политичките партии да останат нечепнати. ВМРО-ДПМНЕ откажувањето го поврза со барањето сите функционери во државата отсега натаму да работат бесплатно, што е уште еден апсурд  што доликува на режим од типот на тој на Пол Пот во Камбоџа.

Значи ли тоа дека тие што ќе се најдат на функциите ќе мора да имаат приватни бизниси или да ги (ис)користат државните тендери, за да можат да работат без плата за државата? И каде воопшто во кој свет има такво системско решение функционери да не се плаќаат? ДУИ нормално од пари и привилегии не се откажува, а СДСМ има моќ да владее со декрети, па сепак се повика на пречки од опозицијата. А, ваквиот бран на популистички идеи дојде само по три недели  неработење или полуработење, бидејќи дел од компаниите функционираат или работат вработените од дома. Исто толку, три па и четири недели Македонија е во парализа секоја година и никој не се жали, кога славиме католички Божик, па православен, па Нова Година, па Василица, а потоа одиме и на зимски одмор.