Елитите паламудат, следбениците мнеат, независните мислат


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Ете, така ми се чини стојат работите денес кај нас. Кога станува збор за односот меѓу елитите и народот (масата), нам ни се случува токму тоа. Различните партиски поставени елити во политиката, образованието, економијата, културата, безбедноста, урбанизмот и во другите сфери на општеството, меѓусебно се обвинуваат за паламудење. Што во такви услови може да прави обичната, масовната јавност? Ништо друго освен да нагаѓа, да претпоставува и да се приклонува кон едно или друго „паламудење“. На јавноста не ѝ се дава да изгради мислење – логично стегнато, кохерентно и информирано согледување на работите – туку се доведува во една флуидна состојба на свеста, сочинета од несигурни, непроверени „паламудења“ – начуени, прекажани муабети. Јавноста мнее затоа што елитите си паламудат.

Си паламудат за причините за француското вето, за падот на правосудниот систем, за урушувањето на стандардите за вршење јавна функција, на пристојноста и умереноста во секојдневните односи, за ескалацијата на секојдневното вербално насилство… и за многу други работи. Сепак, експресно смислија и формулираа заедничка стратегија да ги прикријат нивните паламудења и нив да ги прикажат како сериозни политички говори. И покрај сите меѓусебни обвинувања и понижувања политичките елити се усогласија – едногласно одлучија да одат на предвремени парламентарни избори! Така ќе можат за време на изборните кампањи да го прават тоа што најдобро знаат – да паламудат.

Аргументите со кои се служат се стандардни демагошки флоскули. Тие јавно кажаа дека поради неуспехот со датумот за почеток на преговори со ЕУ, преку нови избори сакаат да го чујат гласот на народот, да си ја проверат исправноста на досегашните политики! Очигледно сите учесници во договорот знаеле уште пред 18 октомври дека од преговорите нема ништо и ги знаеле причините. Токму заради тоа беа спремни за инстант-договор за предвремени избори. Нема друго објаснување. Тие никогаш до сега за ништо не одлучиле така едногласно, на првата закажана средба, во државна институција – шефот на државата, а не во Клубот на пратеници или некоја странска амбасада и, што е уште поинтересно, без присуство на странски фактори! Чудно! Така да се усогласуваа пред денот Д, г. Макрон не ќе имаше причини да се плаши од ризиците кои го мотивирале неговото вето, а на кои пост-фестум укажа бугарскиот премиер Борисов. Според Борисов, Европскиот совет, односно неговиот блокатор Макрон не биле убедени дека Република Македонија како еден ентитет, како цело што се држи како држава, навистина сака приближување кон Европската Унија. Туку се плашел/е дека при нови избори и евентуална победа на опозицијата државата би го пренасочила политичко-историскиот курс.

Распишувањето предвремени избори како излезно решение за кое недвосмислено се определија партиските елити е уште еден доказ дека нашите партии се конспирација против непартизираните, независните делови од јавноста. Од перспектива на таа јавност која е лојална кон интересите на државата во целина, на професионалниот и политичкиот интегритет единствен патриотски и државнички чин ќе беше демисионирање на премиерот и заедно со него владата, но и на лидерот на опозицијата. Одговорноста за неуспехот е заедничка на двете партиски елити, топтан со етноалбанските партиски елити од власта. Владеачката елита затоа што не доби датум и покрај тоа што вложувајќи на таа карта изгуби многу важни удели од националниот идентитет и од владеењето на правото. Опозициската елита затоа што со своето држење кон прашањето за СЈО, за македонизмот (и во врска со него Преспанскиот договор и договорот со Бугарија) ги поттикна сомнежите на релевантни европски чинители во одржливоста на нашата европска агенда.

Наспротив тоа, и власта и опозицијата лесно скокнаа во нови избори. Тоа го прават со цел да добијат ново и, евентуално, поголемо мнозинство и така да ги одржат партиите на чие чело се наоѓаат. Цената за тоа е драстичен пад на авторитетот, угледот и довербата на партиите кај граѓанството. На тој начин се поткопуваат институциите на претставничката демократија поради што губиме сите. Пред олтарот на партијата се положија интересите на државата и на нацијата. Наместо политички партии имаме политичко-акционерски друштва без никаква одговорност.

Вака закажаните и изведени избори ако завршат како вообичаено, нема да донесат ништо ново. Тие само ќе ги легитимираат досегашните перформанси на главните политички партии за да си продолжат по исто. За да не се случи тоа треба да се потсетиме дека долна граница на меѓупартиските конфликти и обвинувања е начелото – чавка со чавка очи не си вадат. Поради тоа, излегувањето на овие избори се моментно расположливите партиски и кадровски алтернативи би било само уше една стапица за наивните кои веруваат дека промената на формата – на партијата на власт – ќе донесе и промена на содржината. А најголеми политички наивковци до сега се покажавме сите ние партиски неопределени и независни граѓани. Оној дел од јавноста кој не е построен во еден од двата партиски строја, кој нема акции во едно од двете политичко-акционерски друштва наречени СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ овој пат би било најпаметно и најдобро да се воздржи од гласање. Овој дел од гласачкото тело веќе не се пали и убеден сум нема да се запали на симболизмот на ниту една од досега силно мобилизирачките фрази како, на пример, владеење на правото, правна држава, нема правда нема мир, европска иднина, обнова на Македонија и слични. Какви сакаат избирачки штабови нека состават, кои сакаат истакнати ликови нека ги вклучат во нив, независната јавност овој пат ќе ги одмине гласачките кутии. Додека елитите редовно паламудат, следбениците покорно мнеат, редно е независните да смислат да не гласаат. Единствено така својата непартијност ќе ја изразат како најбројна партија во земјата. Наместо партии како лага во акција би добиле акција на вистината.