Една нација, две држави – не, благодарам


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Чувството за национална припадност може да се гради врз различни општествени основи. Некогаш тоа е јазикот, друг пат тоа е религијата, трет пат тоа е историската судбина или историскиот опортунитет. Модерната држава го гради чувството на национална припадност секогаш врз основа на слободната волја на единките и групите

 

Прашањето што бил овој или оној историски лик (Гоце Делчев, на пример) распалува многу жестоки конфликти. Денес повеќе отколку кога било порано. Луѓето поединечно и како групи или организации се накострешуваат штом им се доведат во прашање нивите убедувања за националноста на за нив важни ликови или историски настани. А уште повеќе иритираат настојувањата да се убедат други дека тие не се тоа што мислат за себеси дека се, туку дека се нешто друго. Да, точно е дека другите се огледало во кое се огледуваме. Но, ако гледам дека огледалото е напукнато и лошо го одразува мојот идентитет ќе си најдам друго огледало.

Најдобар пример за тоа се некои бугарски политичари кои како напукнатото огледало ни кажуваат нам Македонците, дека сме биле, дека сме и дека ќе си останеме Бугари. Користејќи ја својата положба на елемент од европското огледало во кое сме втирени подолго време ни рефлектираат слика за нас која ние не ја сакаме или барем мнозинството од нас не ја сака. А Европа е демократска конструкција, нели! Треба да се слуша гласот  и волјата на народот. Во демократска Европа државата и националноста се близначки. Според тоа, ваквите бугарски одрази на нашиот идентитет не се и не би можеле да доаѓаат од либерална, демократска и европска Бугарија.

Тие се творби на една фундаменталистичка  и патерналистичка диоптрија – ние знаеме што е најдобро за вас. По нивно или никако. Тие се убедени дека сега му е мајката! Дека е дојден моментот за стапот од тврдо утврдениот бугарски фолк лозунг – сос полека, сос кроце и на крајо сос малку ќотек! Тоа директно ни го порача премиерот Борисов лично. Ние, рече, Борисов ве сакаме, ве поддржуваме, но не поставувајте си невозможни услови – не кажувајте се како Македонци, не кажувајте дека говорите некаков македонски јазик! Во Европа може да влезете само ако кажете дека сте биле Бугари и дека во иднина пак ќе си бидеме една нација, но во две држави обединети во Европската унија! Значи, ни се најавува политика на ребугаризација – на корегирање на историската, болшевичка и титоистичка грешка!

Ваквата бугарска политика кон македонската националност или кон т.н. македонизам е заснована на претпоставката дека Македонците имаат бугарски национален код – налик на национален геном. Тој претпоставен код, според нив, би можел да се реставрира независно колку време поминало и што сѐ врз него испишала историјата со нејзините различни општествени механизми како, на пример, акултурацијата, доминацијата или денес корупцијата. Последица од оваа предмодерна или објективистичка теорија и политика за нацијата не беше само асимилацијата на Македонците во Бугарија, туку и обидите за реставрација на оригиналниот бугарски ген и потекло на Турците и Помаците во Бугарија. Друг пример за тоа е  редефинирањето на Курдите во Турција како „планински Турци“ (според Josmaoglu 2014).

Бугарските етнонационалисти не се единствените кои на нацијата и националноста гледаат како на крвно-сроднички засновано заедништво. Тие во тоа како свој пример го имаат односот на нивниот источен сосед, Турција кон Азербејџан. Турскиот претседател Реџеп Ердоган, при посетата на Баку, по повод 101-годишнина од воспоставувањето на независна република Азербејџан, истакна дека иднината на меѓусебните односи е  во принципот една нација во две држави. Слично мото ги води и албанските етнонационалисти, Албанија и Косово за нив се две држави на една иста нација.

Зачудува како не се разбира дека со сила убавина не бидува! Не може мазгата да се реставрира ни како коњ ни како магаре. Посилниот може да изнудува, може да уценува и можеби така ќе успее да постигне некоја своја цел. Сепак, нема шанса да ги спечали душите и срцата на луѓето. Тезата на министерот Красимир Каракачанов дека нашите односи треба да ги градиме по принципот една нација, две држави превидува една многу важна работа. Националните чувства и идентитети за некои можеби се прашање на историска судбина, да се биде ова или она, за други тие се прашање на професија. Но, за демократската теорија и пракса националната припадност е прашање на слободата да се биде на свое!

Швајцарците се Швајцарци, а не Германци, Италијани или Французи, иако говорат некој од тие јазици. Не постои посебен швајцарски јазик, а тие сепак се посебна националност. Австријците пак зборуваат германски, но малкумина од нив ќе речат дека се Германци по националност. Алзашаните од Франција говорат германски дијалект, но мнозинството по националност се чувствуваат и идентификуваат како Французи, а не како Германци.

Чувството за национална припадност може да се гради врз различни општествени основи. Некогаш тоа е јазикот, друг пат тоа е религијата или некоја друга културна формација, трет пат тоа е историската судбина или историскиот опортунитет. Но, секогаш и секаде националноста во демократските општества е прашање на волја и лојалност кон една држава. Клучно е да се сака да се биде  припадник на дадена држава. Модерната држава го гради чувството на национална припадност врз некоја од споменатите или други основи, но секогаш врз основа на слободната волја на единките и групите да опстанат и да ги произведуваат своите животи на како државјани на дадена држава.

На тој прагматизам на единките државите одговараат со масивни програми за политичко образование и воспитување на масите. Преку таквите програми чувството за национална припадност станува  реалност за секој конкретен државјанин. Националната историја се интернализира како дел од личното и колективното искуство и себедоживување. За таа цел стапот можеби некогаш бил и ефективен. Денес тоа не е. Сакањето на Бугарите кон Македонците за кое зборува г-дин Борисов може да прерасне во љубов ако и втората страна го посака тоа. Во спротивно тоа е секс без согласност. Една нација, две држави – не, благодарам!  Претпочитаме двете нации во Обединети европски држави.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)