Еден од командантите на проруските сепаратисти убиен во Украина


 

Убиен е командантот на еден од баталјоните на проруските сепаратисти на истокот на Украина, Михаил Кишчик. Попознат под прекарот Миша Чеченецот, Кишчик загина додека руските трупи и силите на сепаратистите започнаа напад против украинската армија на истокот на земјата.

Премиерот на самопрогласената Луганска Народна Република (ЛНР) Сергеј Козлов на својот профил на социјалните мрежи пишува: „Тажна вест од првата линија. Почина патриотот на ЛНР, потполковник Михаил Кишчик“.

Козлов додава дека Кишчик и неговите другари биле опкружени од Украинци блиску до градот Кремина и „се бореле до последно“.

„Го утврдуваме бројот на загинатите и ранетите“, додава тој.

Кремина е една од точките на линијата на фронтот каде руските сили се обидуваат да напредуваат кон поголемите градови Лисичанск и Северодонецк, кои ги држат украинските трупи.

Кишчик и неговиот баталјон се борат против украинските сили од 2014 година. Во раните фази на конфликтот, тој и неговите борци беа обвинети за ограбување на станбени области во областа Луганск.

Во 2016 година, за време на затишје во непријателствата на истокот на Украина, рускиот независен весник „Нова газета“ објави истражувањега, именувајќи го Кишчик еден од шефовите на шверцерскиот синџир на истокот на Украина. Тој никогаш не ги коментираше наводите.