Џон Ленон и јас бевме пославни од Исус Христос


НАНО РУЖИН

Злоупотребата на господ од страна на политичарите за време на изборните активности стана исплатлив бизнис за сите. Политичарите се претставуваат пред народот како добри верници, исполнители на божјите заповеди и умерени луѓе кои никогаш нема да штедат кога е во прашање црквата

 

De omnibus dubitandum – Во сѐ треба да се сомневаме – порачува Рене Декар уште во 17. век,  кога се работи за догмите на религијата и каташизмот и за сѐ што не е доволно јасно. Тоа мора да се отфрла, сугерира картезијанската мисла. Денес овој слоган се користи во преносна смисла и за искажување сомнеж и критики кон сите самонаречени авторитети, авторитарни лидери, самозаљубени владетели, демагози, популисти, политичари, носители на јавни функции. За таа цел е осмислена слободата на изразувањето и новинарството, како кохерентна алатка за контрола и трансапрентност на власта и еден од клучните критериуми на методологијата на ЕУ за проширување.

Од стекнувањето на независноста до денес, а особено помеѓу 2006 и 2016 година, интелектуалците и политичарите во македонски микрокосмос ја искусија вообразеноста и самоволието на домашните центри на моќ и на нивните баритони. Модерното размислување за политиката е засновано врз филозофијата на сомнежот, за разлика од застареното размислување кое беше засновано на филозофијата на чудење. Во богатата транзициска пракса на просечните балкански лидери не недостасуваа еуфоричните моменти на чудење од сопствената попопуларност меѓу народот која ја споредуваа со онаа на Исус Христос. Во 2008 тогашниот млад лидер на ВМРО-ДПМНЕ го споредуваа со „пастирот“ од Библијата. Тоа неизбежно асоцираше на легендарната изјава на Џон Ленон, лидерот на „Битлси“ кога кон крајот на шеесетите рече: „Сега сме пославни и од Исус Хрисот“. Овој еуфемизам на рокерот го посакува секој балкански политичар, а имаше и сѐ уште постојат и такви кои митомански веруваа дека токму тој е „саканиот пастир“ на народот, избраниот пророк кој ќе ги поведе толпите кон вистинскиот пат.

Денес како постепено да се заборава низ какви авантури и хипнози поминуваше нашиот човек, за време на владеењето на премиерско-председателскиот двоец сѐ до настаните од 27 април 2017. Кога ги споредуваат слободата на медиумите со онаа од времето на  хибридниот режим, односно калта на илибералната демократија, веројатно и самите не можат да се изначудат на сегашниот дух на универзалното критично новинарство. Како поголеми махери за спинување од дружбата на Заев и Спасовски, тие дифузираа маса лажни вести чија моќ е посилна од обична лага. Комбинирајки ги лажните вести со полувистински настани и уфрлени аргументи додавајќи малку миродија за божемната чесна цел, тие создаваат производ кој е тешко контролабилен, слично како компјутерите од филмовите на Кјубрик или јунаците од филмовите со Матрикс. Сепак она што ќе подсеќа на тие матни времиња, освен големите криминални афери, е гигантскиот проект „Скопје 2014“, како вечен споменик на авторитаризмот, демагогијата, невкусот и кичот на режимот. Наместо да се инвестира во клинички центри, наука и образование, се инвестираше во бронзени фигури, стиропорски фасади, антички скулптури и водоскоци, националистички музеи.

Кога во едно плуралистичко општество еден политичар си дозволува таква скапа импровизација со која ја менува физиономијата на градот, само може да го парафразираме Ниче: „Ако постојат богови, како би можел да поднесам да не сум јас еден од нив“.

Скапи костуми и евтини зборови

Во свеста на граѓанинот, освен скапите костуми, бесните возила, дебелите вратови и евтините зборови на политичарите, ништо не остана за паметење од тој розов период на тажната македонска политичка архитектура.

Зошто нашите политичари останаа во дваесеттиот век? Три и пол години од политичките промени во државата, натпреварот на машносаните портпароли и политичари на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се разликува од реториката во деведесетите. ВМРО-ДПМНЕ и натаму покажува силна агресивност, лажни обвинувања, блефира дека „сигурно победуваат, но ете сега не се за избори, бидејки целта им е да победат со апсолутно мнозинство“.  Од друга страна, старата болка на вообразеноста на одредени салонски поединци во СДСМ, наивната полузаинтересираност и инертост му пружа шанси на грогираниот ривал, кој никако да се опорави од Ковид-19. ВМРО-ДПМНЕ мавта со показалецот, настојува да покаже дека народот бил излажан од аферата на векот „Рекет“, заради која создаде дури и сопствен fake news медиум во Италија. Хистерично се бара резервен виновник кој е наводно од „врвовите на СДСМ“ за сѐ што е непријатно во општеството, истакнувајки некои виртуелни вредности кога се во прашање Преспанскиот договор или битката со корона вирусот. Никако да сфатат дека на партијата ѝ е потребна катарза, морално и кадровско прочистување за гревовите од единаесетгодишното владеење. Патем ги запоставуваатсопствените одговорности од минатото и во секоја полугласина со своите мегафони прогласуваат афера на векот. На тоа се навикнаа за време на децениското владеење. Доколку има паметни глави меѓу нив, во што не се сомневам, убеден сум дека ги научиле лекциите на раководењето со државата, без да се повторува авторитарниот модел 2006-2017. Ако Господ си заминал за Будимпешта и веќе не постои, не значи дека сѐ е дозволено. Треба да се престане со потценување и малтретирање на народот, со претераниот политички волунтаризам и да се игра чесна политичка битка.

Вербалната агресија врз умот на народот настанала кога и политиката. ВМРО-ДПМНЕ од 2006 ја усоврши сладострасно, со една атавистичка политичка завист и реваншизам кон политичките противници. Веројатно од тој период потекнува и желбата за постојано дообјаснување, уверување, насочување, подлажување и брутална реторика дека „тој е предавник и криминалец! Тој ја уназади Македонија и го смени името! Затоа, јас сум вашата иднина! Јас сум во право и затоа треба да  гласате за мене!“

Кај нас политиката се сведува на реторика. Малку се работи а многу се зборува. Во дебатните емисии се упаѓа во говорот на политичкиот противник без никакви морални и етички норми, се напаѓа без аргументи, се плета лажна приказна. Зошто е тоа така? Веројатно затоа што политичката сцена е резултат на негативната селекција на партиските филтри, каде главно поминуваат несоодветни лојални кадри, наместо такви чие знаење и комуникативни способности се поголеми. Секој партиски апаратчик настојува да исплете сопствена мрежа на подржувачи, а тука огромна предност имаат молчеливите и лојалните. Една стара арапска поговорка подучува: Господ ви дарил една уста и пар уши. Тоа значи слушај двапати повеќе отколку што зборуваш. Од овој вид вирус болни се сите политички партии во државата.

Политика и религија

За време на претседателската кампања, кандидатот Блерим Река воведе еден релативно нов термин во политичкиот речник на Северна Македонија – републикански вредности. Изразот потекнува од епохата на француската револуција 1789 и ги опфаќа вредностите на слободата, еднаквост пред правдата (владеење на правото), братство (читај меѓуетнички односи), секуларноста и одвојувањето на црквата од државата. Во нашата транзициска епоха имавме проблеми со сите споменати вредности, и затоа разните гарнитури трпеа критики од страна на ЕУ и САД. Сепак, прашањето на секуларноста никогаш не беше третирано со оглед што Уставот ја дефинира Северна Македонија како секуларна држава, со гарантирање на целосни слободи на верската припадност и организирање. Она што збунува е феноменот на практикувањето на религијата  од страна на политичките елити. Разбирливо е што религијата одигра огромна улога во формирањето и зачувувањето на културниот и националниот идентитет на целото јужнословенско подрачје.

По паѓањето на комунизмот, таа „секуларна религија“, како што Хана Арендт го нарекува  марксизмот, Македонците целосно се просветлија во практикувањето на православието. Од верските трансцедентални стандарди не се оградија и продолжувачите на левичарската партиска традиција, кои насекаде во светот го истакнуваат секуларизмот. Можеби тоа е резултат и на големите верижни промени, кога пропадна социјалистичкото општество и кога религијата се појави како еден од најзначајните идентитетски параметри на националниот идентитет, односно како народна, културолошка, цивилизациска и политичка одредница. Во политичкиот свет равенката гласеше на следниов начин – ако си Македонец, треба да си православен; ако си Македонец и православен, нормално е да бидеш во ВМРО-ДПМНЕ. Разбирливо и ВМРО-ДПМНЕ настојчиво се трудеше за одржување на таа љубов особено по 2006. Тогашниот млад лидер нареди строг велигденски пост за раководството и членство, а пратениците изгласаа воведување на задолжителна верска настава во училиштата во секуларната држава Македонија? Секако, предлогот падна на Уставен, а МПЦ фрли анатема врз тогашните пратеници на ЛДП кои го поднесоа текстот до Уставниот суд.

Во современа Европа на сите им е позната штетноста на брачната заедница помеѓу политиката и религијата. Во нашата заедница бевме сведоци на бројни испади од страна на политизираното свештенство и стереотипот за нескромноста и легендата за скапите џипови. Инаку скромноста на духовните татковци се смета една од вредностите на христијанската еднаквост. За жал, во нашето општество голем број политичари наместо да се зафатат со конкретни земски или развојни прашања на егзистенцијата, се зафатија со решавање на метафизички прашања, кои се прашања без одговор. Злоупотребата на господ од страна на политичарите за време на изборните активности стана исплатлив бизнис за сите. Политичарите се претставуваат пред народот како добри верници, исполнители на божјите заповеди и умерени луѓе кои никогаш нема да штедат кога е во прашање црквата, што се покажа и во изградбата на бројни нови духовни храмови.

Тоа не ги научи да бираат меѓу доброто и злото, туку меѓу посакуваното и омразеното. Со секоја донација кон верата, се чистеше душата од бројните гревови и неправди. Од друга страна, и верските татковци ја користат состојбата за да го реконституираат својот општествен и духовен статус и позиција. Нивна заедничка амбиција е постојано да имаат улога на значаен општествен и политички чинител. Тоа им одговара бидејќи го задржуваат позитивниот аспект на нивниот статус во општеството и државата, како од материјален така  и идеолошки аспект. Не напишал залудно Маркс дека „религијата е опиум за народот“.

(Нано Ружин е универзитетски професор)