Игор Џамбазов: Џаро има направено за Македонија повеќе од многу политичари (фото)


Фото: Б. Грданоски

„Мене ми е жал што младиве генерации за Џаро го знаат само по превари и местење утакмици. Не ќе да е така, дечки. Овој човек има направено за оваа држава повеќе од многу политичари. Без разлика на сите прикаски што ќе ги прочитате во книгата. Ги донел најголемите балкански ѕвезди, да ја засакаат Македонија толку многу што до ден денес не ја испуштаат во своите интервјуа, муабети, без разлика дали е Здравко Чолиќ, Бора Чорба, Тереза Кесовија, Мишо Ковач“, рече промоторот, актерот Игор Џамбазов, синоќа, во хотел „Парк“, пред бројните гости од естрадата и медиумите, на втората, свечена промоција на автобиографската книга за естрадниот менаџер Велибор Џаровски-Џаро.

Фото: Б. Грданоски

Таткото и ќерката, тој менаџерска легенда, таа новинарска ѕвезда, прво ја промовираа „ Живот на коцка“ на Саемот на книгата во Скопје, тој во „главната улога“, а Милица Џаровска, како автор и промотор. Книгата е преведена на македонски јазик во издание на издавачкиот центар „Три“, а е напишана  уште пред шест години, но на српски јазик, под наслов „Највечи режисер Титоизма“ .

Фото: Б. Грданоски

Од неговите скромни почетоци, во семејната куќа во населбата Ѓорче Петров, каде што живее и денес, до неговото издигнување како успешен менаџер, книгата ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Со никогаш претходно кажани приказни и инсајдерски сознанија, мемоарите нудат фасцинантен поглед во светот на музиката и спортот во поранешна Југославија.

„Многу пати во јавноста сум ги споделувал моите приказни, но време беше да се стават и на хартија, тие и уште некои, кои досега ги немам кажано. Мојот „живот на коцка“ не се однесува само на коцката, туку на начинот на кој го живеев во едно поинакво време, па затоа ѝ дозволив на ќерка ми да го стави токму овој наслов. Но, и денес, иако побавно се движам, знам да им кажам на помладите: „Јас имам проблем со ногата, немам проблем со главата“, изјави Џаровски.

Фото: Б. Грданоски

„Не беше лесно да се пренесат муабетите на Џаро на хартија, рече синоќа авторката на промоцијата на нејзината прва книга , за која кажа дека ја напишала како да разговара со соговорник , а не со татко. 

Фото: Б. Грданоски

„Живот на коцка“ ме излечи кога се затвори весникот ‘Вест’ во 2016, каде работев. Одеднаш, после 16 години немав што да правам и среќа што бев зафатена со оваа книга. Џаро знае да биде конфузен, да спомне една година на почетокот од приказната, да заврши со друга. Јас немам начин тоа да го проверам затоа што Гугл ги нема податоците за сите тие домови на култура од 1970-те и 1980-те. Па требаше да го препрашувам по неколку пати и знаевме да се скараме, па мајка ми ќе ја прекратеше таа кавга. Не се однесува насловот само на таа коцка која му е пријател цело време, туку на целиот негов бурен живот и неизвесен, кој и сега со неговите 74 години се труди да го негува колку што може. Јас се надевам дека ќе продолжи и понатаму, затоа што поинаку дома ние не сме научени. И ќе ни биде забавно“, рече Џаровска, додавајќи дека има материјал и за продолжение на книгата. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски