Драма на аеродромот во Тел Авив: Шолц излезе од авионот и легна на пистата со другите патници (видео)


Тел Авив– Авионот на германскиот канцелар Олаф Шолц вчера мораше да биде евакуиран на аеродромот Бен Гурион во Израел поради ракетни напади.

Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат како колегите и новинарите кои патувале со германскиот лидер морале да излезат од авионот и да се засолнат лежејќи на пистата, додека Шолц наводно бил евакуиран во засолниште.

Лично видов експлозии на небото додека израелската железна купола (систем за противвоздушна одбрана) пресретна две ракети“, напиша на Твитер Робин Александар, заменик-главен уредник на германскиот дневен весник „Велт“.

Шолц и оние што летаа со него можеа да се качат во авионот неколку минути подоцна, по дополнителна безбедносна проверка, пишува „Билд“.

Германскиот канцелар вчера го посети Израел за да ја изрази својата солидарност со земјата по бруталниот терористички напад на Хамас и да ги деескалира тензиите во регионот, како и да ја подобри хуманитарната помош за палестинските цивили во Газа.

Евакуацијата на неговиот авион се случи токму во моментот кога Шолц планираше да лета за Каиро, каде што денеска требаше да се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах Ел Сиси.

Синоќа голема експлозија погоди болница во градот Газа, при што загинаа повеќе од 500 Палестинци, според палестинското Министерство за здравство, управувано од Хамас. За нападот се обвинуваат двете страни.