Драги соседи: Договор е невозможен со едни освестени, а други замаени – „Споразумението е невъзможно с някои в съзнание, а с други – замаяни“


БОРЧЕ ТРЕНОВСКИ

Како мислите да дојдеме до одржлив договор при една освестена, а друга сѐ уште замаена страна – во таков случај едната страна тешко може да запре во аспирациите спрема другата страна и колку повеќе се замајува, толку повеќе ќе бара другата страна да се освестува

 

Драги мои Македонци и Бугари, понесен од последните случувања и сопствените размислувања би сакал да споделам неколку искрени тези кои му лежат на еден македонски граѓанин и интелектуалец. Не сум историчар, ни политичар затоа ќе се држам до моето разбирање, скромно историско знаење и моето лично чувство – кои се надевам ќе ги разберете.

Говорот на омраза кој последните неколку месеци ескалира во нашите земји не е причина, туку последица од проблемот. Поради тоа санкционирањето на говорот на омраза не е единственото и најефикасно решение кое може да се преземе – клучно е елиминирањето на неговите извори. Како да го елиминираме кога тој е силно поврзан со горчината која ја чуствува нашиот народ од неговото потценување и негирање на неговите корени.

Пријатели Бугари, не треба да ја менуваме тезата и да тврдиме дека ние не можеме да простиме за фашистичкото минато на Бугарија, или дека наративот на спомениците, учебниците, југословенското минато биле причината за антибугарската кампања – да не се преправаме, на сите не ни е јасно дека главната причина е бугарската интенција со промена на тоа минато и таа историја да се „потсечат“ корените на нашиот македонски народ и да се олесните од својот историски багаж, кој иако сѐ повеќе ви тежи – не сакате да го оставите. Извинете, не тврдам дека се правеле тектонски напори за зголемување на нашето пријателството и соработката (барем согласно вашите очекувања), меѓутоа силната антибугарска кампања и небулозни тврдења за домашно антибугарско воспитување кои сега се една од вашите главни заменети тези, разберете немаат врска со вистината и долго време не постојат во нашата држава. Сегашниот македонски револт и незадовоство е исклучително одговор на вашиот недозволен потег на партијата европски шах – кога ја нападнавте нашата кралица со стар пион кој сака да прескокне шест полиња.

Бугарски интелектуалции граѓани, оставете сѐ што имате научено и слушнато до сега (јас се обидов да го направам истото), заборавете на посебните извадоци, делови од определни четива, кој како се нарекувал, која бил предавник, кој зборувал за македонски народ/јазик ама подоцна се покајал, заборавете на барање на „бугарско влакно во македонското јајце“, погледнете ја целината и суштината и размислете со неутрална глава. Прочитајте ја на пример „За македонцките работи“ од Мисирков, видете го мотото на печатот на Македонската револуционерна организација (МРО) – 1893 каде јасно стои „За независна Македонија, за неа ние се бориме, за неа ние мреме!“, прочитајте ги бројните написи во странски/регионални списанија (во Русија, Србија, Бугарија итн.) за борбата за независна Македонија во тоа време, погледнете и многу други оригинални дела и ставови на Христо Татарчев, Гоце Делчев, Никола Петров – Русински, Даме Груев, Никола Карев, Сарафов, Петар Поп Арсов и многу други, прашајте се зошто речиси секогаш има јасна порака во бројни документи, писма за борбата за независна Македонија, посебна од Србите, Грците, па и Бугарите – пробајте ја видите суштината и јасната голема слика, и пробајте барем себеси да се прашате – дали овој народ иако збунет и притиснат, секогаш (многу порано од тоа што вас ве учеле) чувствувал самобитност, дали овој народ имал посебен корен кој сакал да пушти жили и да порасне во независно дрво, иако често му ги кастреле никулците сепак пораснал.

Сѐ уште имаме живи сведоци кои во детали ќе ви ја раскажат Народно ослободителната војна и многу за времето пред неа. Тие знаеле за кого и против кој се бореле – ајде сега кажете ни, како нив да ги „освестиме“. Дали политичкиот договор, на кој вие инсистирате ќе ги освести и ќе направи да заборават сѐ? Како да ги освестиме, кога еден дел од нив живо сведочат како им било на Македонците во српско, како во бугарско, па и во турско време. Дали не е потребно да се запрашате соседи, дали нешто недостига во вашата приказна: дека комунистите „на сила“ ги претвориле Бугарите во Македонци, зошто сега „претопените Бугари“ и после 30 години самостојност не можат да се освестат и сѐ уште се Македонци, зошто секој кој зборувал за македонски јазик и посебност често бил дискредитиран, бил предавник, зошто бугарските историски наративи се менувале низ времето, зошто и како е можно да постои малцинство во Бугарија, кое и после еден век се декларира како македонско, зошто определни книги се запленети и уништени?

Претседателот на бугарската историска комисија по интервјуто на премиерот Заев, замислете повикува тврдењата од интервјуто да се стават во политички договор како гаранција на позицијата, и наведува јасно дека бугарската позиција била монолитна – што значи, сега еве Бугарија ќе разговара, ама ние ништо не мислиме да менуваме, без разлика на науката и фактите. Замислете, додека македонскиот дел од комисијата се повикува на науката, учество на странски експерти/историчари и историските факти, од друга страна претседателот на бугарската комисија се повикува на политички договор за историјата. Дали ова е изјава на историчар или на политичар, нели требаше прво да ги утврдиме фактите и објективната вистина, нели се удиравме во гради дека Бугарија имала факти, нели затоа постои историската комисија?

Драги соседи, запрашајте се зошто определени книги, четива и личности се посочени како непосакувани и замаглени во бугарската јавност, како што јас се запрашувам зошто некои биле затскривани од македонската јавност – само така ќе се приближиме и разбереме. Останатото толкување кое сега се наложува дека само Македонците грешат и дека сакаат да ја украдат нашата вистина, никогаш нема да може да создаде заедничка иднина. Затоа што инсистирањето на таквото прифаќање ќе созададе толкав револт од наша страна што ова никогаш нема да можеме да го заборавиме и ќе го почувствуваме како обид за мирна окупација. 

Драги политичари и историчари, на моите чести посети во Бугарија ми стануваше јасно колку силно се обидувате да му ја раскажувате богатата историја на бугарскиот народ. Дајте им можност на вашите граѓани да ја видат и нашата вистина, како што ние ќе им дадеме шанса да ја видат вашата, па да може сами да утврдат дали вистината е само на едната страна (што ретко е случај кога за нејзина потврда се користи уцена и политика…). Тоа што често ја слушаат само едната страна придонесува голем дел од бугарската јавност да верува дека другите им ја одземаат нивната широка историја и минато, дека поради тоа соседната држава треба да се блокира на европскиот пат, што понатаму ја замаглува реалноста/иднината, спречува заедничка иднина и навестува дека освестувањето кај вас (онаму каде што е потребно), нема да биде ни лесно, ни брзо.

Бугарски пријатели, морате и вие, како и ние, да се освестите и да ја увидите реалноста која иако за нас може нема да биде лесна, верувајте за вас исто така ќе биде уште поголем шок и предизвик. Од ваквиот шок и предизвик сега сѐ уште ве штитат вашите политичари и историчари, кои плетат политичка и историска приказанта која не е без грешка и дилеми. Оваа приказна која во Бугарија е градена со години, ако само ја споредите со други факти и толкувања надвор од националната приказна, ако прочитате што пишуваат реномираните европски историчари и професионалци (како и дел од бугарските)  можете сериозно да се замислите и почнете да се освестувате – се разбира, само ако вие го сакате тоа.

Како мислите да дојдеме до одржлив договор при една освестена, а друга сѐ уште замаена страна – во таков случај едната страна тешко може да запре во аспирациите спреме другата страна и колку повеќе се замајува, толку повеќе ќе бара другата страна да се освестува. Драги соседи, ние го потпишавме Преспанскиот договор, такво „освестување“ не верувам дека има направено кој било балкански, па и европски народ во поновата историја. Имајќи го предвид претходно кажаното сега толку многу сме освестени , што не можеме да дозволиме пак да не замајуваат. 

За насловот кој го напишав и на бугарски јазик, беше неопходно да користам Google translate.

(Борче Треновски е универзитетски професор)