Доста е!


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

На едно од моите патувања, еден Египќанец ме праша од каде сум. Гордо му одговорив дека сум од Македонија и веднаш следуваше прашање колку сме, на што му одговорив дека сме два милиона, а тој полусериозно низ насмевка ми рече – колку мојата фамилија или улицата во која живеам во Каиро. Во Бразил научив што значи далечина и бројност кога, прашувајќи еден Бразилец од каде е ми одговори – живеам блиску до Сао Паоло на 2.000 километри, во мало гратче кое има одвај два милиона жители. Во Кенија, Елвис, човек со кого се спријателив, ме праша од каде сум и попусто му кажав дека сум од Македонија и попусто му објаснував кои ни се соседите, тој утредента донесе карта на светот и држејќи ја, ме замоли да му ја покажам Македонија, никако не можеше да нè најде на картата. Се насмеав и го замолив да го тргне палецот со кој ја држеше картата затоа што ни ја покрил целата држава.
Првата држава е земја на минатото, на фараоните, пирамидите, најголемата библиотека на светот, земја на трите пустини, земја која го сочувала своето минато и живее од него, скапо продавајќи го како туристичка атракција. Втората земја е земја на иднината, земја која нема американски капитал, ги има Амазон и дождовните шуми, ги има природните богатства во вид на сите можни скапоцени и полускапоцени камења.
Третата е земја на сегашноста во која минатото е богато и болно, крваво и ропско, иднината е уште маглива и неизвесна, но со најголемото пристаниште во Африка, со природни ресурси, со сочуваните резервати Серенгети, Тсаво и Масаи Мара, иднината им се насмевнува. Во трите земји живеат муслимани, христијани и хиндуси, но сите тие кога ќе ги прашате ќе ви кажат дека се Египќани, Бразилци и Кенијци и никогаш нема да ја истакнат својата верска или племенска припадност. Сите три народи живеат на многу мал дел од територијата на државата поради пустините, прашумите и саваните, но се горди на себе и на својата држава и веруваат во себе и во својот народ, и покрај тоа што мал дел од нив има три оброка дневно или редовно школување.
Македонија, мојата земја, можеше да биде земја на минатото со Кирил и Методиј и со писменоста која му ја дариле на човештвото. Македонија можеше да биде земја на минатото со Стоби, Хераклеја, Скупи и многу други археолошки локалитети во кои се најдени артефакти од праисторијата, па сè до римскиот период. Можеше да биде земја на минатото со херојската борба против фашистите во не така далечното минато.
Наместо тоа, Македонија стана квазибарокен гипсен панаѓур изложен на потсмев од туристите и насмевка на оние што парите ги сместија на своите конта. Македонија можеше да биде земја на сегашноста во која мултиетничноста и мултиконфесионалноста спојуваат и се богатство на земјата, а не камен на сопнување кој нè тегне длабоко во неизвесноста, на задоволство на неколкуте феудални дрипци седнати на партиските тронови.
Македонија можеше да биде земја на иднината со која ќе се гордеевме само да имавме чесен специјален обвинител, дораснат јавен обвинител и политичари над партиските ситни интереси и личен ќар. Македонија можеше да биде пример за соживот и оаза на мирот, како што некогаш нè нарекуваа, да не дојдеа на чело на државата тапкароши, продавачи на магла, мафијашки тендераши и нафтени профитери. Македонија можеше да биде многу нешта што ќе беа светол пример и гордост за секој Македонец.
Наместо тоа, Македонија е земја со затемнета историја и темна сегашност во која се вечни само ветувањата и лагите. Македонија е земја на полуписмени политиканти и богати криминалци кои се заедно и над законот и во бизнисот. Македонија е земја во која специјалниот јавен обвинител е без искуство, со сомнителен вокабуларен капацитет и извонреден тенисерски потенцијал. Нормално е рекетот да му е најбитен на Ѓоковиќ или Надал, ама не и на Катица. Додуша наградата за играње со рекетот на Вимблдон е неколкукратно помала од онаа игра овде во Македонија која достигнува милионски суми со плаќање во три сета, односно рати. Македонија е земја на прислушувани разговори кои не служат за гонење на криминалот туку за лично богатење или партиско-бизнис дискредитирање.
Македонија е земја на обвинители кои спијат, а се будат по нарачка и кои наместо ѓубрето во својот двор, го гледаат ѓубрето кај комшијата. Ние сме земја на судии сончогледи кои не се вртат накај сонцето туку накај власта. Македонија е земја колевка на писменоста во која повеќе од половината деца се функционално неписмени, а квалитетот на знаењето и образованието е далеку и под Албанија. Ние сме земја на политички лаги и ветувања без исполнување, ние сме земја на реформи без реформи, земја на корупција и политичка проституција.
Македонија е земја на цркви, но никој не верува во Господ, освен кога прошепотува молитва за да му се исполни резултатот на спортската прогноза. Македонија е земја на општа амнезија и селективна амнестија, длабоко поделена по партиските бои и на луѓе над законот и на оние за кои законот важи. Ние сме земја на несреќни родители и иселени деца, земја на секојдневни афери и глупости, земја во која царуваат неодговорност, лицемерност и провинцијализам.
Ние сме земја во која никој не го кажува тоа што го мисли, земја со многу лица и наличја, каде што лагата царува, а вистината е луксуз што никој го нема поради минатото или својата иднина. Ние сме народ со тивко тажен поглед во очите, лековерен поради желбата и потребата да верува, а излажан многупати досега секогаш кога поверувал, со поглед наведнат поради сите срамови на нашите водачи и нивната недоветност или некадарност. Ние сме земја во која нема тајфуни и торнада ниту вулкани и цунами, но секојдневно ни се тресе земјата под нозете и нè поплавува и потопува бран на бескрајна глупост, лицемерност и криминал токму од оние на кои сме им верувале.
Никогаш нема да бидеме големи поради квадратните километри на државата, поради бројноста на населението или природните богатства, туку ќе бидеме големи ако се почитуваме себеси и своите вистински корења, ако го почитуваме својот сосед и неговата различност и сите заедно сплотени ѝ кажеме на децениската политичко-бизнис багра – доста е, претеравте.